Достапни линкови

Адвокати бараат прекин на судењата, Кривичниот суд апелира да нема манипулации


Седумдесет и пет адвокати денеска побараа да прекинат времено сите судски постапки, освен оние каде што се одлучува за определување притвор, Владата да донесе уредба со која ќе се спречи застарување на предметите, судските сали да се дезинфицираат по секое рочиште и да се обезбедат заштитни маски и ракавици за секое лице што ќе влезе во судовите.

Според адвокатите, Кривичниот суд – Скопје врши „директна повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, со самото тоа што се одржуваат рочишта на кои присуствуваат повеќе од пет лица“. Со тоа, како што се наведува во барањето на адвокатите, се загрозува и здравјето на бранителите во предметите.

По ова реагираше Основниот кривичен суд Скопје, од каде побараа дел од адвокатите „да не манипулираат со јавноста во однос на условите за водење на судските расправи и почитувањето на мерките во однос на превенција за ширење на вирусот Ковид -19“.

„Судот, согласно одлуката на Судскиот совет и Министерството за правда, изготви листа од околу 300 итни и неодложни предмети кои се насрочени во текот на месеците март и април, од која листа во судот на дневна основа се насрочени не повеќе од 10 судења и тоа во зграда со 25 судници распоредени на седум ката. Токму затоа и судењата со поголем број странки се одвиваат во една од трите поголеми судници каде има доповолно простор и одалеченост меѓу присутните како што беше и денешниот пример со предметот во јавноста познат како ‘Титаник’ на кој во делот за јавност имаше и присутни претставници на медиумите“, велат од Судот.

XS
SM
MD
LG