Достапни линкови

Владата има ветер во грб од УНЕСКО, но има ли и време за резултати за Охрид?


Поглед на Охрид
Поглед на Охрид

Спроведувањето на препораките на УНЕСКО во Охрид ќе биде олеснето со усвојувањето на предложениот Закон за заштита на Охрид, кој ќе овозможи воспоставување на шестмесечен мораториум на градби, но и со Планот за менаџмент со кој ќе бидат направени зони, вели министерот Едмонд Адеми.

Сметавме дека е важна политичка порака УНЕСКО да не го стави Охридскиот регион на листата на светско културно наследство во опасност, но и ветер во грб за Владата во новиот рок од шест месеци да испорача резултати во спроведувањето на препораките на организацијата на Обединетите нации, вели министерот без ресор задолжен за дијаспора, кој ја предводеше македонската делегација на 34-сесиија на Комитетот за светско и културно наследство на УНЕСКО.

Во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, Адеми смета дека оваа Влада ќе испорача резултати до февруари 2020 година во однос на спроведување на 19-те препораки на УНЕСКО, главно преку подготовка на Планот за менаџмент и донесувањето на Законот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

„Има во тие препораки краткорочни обврски кои сметам дека можеме да ги завршиме, како што е Планот за менаџмент, кој во моментов се работи од страна на Министерството за животна средина и Министерството за култура. Веруваме дека до крајот на септември ќе го имаме првиот драфт кој потоа ќе го испратиме до УНЕСКО на разгледување и ќе оди на јавна дебата овде во Македонија, за во декември да биде усвоен соглaсно агендата и заклучоците на Владата од 11 јуни, каде секоја институција има точно определени обврски и рокови“, вели Адеми.

Тој додава дека Законот, кој е во собраниска процедура, ќе овозможи шестмесечен мораториум на градби, а со Планот за менаџмент Охридскиот регион ќе добие зони и ќе може да се менаџира како една целина. Исто така Адеми изрази надеж дека освен подготвениот регистар за дивоградби од страна на општина Охрид, оти тоа ќе го направат и општините Струга и Дебарца.

Од друга стана, граѓанските еколошки организации од земјава повеќепати укажуваат дека ако Охрид во Баку добиеше статус на светско наследство во опасност, државата ќе добиеше неопходна помош од УНЕСКО за изготвување план со мерки за справување со заканите врз регионот.

Тие велат дека земјата не ја претставува вистинската состојба во Охрид, особено во однос на дивоградбите и според нив на тој начин нема да биде направен план кој ќе ги даде посакуваните резултати.

Професор Трајче Талевски од граѓанската организација „Охрид СОС“ вели дека со неисполнувањето на најмалку 15 од вкупно 19 препораки на УНЕСКО и со носењето на закони и регистри во последен момент, не гледа посветеност на властите на проблемот со УНЕСКО.

„Мислам дека сите се изненадија од одлуката што беше донесена како предлог во Баку, целиот Охридски регион да биде ставен како светско наследство во опасност. Видовме премногу ангажман во последниот месец, а премалку ангажман во изминативе две-три години од кога дојде реактивната мисија на УНЕСКО и откако дојде целиот извештај со сите 19 забелешки што требаше досега владата барем половината да ги изреализира и да бидат веќе завршена работа“, вели Талевски.

Министерот Адеми ги негира тврдењата на дел граѓански организации дека македонската делегација во Баку презентирала закон кој не е ист со оној кој е доставен во Собранието. Тој вели дека во јануари до УНЕСКО била испратена една верзија на Законот, а во април е пратена втора верзија која била усвоена во Владата.

„Не е точно дека во Парламент е пратена една верзија, а во Баку друга. Законот има процес, меѓутоа во УНЕСКО се пратени и двете: првичната во јануари и втората е во април од кога работната група го усогласи целиот процес“, вели Адеми.

Во мај оваа година УНЕСКО во нацрт извештај препорача Охридскиот регион од културно и природно наследство да се стави на листата на загрозено светско наследство, главно поради недоволен напредок во решавањето на проблемите и постојаните закани и опасност од големите инфраструктурни и развојни проекти.

Во извештајот беше наведено дека малку е направено и за имплементација на приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.

„Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот“, беа дел од заклучоците на УНЕСКО.

Сепак во Баку УНЕСКО не го стави Охрид на листата „светско и културно наследство во опасност“, туку даде рок до 1 февруари 2020 државата да достави извештај за напредокот во остварувањето на останатите препораки на УНЕСКО, врз основа на кој се очекува организацијата повторно да го разгледува случајот со Охридскиот регион на следната седница на Комитетот во јуни идната година.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG