Достапни линкови

Дождот ги смири мигрантите


Дождот ги смири мигрантите на границата со Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

Дождот ги смири мигрантите на границата со Грција

Мирно е денеска на македонско-грчката граница, но синоќа мигрантите се обиделе да остранат дел од жицата и да влезат на македонска територија. Полицијата и војската поради пораст на илегалните минувања надвор од котата 59 кај пругата го засилиле обезбедувањето на границата.

На дивиот премин кај пругата на македонско-грчката граница денеска е мирно. На пругата имаше распоредено само четворица полицајци, додека од грчка страна на границата, пругата ја блокираат само неколкумина мигранти од Иран и Бангладеш. Сепак од грчка страна на границата има импровизиран камп со неколку стотици луѓе од невоени подрачја на кои не им е дозволено да ја преминат границата и да влезат во Македонија.

Македонско-грчка граница. 26 ноември 2015.
Македонско-грчка граница. 26 ноември 2015.

Полицијата вели дека вчера неколку десетици мигрантите се обиделе насилно да ја минат границата, но дека денеска е мирно. Тие велат дека најголемите проблеми ги прават Мароканците, додека Иранците се многу мирни. Полицијата забележала пораст на илегалните минувања надвор од котата 59 кај пругата па поради тоа е зголемено присуството на специјалните сили и војници за обезбедување на границата. И денеска се пропуштаат само бегалци од Сирија, Ирак и Авганиста, додека ги спречува економските мигранти од невоените подрачја, како што се оние од Иран, Бангладеш, Пакистан, Мароко, Алжир и други земји.

Македонската полиција го презема овој чекор откако границите почнаа да ги затвараат и другите европски држави. Во прифатниот камп на македонско-грчката граница по заминувањето на возот останаа само стотина бегалци. Се жалат дека им е студено и дека многу време чекале за регистрација во Македонија. Од друга страна македонските власти велат дека во земјава влегуваат над 2 илјади луѓе и оти треба време да се регистрираат. На северната граница пак, во Табановце нема задржувања на бегалци, велат од МВР.

МВР соопшти дека вчера се издадени потврди на 2 илјади 724 странски државјани од кои 216 се деца кои патуваат без родител. Најбројни се луѓето од Сирија, потоа следуваат Авганистан и Ирак.

Во изминатите 24 часа до Секторот за азил не се поднесени барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, но такви барања вчера поднеле 20 луѓе во Прифатниот центар за баратели на азил во дневниот регистар. Мобилните тимови на Црвениот крст во изминатото деноноќие на „Табановце“ укажале прва помош на 118 лица и транспорт до болница на едно лице. Во Гевгелија прва помош добиле 525 лица. Поделена е и вода, чоколадно млеко, пакети со хигиена, бисквити, кебиња, чорапи, кабаници, ...

Мигрантите биле тема на разговор на средбата меѓу министерот за надворешни работи Никола Попоски и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини во Брисел. Попоски рекол дека Македонија ќе ги превземе сите мерки за спречување на нелегални преминувања и за обезбедување на својата граница.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG