Достапни линкови

Украдените пари тешко ќе се вратат


Финансискиот криминал досега поминувал неказнето поради немање политичка волја, но постојат и системски слабости во потрагата по излеаните пари. СЈО соопшти дека нивна цел е незаконски стекнатиот имот да се врати во буџетот.

Истрага за перење пари и финансиски криминал е новата задача на Специјалното јавно обвинителство по одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за помилување на политичари и од власта и од опозицијата. Јанева најави дека ќе го истражува периодот од 2008 до 2015. Според податоците од Глобал Фајненс интегрити во период од 2008 до 2013 година од Македонија се одлеале 3,384 милијарди долари. Сублимирано со претходните години во просек на незаконски начин се излевале по 516 милиони долари годишно.

Тоа значи дека не функционира системот, ако вие имате корупција од највисокото место во државата, ако имате заробен систем, заробени институции ако имате партиски војници во тие институции кои му одговараат само на еден човек кој се претвара во фирер, тие нема да ја завршат работата.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Управата за финансиско разузнавање речиси секоја година добива по над 150 извештаи од банките за сомнителни трансакции од кои по спроведена проверка околу 30 се препраќаат до надлежните институции за истрага поради основано сомневање. Правен епилог за кривичните дела перење пари и финансиски криминал ретко се гледа во Македонија.

Овие податоци укажуваат дека во земјава финансискиот криминал досега поминувал неказнето.

Поранешниот гувернер на Народна банка Петар Гошев во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе се објави в недела вели дека сериозни пари се излеваат од земјава, а причината за досегашната неказнивост е недостигот на волја а не капацитет на институциите.

„Тоа значи дека не функционира системот, ако вие имате корупција од највисокото место во државата, ако имате заробен систем, заробени институции ако имате партиски војници во тие институции кои му одговараат само на еден човек кој се претвара во фирер, тие нема да ја завршат работата, независно од тоа колку банките за колку случаи ќе поднесат информација дека чувствуваат дека таму има сомнителна трансакција и системот ќе биде блокиран.“

Поранешниот директор на финансиската полиција Миодраг Лабовиќ, вели дека постојат системски слабости во потрагата по излеаните пари.

„Секако дека има определени слабости во самиот систем кои во одредена комбинација на тие таканаречени индивидуални и субјективни слабости доведуваат до оваа, како што рековте, негативна состојба.“

Надлежни за спроведување на истраги се Агенцијата за финансиско разузнавање и финансиската полиција во координација со Јавното обвинителство и Специјалното јавно обвинителство, поради индиции кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

Во презентацијата на последниот предмет на СЈО „Транспортер“, обвинителската Фатиме Фетаи посочи дека случајот го преземале од битолско Јавно обвинителство кое започнало истрага и вештачење и тука завршила нивната постапка.

Јанева порача дека една од нивните цели е незаконски стекнатиот имот да се врати во буџетот, а според нивните податоци одлеани се многу пари од македонскиот буџет во приватни џебови.

СЈО продолжува со работата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG