Достапни линкови

Опозицијата ќе се врати, а демократијата?


Постои сомнеж дека со враќањето на пратениците од опозицијата во Парламентот ќе се врати и демократијата, бидејќи веќе се имаат изгубено демократските навики кај пратениците, велат аналитичарите.

Шанса за нормализација на политичката состојба во Македонија, но не и гарант за демократизација на процесите. Вакви се очекувањата на аналитичарите откако е извесно дека по година и половина од одлуката за бојкот донесена дента на изборите, опозицијата од вторник се враќа во Парламентот.

Парламентарното мнозинство очигледно ќе добие налог од централата да глуми демократија бидејќи и самата партиска централа во овој период месец-два глуми демократија.
Здравко Савески, политички аналитичар.

Само по себе тоа не мора ништо да значи, оценува политикологот Здравко Савески потсетувајќи дека опозицијата и кога беше во парламентот политичкиот дијалог се влошуваше, а демократските процеси назадуваа. Тој додава дека за да не биде сведено учеството на опозицијата само на давање на легитимитет на власта морало да се избегнува принципот на мајоризација.

„Парламентарното мнозинство очигледно ќе добие налог од централата да глуми демократија бидејќи и самата партиска централа во овој период месец-два глуми демократија и глуми имање слух за проблемите на граѓаните така што барем на почетокот очекувам да има одреден исчекор, но она што мене лично ме плаши е дека веќе се имаат изгубено оние демократски обичаи и навики кај пратениците“, вели Савески.

Со самиот факт што договорот од Пржино и преку работните групи се разработуваат деталите во врска со тие теми Парламентот ќе биде само гласачка машинерија која ќе ги потврди одлуките на работните групи.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, смета дека не може да се очекува некаква изненадна демократизацијата на македонската политичка елита, нагласувајќи дека овој парламент е со краток мандат, бидејќи веќе се знае дека во април ќе има избори. Според него не треба да се изуми и фактот што работната група за договорено од јуни и јули ќе продолжи со паралелна работа за клучните договорени прашања што треба да се реализираат до изборите.

„Со самиот факт што договорот од Пржино и преку работните групи се разработуваат деталите во врска со тие теми Парламентот ќе биде само гласачка машинерија која ќе ги потврди одлуките на работните групи, така што според мене и самата дебата ако се одвива во врска со овие теми за кои претходно ќе се договорат работните групи ќе биде само фарса или тенденција да се покаже дека придобивката е на страната на таа политичка партија која аргументира“, вели Муслиу.

Враќањето на СДСМ во Собранието на први септември е предвидено со договорите од 15 јули и од 2 јуни. Во нив се прецизира дека СДСМ ќе раководи со анкетната парламентарна комисија основана со скандалот со прислушувањето и комисиите за откривање и интервенција во комуникациите. Првиот извештај на овие комисии ќе биде изготвен во ноември 2015 година.

Според договорот по враќањето на СДСМ во Собранието, сите материјали кој ги поседуваат или кој било друг, ќе бидат поднесени до Јавното обвинителство за итна постапка.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG