Достапни линкови

Амбасадорите ќе го поместат датумот за избори?


Од СДСМ се одлучни дека нема да одат на избори во април, од ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од договорениот термин, па одлуката на амбасадорите можеби нема да ги натера да попуштат во позициите.

Оценката на Европската унија и на Соединетите Американски Држави за условите за изборите, која за до 20 месецов ја најавија амбасадорите, може да нема никаков ефект врз одлуките на македонските партии, ако се суди по брифинзите кои доаѓаат од двете страни.

Затоа мислам дека позицијата и опозицијата нема да се договорат сè додека странците не извршат доволно притисок за да се прифатат реалните состојби.
Никола Дујовски, универзитетски професор.

Од СДСМ велат дека веќе имаат донесено одлука на централниот одбор на партијата дека нема да учествуваат на избори на 24 април, оти не се исполнети условите тие да бидат фер и демократски.

„Се надеваме дека амбасадорите реално ќе ги согледаат работите и дека ќе констатираат дека апсолутно нема услови за фер и демократски избори на 24 април“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак се чинат одлучни да не отстапат од терминот.

„Датумот 24 април е изгласан од сите четири партии и влезен во закон и истиот претставува обврска за сите. СДСМ ја има контролата врз МВР и ДИК и нивна е најголемата одговорност за исполнување на условите за одржување на фер и демократски избори“, велат од владејачката партија.

Според професорот Никола Дујовски партиите изгледа дека нема да попуштат од своите позиции.

„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да оди на избори на 24 април по која било цена. Од друга страна, исто така доста сум сигурен дека СДСМ на 24 април, односно се додека не се решат прашањата што и ден-денеска се на мртва точка-државната изборна комисија која е формирана и во полн состав речиси и да не функционира освен неколку протоколарни средби, медиумите остануваат отворено прашање. Затоа мислам дека позицијата и опозицијата нема да се договорат сè додека странците не извршат доволно притисок за да се прифатат реалните состојби“, вели Дујовски.

Покрај брифинзите на партиските претставници и лидерите на партиите деновиве се чинеа одлучни. Во петокот претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека на 24 април избори немало да има, наведувајќи дека законски нема време за прочистување на избирачкиот список, споменувајќи ги како датуми 5 јуни и 5 јули. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски пак вчера нагласи дека избори на 24 април ќе имало и дека тие ќе биле фер и демократски а слична најава имаше и од лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Најважно, пред сè е да се создадат услови за такво нешто без декларативно од денеска да велиме дека сме ја завршиле работата. Најверојатно на 20 февруари ќе треба сите заеднички да седнат позицијата и опозицијата во Македонија, заедно со сите претставници, со меѓународните организации, Европската комисија и тогаш да се разговара за терминот за избори“, вели Дујовски.

Покрај очекувањето на оценката на амбасадорите која според најавите ќе стигне четири дена пред распуштањето на собранието изгласана за 24 февруари, во земјава се очекува пристигнувањето и на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG