Достапни линкови

ЕУ ќе го брани достоинството на мигрантите


ЕУ ќе го брани достоинството на мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

ЕУ ќе го брани достоинството на мигрантите

Европската унија повика на акција за, како што е соопштено, одбрана на достоинството на мигрантите. До ова доаѓа пред најавениот итен министерски состанок со цел намалување на тензиите на европските јужни граници поради ескалацијата на мигрантската криза.

Министрите за внатрешни работи на Европската унија на 14 септември во Брисел ќе одржат итен состанок за кризата со мигрантите, соопшти претседавачот со Унијата, Луксембург. Во соопштението се наведува дека состојбата со мигрантите и бегалците надвор и во границите на Европската унија неодамна примила невидени размери. Состанокот, како што е соопштено, би бил обид за поцврст европски одговор на бранот мигранти.

„Европа треба да престане да се поместува и да почне да се движи“, изјави италијанскиот премиер Матео Ренци, кој уште еднаш побара порамноправно распоредување на мигрантите меѓу 28 членки на Европската унија.

До крајот на годинава треба да се утврдат таканаречени „жешки точки“ и да се воспостават центри во Грција и Италија каде што бегалците би се идентификувале и регистрирале што на властите ќе им помогне побрзо да утврдат на кој му е неопходна заштита.

Европа се соочува со рекорден број луѓе, околу 300 илјади од почетокот на годинава, во кризата која ги покажа големите разлики во самата Унија.

Шефот на француската дипломатија Лорен Фабиус оцени дека е скандалозно тоа што некои источно европски земји одбиваат да прифатат повеќе мигранти.

Според него, изградбата на ѕид во Унгарија за спречување на мигрантите немало ништо заедничко со европските вредности.

Тоа веднаш предизвика остра реакција од Будимпешта за која коментарите на Фабиус биле шокантни и без основа.

До кавгата меѓу Франција и Унгарија дојде во момент кога министрите за внатрешни работи на Германија, Франција и Британија побараа подобро регулирање на состојбата со бегалците кои пристигнуваат на југот на Европа.

Томас де Мезиер, Бернар Казнев и Тереза Меј оценија дека до крајот на годинава треба да се утврдат таканаречени „жешки точки“ и да се воспостават центри во Грција и Италија каде што бегалците би се идентификувале и регистрирале што на властите ќе им помогне побрзо да утврдат на кој му е неопходна заштита.

Германија во која годинава голем број луѓе од балканските земји поднесоа барање за азил, сака што побрзо да се утврди кои земји се сигурни, што би го олеснило враќањето на одбиените подносители на барање за азил.

Берлин, Париз и Лондон предлагаат итно воведување систем на решавање на барањата за азил, како и брзо враќање на мигрантите кои немаат причина ни основа за тоа.

Во меѓувреме, Австралија побара повеќе европски земји да земат учество во воздушните напади врз милитантите на Исламската држава во Сирија и Ирак со цел да се стави крај на кризата со мигрантите во Европа.

Шефицата на австралиската дипломатија Џули Бишоп оцени дека милитантите на ИД, главно, се одговорни за раселувањето на милиони луѓе во Ирак и Сирија.

„Неопходен ни е обединет фронт со цел да ја победиме оваа терористичка организација која присили многу луѓе да ги напуштат нивните домови“, изјави таа, додавајќи дека 60 земји помагаат во воздушните напади предводени од Соединетите Држави, но оти повеќето од нив не се инволвирани во самите напади.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG