Достапни линкови

800 милиони евра од пакетот „Тим Европа“ за Западен Балкан и Турција


Илустрација - Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и птретседателот на Советот на Европа Шарл Мишел

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји денеска изјави дека Европската Комисија пренасочува 3,8 милијарди евра фондови за Западен Балкан и соседите на истокот и на југот на ЕУ за помош во борбата против коронавирусот, јави дописничката на МИА од Брисел. Ова е дел од стратегијата на Европската Унија за глобален одговор на пандемијата најавена вчера од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која порача дека е исклучително важно ЕУ да биде подготвена да им помогне на третите земји во оваа борба, посебно африканскиот континент.

„Како дел од нашиот глобален одговор на пандемијата со коронавирусот, пренасочуваме над 3,8 милијарди евра од планираните фондови за Западниот Балкан и нашите непосредни соседи на истокот и на југот, таму каде што им се вистинските потреби денес: итен одговор на здравствената криза, за зајакнување на здравствените системи и ублажување на социоекономските последици од пандемијата, делиме континент и можеме да успееме само заедно“, рече Вархеји.

Пакетот „Тим Европа” има за цел да им помогне на сите глобални партнери на ЕУ ширум светот преку земјите членки но и финансиските институции на ЕУ, посебно Европската инвестициска банка, и Европската банка за реконструкција и развој.

Првите пакети „Тим Европа” веќе се применуваат на Западен Балкан, соопшти ЕК.

„ЕУ ќе продолжи да го прилагодува својот одговор како што ќе се развива состојбата и ќе се фокусира на погодените земји кои имаат потреба од здравствена поддршка како што се земјите во Африка, во соседството, Западниот Балкан, Блискиот Исток и Северна Африка, делови на Азија и Пацификот, Латинска Америка и Карибите“, информираат од ЕК и додаваат дека најголем фокус ЕУ ќе стави на најранливите групи како што се бегалците и внатрешно раселените лица.

Вкупниот пакет изнесува 15,6 милијарди евра, од кои 3,25 милијарди се наменети за Африка, 800 милиони евра се за земјите од Западен Балкан и Турција. Земјите од јужното соседство на ЕУ ќе добијат 2,1 милијарда евра, а источните соседи 962 милиони евра. Азија и Пацификот ќе добијат 1,22 милијарди евра.

XS
SM
MD
LG