Достапни линкови

Богатите побогати, сиромашните посиромашни


Богат и беден, слика од непознат автор од 17 век

Минатата година 26 најбогати луѓе поседувале богатство колку посиромашната половина планета, односно 3,8 милијарди луѓе, наведува хуманитарната организација Оксфам. Според нив, богатите стануваат сè побогати, а сиромашните повеќе осиромашуваат.

Богатството на милијардерите минатата година се зголемило за 12 отсто, додека „богатството“ на најсиромашните 3,8 милијарди луѓе, односно половина планета, се намалило за 11 отсто, покажува извештајот на хуманитарната организација Оксфам, објавен денеска, по повод почетокот на Светскиот економски форум во Давос.

Најбогатите еден отсто жители на светот поседуваат 45,6 отсто од богатството создадено во 2018 година, што е повеќе од 2017 година кога тој процент бил 42,3 отсто, се наведува во извештајот „Јавно добро или приватно богатство?“

Извештајот покажува дека најбогатите 26 луѓе минатата година поседувале исто колку посиромашната половина од планетата, односно 3,8 милијарди луѓе.

Во 2017 година богатство колку половина планета поседувале 43 најбогати.

Портпаролот на Оксфам за Еуроактив изјави дека, иако податоците се менуваат од година в година, долгорочниот тренд укажува на зголемување на нееднаквоста во последните десет години.

„Вредноста на богатството на милијардерите се менува од недела во недела, од месец до месец, но нивното богатство во последните 10 години растело во просек за 11 отсто годишно, а бројот на милијардери е удвоен од финансиската криза пред 10 години“, рече портпаролот на Оксфам.

Тој додава дека мала група луѓе, главно мажи, поседуваат неверојатно богатство и оти „тоа ниво на нееднаквост не е ниту прифатливо, ни одржливо“. Во извештајот се наведува дека рекордното богатство на супер-богаташите е последица на незапаметеното ниво на избегнување на даноци и даночни затајувања.

„Највисоките стапки за данок на богаташи и корпорации се пониски отколку во претходните децении“, стои во извештајот во кој се наведува дека само четири проценти од даночните приходи доаѓаат од даноците кои ги плаќаат богаташите.

Според извештајот, во богатите земји просечната највисока стапка за данок на приход паднала од 62 отсто во 1970 на 38 отсто во 2013 година, додека во земјите во развој таа стапка во просек е 28 отсто.

Исто така се наведува дека во некои земји, како Бразил и Велика Британија, десет отсто од најсиромашните за данок издвојуваат поголем процент од своите приходи отколку 10 отсто од најбогатите.

Најбогатите луѓе во светот од даночниците скриле 7,6 илјади милијарди долари, додека компаниите кријат големи суми на офшор дестинации. Со тоа ги лишуваат земјите во развој од 170 милијарди долари, наведува Оксфам.

Организацијата повикува да се преземат конкретни чекори да се намали нееднаквоста, која, како што оценуваат, „не е неизбежна, туку е политички избор“.

„Владите треба да ги насочат напорите за да земат повеќе од многу богатите за да им помогнат на сиромашните“, наведува невладината организација, која сугерира најбогатите да плаќаат дополнителен данок од 0,5 отсто на своето богатство.

На тој начин би се обезбедиле пари за финансирање на образованието на 262 милиони деца кои не одат на школо и да се обезбедат здравствени услуги кои би помогнале да се спасат 3,3 милиони луѓе.

Оксфам наведува дека голем проблем е кај жените и кај децата, чии потреби за услуги во образованието и здравството се големи, а тие имаат најмал пристап до пари.

„Ако целиот неплатен труд на жените во светот го обавува една компанија, таа би имала годишен промет од 10 илјади милијарди долари или 43 пати повеќе од Ејпл“, се наведува во извештајот.

Оксфам заклучува дека општествата во кои постои нееднаквост се под поголем притисок, се помалку среќни и имаат повеќе ментални болести. Организацијата повикува на изградба на похумана економија во која владее еднаквост и се цени она што навистина е важно.

XS
SM
MD
LG