Достапни линкови

Една метла, а многу прашина


Скопје- Драган Спасов Дац му дава метла на Зоран Заев на трибината во Карпош, 22.04.2019
Скопје- Драган Спасов Дац му дава метла на Зоран Заев на трибината во Карпош, 22.04.2019

Најавената чистка на Заев по тесното водство на нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски и падот во добиените гласови предизвика реакции од ВМРО-ДПМНЕ, но и од претставниците на владејачкото мнозинство кои бараат да не се казнувала државата поради грешките на СДСМ.

Откако неполни 24 часа по резултатите од првиот круг на претседателските избори премиерот Зоран Заев од митинг во скопско Тафталиџе рече дека ја примил пораката од незадоволните и најави чистка на сите функционери кои ги изневериле граѓаните, не стивнуваат реакциите. Опозиционерите се јавија со критика за задоцнетост, а припадниците на владејачкото мнозинство апелираат за грешките на СДСМ да не се казнува нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека проблемот кој требало “да се исчисти e Зоран Заев”, затоа што не ги остварил ветувањата што им ги дал на граѓаните.

“Ставот дека сите други погрешиле, но само тој е чист, е потценување на граѓаните”, напиша Мицкоски повикувајќи да се гласа за нивната опција во вториот круг на изборите на 5 мај.

Нивната кандидатка за претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша:

„Се чудам од каде “смрдеше рибата?! Народот ќе ви ја испорача “Метлата” на 5 мај!“.

Без реакција не останаа ниту функционерите од СДСМ. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека процесот на утврдување на индивидуална одговорност е започнат во СДСМ и им се заблагодари на граѓаните што им ја упатиле опомената. Шилегов најави дека по изборите ќе се утврдувала индивидуалната одговорност на секој поединечно во рамки на институциите што ги води.

“За нас во овој момент фокусот е на претседателските избори и ги повикувам граѓаните што помасовно да излезат, ако не биле задоволни од владеењето на СДСМ, не треба да ја казниме нашата држава и да ја вратиме децении и децении наназад”, рече Шилегов.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, пак, истакна дека во неговата општина, Пендаровски извојувал победа но дека се согласува оти има намалување на гласовите.

“Но, најверојатно тоа е порака дека некои работи што сме ги ветиле и сме почнале да ги реализираме, можеби треба со одредена побрза динамика да се реализираат и тоа е разликата меѓу нас и претходната власт, што ваквите работи и ваквите пораки од граѓаните најдиректно и најсериозно се сфаќаат од наша страна и веднаш ќе почне да се постапува подинамично”, рече Богоев.

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев синоќа рече дека ја примил пораката и дека им возвраќа на граѓаните со тоа дека ќе има “чистка на сите функционери кои немаат капацитет да му служат на народот”. По ваквата изјава актерот Драган Спасов- Дац, кој беше присутен на трибината му подари метла на Заев.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG