Достапни линкови

Љубојна е доказ дека музиката успева


Интервју со Вера Милошевска-Љубојна
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:37 0:00

Интервју со Вера Милошевска-Љубојна

Добар производ ќе го најде патот. Успева. Тоа е она што ѝ недостасува на Македонија, вели Вера Милошевска, пејачка на групата Љубојна, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

За релативно кратко време едноподруго се случија неколку стилски различни концерти на ЉУБОЈНА. Настапивте на „Пивофест“ во Прилеп, потем на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран, па бевте во Овчарани, леринско и еве во Битола со вашиот пријател, кларинетистот Исмаил Лумановски како гостин во проектот „Шербет ЉУБОЈНА“. Од каде потребата за ваква засилена активност?

Потребата на секој уметник, на секој музичар, е веројатно да ѝ овозможи на публиката што повеќе појавувања и што повеќе музика. Секоја група тежи кон тоа да има што повеќе настапи на што повеќе фестивали. На крајот на краиштата на Македонија ѝ треба добра музика. Тоа сум сигурна. Како и секаде во светот луѓето се жедни за убав нов, свеж звук и се радувам што ЉУБОЈНА успева тоа постојано да го прави – од година за година, дури од фестивал до фестивал. Дури да речеме дека на „Пивофест“ не е ист амбиентот како на „Д Фестивал“, што значи дека овде имате различен пристап на самиот артист, односно ЉУБОЈНА се појавува во нијанси кога е тоа потребно. Се наоѓа патот на добрата музика. Тоа е убаво и мислам дека тоа е идеал за секој бенд, за секој музичар, за секој уметник.

„Последниов концерт на Хераклеа е практично и вовед во новиот проект на ЉУБОЈНА. Каде е насочен следбеникот на полу-приватниот „Незгаснати огништа“?

После „Незгаснати огништа“, музиката на ЉУБОЈНА си доби уште една нова стилска фигура, во смисла на тој „chill out“, таа спокојност на музиката, таа легнатост за разлика од „Brass Fantasy“ кој пршти од енергија. Тоа е некако патот на овој звук на ЉУБОЈНА или ако сакате ЉУБОЈНА БРАС ФАНТАЗИ, кој ќе биде фактички комбинација од овие два албуми и ќе има сосема нов правец. Ќе ја разбива онаа „патетика“ на која што сме научени да зборуваме или со која што сме научени да се однесуваме со таков пиетет да се однесуваме кон сопствената народна музика. Еве „традиционална“ ако сакате. Ова ги разбива тие моменти. Зошто? Заради тоа што тоа е една прекрасна музика којашто не постои во светот на традиционалните музики или е нешто што не е излезено од традиционалната музика. Треба всушност да се покаже каква е современата музика и дека современа македонска музика е еден многу интересен правец кој во моментот не само што зема замав, туку верувајте конкурира на многу сериозни брендови веќе, на Балканот посебно.

Ако овој проект е нешто што ќе биде реалност во блиска иднина, кој сè е планирано да земе учество во него?

Очекуваме тоа да се случи на почетокот од есента. На овој албум свират многу музичари и прилично долго се подготвуваше токму поради тоа што во студиото се извртеа многу луѓе. Дел од нив веќе беа видени на сцената на Универзална сала на концертите од крајот на минатата година. Значи тука се Џамбо Агушев, Васил Хаџиманов, бројни музичари од Македонија и наши дамнешни соработници. Со нетрпение чекам да го чуе публиката и да види што ЉУБОЈНА ѝ подготвувала ова лето. Посебно му се радувам на моментот кога албумот ќе им падне во раце во рацете на младите луѓе.

Има ли објавата некаков работен наслов?

Работниот наслов е едноставен, „Brass Fantasy 2“. Идејата е да биде едно звучно патување и да ги спои буквално различните меридијани на земјинава топка од точка во точка. Фактички е некаква врска на музиката која ние си ја замислуваме. Како спојување на некои оддалечени полиња во светот. Всушност скоро секоја музика или дел од таа естетика може да се пронајде во некаков музички јазик кој го познавате. Конкретно еве јас - македонскиот музички јазик. Тоа патување започна со „Кратово виа Бразил“, тема на која ние ѝ дадовме таков еден дух, песна што ја свиревме на овие концерти и којашто беше многу добро прифатена. Тоа е она што ми се чини дека е хитот на ЉУБОЈНА за летово и што го пласираме како новост за да го означи правецот на таквото отворено патување. Овде рака под рака одат многу музики, ем-си со скреч, со сè заедно. Албумот оди по една многу интересна звучна патека.

Колку во целата таа приказна важен чинител е еден врвен кларинетист со интернационална репутација како Исмаил Лумановски со кого го реализиравте проектот „Шербет ЉУБОЈНА“ и концертот на „Илинденски денови“ во античкиот локалитет Хераклеа?

Со Исмаил имаме многу убава соработка. Јас многу се израдував бидејќи повторно излеговме заедно на сцена. Секогаш е голема радост кога ќе излезеш со МУЗИЧАРИШТЕ на подиум затоа што она што го споделуваме е моментот на нашето уживање. Останатото за нас како и за секој обичен граѓанин е работа. Кога ќе ја споделиме музиката, кога таа меѓу нас ќе проструи, нема како да не дојде до публика. Тука не зборуваме за некое момче кое отишло во Њујорк, во Америка да студира музика, туку за голем мајстор. За виртуоз. Ова не е виртуоз само во македонски рамки, ова е виртуоз од светски рамки. Луѓе кои што се талентирани се немерливи. Не можеш да ги локализираш. Не можеш да ги ставиш во една дефиниција и да ги објасниш. Тоа е едно дете кое навистина порасна во прекрасен музичар. Невидено задоволство е да имаш таков солист покрај себе, бидејќи секој си бара некого со кого може да се разбере на некој конкретен јазик што го зборува. Во секоја комуникација тоа постои. И во музичката особено.

Дали и во овој случај останувате блиски до идејата да го истражувате и да се напојувате од незаматениот извор на македонскиот музички јазик од една страна, и колку таквата органска потреба ве исправа стамено пред сè позасилените атаци на домашните и увезените турбо-мутанти кои без двојба бесрамно влегуваат на голема врата? Како да се стимулирани од политиката или барем од дневно-политичките замешателства во Македонија?

Штом е дозволено тогаш не е бесрамно. Значи некој тоа го прави. Односно можеби дури и го поттикнува. Од друга страна не може вие да се борите со моменталната состојба на нашата музичка сцена. Не можам да речам индустрија, затоа што ја нема. Индустрија не е една, две, три или пет групи ако сакате, кои прават успех. Индустрија е кога вие имате сериозна куќа којашто го работи тоа. Или најмалку две – три. Каде што има вртеж. Каде што има движење од изведба до сериозна продукција на производот. Во такви услови ќе дојде најпрвото соседно кое има моќна индустрија. А тоа во моментов е она што го нарекувате турбо-фолк. Инаку, ние со турбо-фолк сме опкружени. Имаме сенекакви статуи на секој чекор во градот. И во исто време го имаме Шабан Шаулиќ, Брена, Адил некаде на стадион. Тоа ако не е турбо-фолк, не знам што е турбо-фолк. Имаме барок на секој чекор во Скопје од кој не знаеме зашто имаме потреба. Кога се гради нештото нели, се гради во одредена епоха заради некои трендови во таа епоха. Заради некои потреби. Вие не можете да градите нешто од минат век. Тоа е смешно. Таквата инстант култура е сама по себе турбо-фолк. Значи, музиката е нешто што е најконкретно од сето тоа. Погледнете каква продукција имате таму. Какви видео спотови снимаат. Појдете на концерт за да видите како се организира сцена, какви репортажни возила доаѓаат, какви камери се користат за снимање. Е тогаш ќе зборуваме дали е тоа зафрканција. Вкусот на страна. Сега овде не зборуваме дали е тоа убаво, дали мене или некому друг му се допаѓа. Едноставно, тоа е нешто моќно со кое ако сакате да се борите, треба некаков силен аргумент да му спротивставите. Тоа не е лесно. Ова е смешно политиканство. Од кога постои Македонија ние сме во некоја криза. Некоја транзиција. Секогаш борбата била и е како да се задржи фотелјата. Кој и да е на власт. Едноставно, не може да зборуваме за политика или за политички насоки. Ниту за култура. Нека не се навреди никој, но не може да зборуваме оти визијата за национална култура овде отсуствува многу долго. Вие за година-две не е можно да изградите насилен бренд. Не може со сила. Тоа не се прави така. Тоа е нешто што сами го градите. Нешто што се гради со години. Не постои како стратегија. Не постои како идеја. Постои само доколку јас – Вера, или ЉУБОЈНА, решам дека ваква ќе биде музиката. Во мене ќе се стекне доверба, бидејќи публиката доаѓа на моите концерти. Меѓу другото собирам секаква публика. Не разликувам публика по табори, родови и определби. Во таа смисла, креациите на тоа како ќе изгледа една култура безмалку се индивидуални. Не дека во светот не се, меѓутоа мора да постои конкретна национална стратегија која јас ќе ја препознаам во жива култура. Не во мртва култура. Е тогаш ќе зборуваме за насоките во државата. Јас мислам дека ова не е ни нечија специјална проекција конкретно. Може да е, меѓутоа мислам дека повеќе е нешто што ни се случува како и секојпат. Така „спонтано“, „неосетно“, на допир. Внимава ли некој? Го контролира ли некој? Мисли ли на тоа? Не гледам дека нешто се презело, се направило. Од друга страна, има субвенции. Луѓе, музика фали! Ќе дојдат субвенциите.

ЉУБОЈНА не е во редот на субвенционираните групи, во оние музички колективи што ги помага државата?

ЉУБОЈНА тука не ја чепкаме. Зошто? Заради тоа што сега ме прашувате за мислење како јавна личност. И тоа беше моето мислење во врска со целата таа музичка индустрија која ќе нè преплави затоа што каде што има вишок, тој ќе се излее таму каде што нема ништо. Тоа е природно правило. ЉУБОЈНА тука нема да ја чепнам затоа што таа е единствениот доказ дека музиката успева. Добар производ ќе го најде патот. Успева. Тоа е она што ѝ недостасува на Македонија. Од друга страна, многу ми е криво затоа што е многу плодна почва. Само прашање е колку и како се црпи од таа почва. Кој ја знае. Каква е во моментот музичката наука во Македонија. Тоа се нивоа кои вие ги гледате на сцена. Доколку сите тие стандарди беа поинакви можеби и сцената ќе беше поинаква. Ќе видевме малку повеќе музика на сцена. Ќе ја почувствувавме. Не ни треба стар звук. Не ни требаат звуци коишто сме ги одживеале. Просто ни требаат пејачи. Ни треба нешто ново. Ново. Треба малку отвореност кон светот. Од друга страна, која е насоката? Од тука за тука. Од Прилеп за Битола. Кои се идеите за музичка продажба? Во „Веро“, во „Тинекс“, цедеа... Тоа е доволно? До Делчево, до Пехчево. Не е Македонија центарот на светот. Навистина. Прекрасно е сè, меѓутоа има од каде да се тргне бидејќи сè уште не е истражена. Ако веќе сакате да научите музика, овде има многу за учење. Ова овде е едно непресушно извориште. Комплетно неистражено. Толку години поминаа, а ние сè уште за тоа разговараме. Во овој момент во светот сцената е веќе сменета. Не може сега со идеите од пред 10 години да успеете. Патот е тежок, но од друга страна возбудлив, зашто пак појдовната точка секојпат може да биде поинтересна од каде било каде што музиката веќе е исползувана.

Во една ваква состојба, колку овде кај нас реално може да се остане и опстане на сцена, а евтино да не се продаде кожата на потребите на едниот или другиот табор? Дали уметниците во Македонија можат да живеат од уметноста и од своите знаења и вештини?

Сцена има, индустрија нема. Сцена каква-таква во Македонија има. Ете ја. Е, сега колку е тоа интересно, колку е таа успешна е друго прашање. Таа не е ни доразвиена. Сè уште вие немате нијанси на нашата сцена за ние да зборуваме за нешто колку- толку сериозно. Но, не е важно. Во овој момент животот воопшто во Македонија е тежок. Тежок е за секого. Уметниците не се тие коишто се најизвикани во принцип. Целата држава, вкупната економија, сè е некако паднато. Тоа секој го чувствува. Единствената привилегија овде, добро една од привилегиите, е да живееш од тоа што го сакаш. Тоа за еден уметник е навистина многу убаво чувство. Познавам многу малку уметници, многу малку музичари, кои живеат од тоа што го сакаат и можат да се изборат за себе. Од една страна, да, тоа е некоја терцијарна дејност во едно општество, ама од друга, токму поради што сè е на „хај-хуј“, сè уште нема некоја концепција која ние овде сериозно можеме да ја почувствуваме или барем некоја цврста база од која градиме. Некако сме како малку подзинати и во тоа бунило што ќе градите вие? Каде ќе градите? Како тоа да не се одрази на животот кога ја нема основата. Да, имате идеја. Добар музичар сте, но ви треба добра продукција. Ви треба некој што го прави тоа добро. Некој треба да го продаде таквиот продукт. Зборуваме за една машинерија. За тим кој би застанал зад вас.

Во една таква ситуација мнозина, та дури и докажани творци и инструменталисти, си ги спакуваа куферите и заминаа. Сте помислиле ли дека можеби и Вам ќе ви дојде редот или...

Во моментот има конкретни планови што треба да се остварат. И секојпат се оди чекор по чекор до следниот конкретен план. Јас вака не можам наголемо да одговорам. Ниту, пак, да судам, ниту да пофалам некој што се одважил и што си заминал. Тоа се индивидуални животи. Ако почувствувал дека така треба да направи, веројатно паметно направил. Не можеме сега ние да кажеме животот е тежок, ама вие седете и живејте тука. Ако некому му е тешка живеачката, тогаш нека оди. Тоа со „гастербајтерството“ мислам дека само во Македонија постои. Цел свет оди, патува, шета и работи некаде. Во ред, нас нè тера тешката економска состојба, не велам не, ама вие може да имате и добра економска состојба па да одите за нешто подобро некаде да работите. Значи, светов реално стана глобално село. Одењето на печалба не е како некогаш. Имаш скајп, фејсбук и други социјални мрежи, имаш авиони, чартери. Сега и јас вака зборувам, а лично не сум некој лик кој донесува лесно одлука. Што ја прави, пак, Македонија поспецијална од некоја друга во светот? Вулгаризирам, но секаде има кока-кола, хамбургери, се гледа телевизија, сите стануваме телевизиски нации, се следат некоја турска или шпанска или индиска серија, значи горе долу сите живееме еден ист живот. Се будиме, одиме на работа, се враќаме. Децата треба да се школуваат. По што сме овде посебни? По тоа што играме само ора или по тоа што носиме само народни носии?! Живееме исто како и во кој било друг дел од светот. Зборуваме некој друг јазик, ама некои основни работи што ни се случуваат во секојдневието горе долу се нивелирани како и каде било. Е, сега, нијансите се во тоа што условите за живот и за работа се малку поинакви. Можеби човековото право на изразување е поинакво. Тука се тие нијанси и тие до душа не се мали. А инаку, во основа, тоа е светот. Тоа е едно големо село. Така ако гледаш, дури и да нема изразити нијанси. Уште јазиците се само останати. Ние не гледаме детали од некои преживеани култури. Во таа смисла светот си оди понатаму, арно ама во исто време и го стега обрачот. Но, во суштина гледано, обрачот е одамна отпуштен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG