Достапни линкови

Илинденска реторика - светла иднина и уште посветло минато


Архивска фотографија - Премиерот Никола Груевски на одбележување на Илинден во Крушево.
Архивска фотографија - Премиерот Никола Груевски на одбележување на Илинден во Крушево.

Претседателот Иванов ќе држи говор во Крушево, премиерот ќе се обрати пред споменикот на Ченто во Скопје, а собранискиот спикер ќе оди во Пелинце. Што ветија а не остварија?

Патриотизам, силно истакнување на историскиот континуитет на државата и нацијата и по ветувања за во иднина од кои најсилно одекнуваат оние поврзани со спорот за името се главните елементи на речиси секој илинденски говор на премиерот Никола Груевски. Тој годинава, исто како и во 2012 година ќе се обрати пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје, а аналитичарите очекуваат слична реторика.

Тој го споменува тоа прашање меѓутоа дали има нешто покренато директно со нота, со обраќање до ОН дека време е Македонија да не стои и да се реши тој проблем, тоа практично досега не се случило.
Лазар Лазаров, универзитетски професор.

Пред две години, пак, кога зборуваше пред насобраните на Мечкин Камен премиерот ја осуди Грција дека нема волја за решавање на проблемот, оценувајќи дека разговорите се во ќорсокак и најави нов формат на разговорите.

Лани претседателот Ѓорге Иванов положи цвеќе за Илинден во Скопје
Лани претседателот Ѓорге Иванов положи цвеќе за Илинден во Скопје

„Размислувам да се обратам до ОН за промена на форматот на разговорите, со што би се следел примерот на Србија и Косово, разговори во кои покрај медијаторот би учествувале и сите ние директно, со свои тимови и експерти од нашата земја“, рече Груевски во 2013 година барајќи разговорите да се водат на ниво на премиери.

Но две години подоцна јавноста нема информација дали премиерот го сторил тоа, а разговорите што ги води посредникот на Обединетите нации Метју Нимиц се во некаква фаза на мирување, па очигледно е дека и не се остварува примерот на Србија и Косово кој го спомена премиерот.

Кога би ги анализирале досегашните настапи на Груевски во однос на прашањето за името, може да се констатираат повеќе елементи но најчесто тие се во функција на градење на што подобра позиција во рамките на македонското политичко општество.
Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.

Според професор Лазар Лазаров ваквите пораки на премиерот се како што вели само проформа.

„Има извесна вина и Грција меѓутоа ништо посериозно на тој план не е направено освен споменувањето по повод одредени јубилеи да се искаже формално пред гласачите загриженост. Тој го споменува тоа прашање меѓутоа дали има нешто покренато директно со нота, со обраќање до ОН дека време е Македонија да не стои и да се реши тој проблем, тоа практично досега не се случило“, вели Лазаров.

Следната година, односно лани, Груевски ја искритикува Европската унија за игнорирање на проблемот и побара од меѓународниот фактор проактивен пристап.

„Ако некој мисли дека со игнорирање на овој проблем ќе создаде решение, длабоко се лаже. Игнорирањето само го помага проблемот да се зголемува и продлабочува. Европа не смее интересот да го става над принципите и вредностите. Така само ги потхранува скептиците“, рече Груевски.

Од лани досега, пак, унијата многу повеќе беше ангажирана за решавање на сериозната внатрешно политичка криза отколку за проблемот со името, а еврокомесарот Хан само најави дека по изборите очекува решение.

„Кога би ги анализирале досегашните настапи на Груевски во однос на прашањето за името, може да се констатираат повеќе елементи но најчесто тие се во функција на градење на што подобра позиција во рамките на македонското политичко општество бидејќи и самиот е свесен дека играјќи на темата не го даваме името практично ги доби повеќекратно изборите“, вели поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин.

Инаку покрај ваквиот тон специфично за илинденски говори на премиерот е и тоа што тие се доста долги и во нив тој детално зборува за реализираните проекти. Во 2012 година Груевски најави нови инвестиции, пред се изградба на транспортна инфраструктура во патната и железничката мрежа, енергетска стабилност на долг период и како што рече комплетен гасоводен систем во државава. Во 2010 година пак кога помина четири години од првиот мандат добиен во 2006 година на Илинден на своите соработници им порача дека кој не е бил во можност да го следи темпото на реформи корисни за народот и модернизацијата на земјата, требало чесно да отстапи, да се повлече, и никој немало да му замери за тоа, бидејќи тоа било многу почесно отколку забушанството и блеферството.

Годинава покрај Груевски во Скопје, на Илинден ќе се обратат и претседателот Ѓорге Иванов во Крушево и првиот човек на собранието Трајко Вељановски во меморијалниот центар во Пелинце.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG