Достапни линкови

Добри меѓуетнички односи за стабилна Македонија


Квалитетните меѓуетнички односи го спречија конфликтот и неговото ширење по судирите во Куманово, велат аналитичарите.

Силни пукотници и детонации се слушаа во кумановско Диво насеље, денот кога започнаа жестоките судири меѓу полицијата и терористичка група. Жителите во тој крај триесетина часа живееја во страв. Кога таму пристигна екипата на Радио Слободна Европа, наиде на празни улици, затворени продавници и пазар, заклучени дворови со катанци и по некоја глава извадена на прозорец да провери што се случува. Во воздухот се чувствуваше мирис на чад помешан со страв. Граѓаните кои што живеат неколку улици подолу од местото каде што се одвиваше судирот, беа во потрага по отворена продавница за да купат леб.

Досега пукаа од сите страни, нема излегување, нема ништо. Полицијата побара да ги затвориме капиите на куќите за да не може да влезе никој, оти може да дојде некој до тие да ти се скрие дома, внатре ќе ти се скрие.
жител на кумановско Диво насеље.

„Досега пукаа од сите страни, нема излегување, нема ништо. Полицијата побара да ги затвориме капиите на куќите за да не може да влезе никој, оти може да дојде некој до тие да ти се скрие дома, внатре ќе ти се скрие“, изјави тогаш жител на кумановско Диво насеље.

Дел од граѓаните беа навистина уплашени, но она што нè зачуди беше насмевката на една група мажи кои седеа пред порти и гласно разговараа. Тие беа на само две-три улички подолу од жариштето. Ни рекоа дека не им е страв затоа што на случувањата гледаат како на местенка и мерење на мускули. Еден од нив беше Албанец, а другиот Македонец. Велат дека заедничката желба што си ја кажале на утринскиот кафе муабет е „што побрзо да заврши ова“.

На секои десет години е ова, ама не вреди, се гледаше дека повеќе личи на претстава. Ние супер си живееме, јас сум Албанец, другите се Македонци, заедно си пиеме кафе. А за случувањата велиме да завршат побрзо, за да си идеме дома.
жител на кумановско Диво насеље.

„На секои десет години е ова, ама не вреди, се гледаше дека повеќе личи на претстава. Ние супер си живееме, јас сум Албанец, другите се Македонци, заедно си пиеме кафе. А за случувањата велиме да завршат побрзо, за да си идеме дома“, рече еден жител на кумановско Диво насеље.

Подоцна граѓаните кои беа собрани пред кафулето во близина на кумановскиот пазар, на само неколку метри од последната барикада на полицијата сакаа да зборуваат со медиумите, да им покажат дека тие се сплотени и дека нема да дозволат политичарите да создадат раздор.

Ова што се случи не чини. Народот не е виновен. Ова е од тие главните. Народот како народ, не покажува ништо лошо. Кај народот нема омраза. Сите се овдека како родени од една мајка и еден татко. Нема омраза. А тие во парламентот нека водат сметка каде го водат овој народ. Не е пријатно, не само за Куманово, туку за цела Македонија.
Нефаил Синани, жител на кумановско Диво насеље.

Со денови подоцна на интернет се вртеше видео снимка во која еден Албанец ги повика политичките лидери во земјава да дојдат во Куманово и да бидат со народот за кој толку упорно тврдат дека ги сака. На таквиот коментар му пријде соседот Македонец, му честита и го гушна.

Две недели подоцна, животот во Диво Насеље полека почнува да се враќа на стариот тек. Десетици семејства по судирите, останаа без покрив на главата, со разурнати домови, згрижени кај роднини или соседи. И покрај сите случувања, кумановци упорно се обидуваат преку медиумите да порачаат дека соживот во нивниот град постои и дека проблемот е во политичарите. Седумдесетгодишниот Нефаил Синани вели дека кај народот нема омраза.

Според мене односите се добри. Треба да има соживот со секого без разлика на националност. Јас толку години убаво си живеам со Албанци, со Турци, немаме проблем.
анкетиран граѓанин.

„Ова што се случи не чини. Народот не е виновен. Ова е од тие главните. Народот како народ, не покажува ништо лошо. Кај народот нема омраза. Сите се овдека како родени од една мајка и еден татко. Нема омраза. А тие во парламентот нека водат сметка каде го водат овој народ. Не е пријатно, не само за Куманово, туку за цела Македонија“, вели тој.

Неговиот сосед Моме Димитријевиќ вели дека со Синани живеат како браќа.

Граѓаните покажа најголема зрелост на некој начин со тоа што не дозволија да бидат манипулирани и евентуално состојбата да излезе до контрола. Мислам дека ова е еден резултат за пофалба за самите граѓани и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и дека граѓаните нема да дозволат да бидат манипулирани за политички цели.
Ибрахим Мехмети, политички аналитичар.

На протестите кои следуваа пред Владата, каде што демонстранти бараа оставка од владиниот врв, се забележуваа врзани македонски, албански, ромски, турски и ромски знамиња.

Во скопската чаршија граѓаните велат дека тоа е вистинската слика за Македонија денеска, дека меѓуетничките односи се добри, граѓаните си живеат едни покрај други без проблеми.

„Според мене односите се добри. Треба да има соживот со секого без разлика на националност. Јас толку години убаво си живеам со Албанци, со Турци, немаме проблем.“

„Тука во чаршијата има соживот, немаме такви проблеми, тоа политичарите го прават“, велат анкетираните граѓани.

Меѓуетничките односи и пред Куманово и после Куманово сметам дека остануваат исти. Нема опасност од нарушување на меѓуетнички односи, барем од она што јас го имам како искуство од работа на терен, од голем број на истражувања итн. Сметав и пред десет дена, а и денеска сметам дека подобри меѓуетнички односи не сме имале од периодот некаде пред 2000 година.
Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција.

Дел од граѓаните со недоверба гледаат во медиумите, не сакаат да коментираат, затоа што велат дека моќта за промени ја имаат само политичарите, па џабе ќе зборуваат кога не можат да сменат ништо.

„Не гледам телевизија воопшто, не се мешам во политика и не сакам да се мешам, оти и да се мешаш и да не се мешаш џабе е, тие што се во парламент како ќе одлучат, така ќе биде.“

Она што го видовме на протестите, како граѓаните од албанска, турска, ромска националност зборуваат заедно со Македонците за потреба од подобра власт, отколку што е оваа.
Мирјана Малеска, универзитетски професор.

Квалитетните меѓуетнички односи го спречија конфликтот и неговото ширење, она што не го направија владата и партиите го направија граѓаните, вели аналитичарот Ибрахим Мехмети. Тие по инцидентите во Куманово покажаа сплотеност и соработка како што ниту едни политичари досега не го направија тоа. Граѓаните овој пат беа помудри од нивните претставници во Парламентот кои не беа со народот за да им објаснат што се случува, објаснува Мехмети.

„Во таа ситуација граѓаните покажа најголема зрелост на некој начин со тоа што не дозволија да бидат манипулирани и евентуално состојбата да излезе до контрола. Мислам дека ова е еден резултат за пофалба за самите граѓани и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и дека граѓаните нема да дозволат да бидат манипулирани за политички цели“, вели Мехмети.

Тие се обединија околу една порака дека живеат во заеднички град и дека конфликтите не водат кон добро и мислам дека нивните пораки и нивното здружување на самиoт ден на конфликтот даваат една искра дека граѓаните веќе не можат да бидат предмет за манипулација, туку се вистински граѓани.
Назми Малиќи, универзитетски професор.

Меѓуетничките односи во Македонија, никогаш не биле подобри, вели Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција. Тој вели дека настанот во Куманово дополнително ги сплоти луѓето. Тој додава дека народот овој пат не наседнуваше на провокации, затоа што луѓето излегле од населбата, давале силна поддршка на она што значи официјална полиција и армија и не беа логистика на одредените групации кои влегоа.

„Меѓуетничките односи и пред Куманово и после Куманово сметам дека остануваат исти. Нема опасност од нарушување на меѓуетнички односи, барем од она што јас го имам како искуство од работа на терен, од голем број на истражувања итн. Сметав и пред десет дена, а и денеска сметам дека подобри меѓуетнички односи не сме имале од периодот некаде пред 2000 година“, вели тој.

Но, ова, пак, покажа, вели Димовски, дека владата не е подготвена да го заштити својот народ.

„Сметам дека ваквата ситуација е замачкување на очи и најповеќе ѝ одговара на власта за да се оттргне вниманието од секојдневните случувања, но сметам дека ова е само 24-часовна или 48-часовна епизода во Република Македонија и дека сето тоа што се случуваше и со средношколците и со студентите ќе продолжи како и ништо да не било, без разлика на најавите дека ќе има општа војна, не верувам во таквите информации за да се збуни и да се заплаши народот, но во секој случај ова што во моментов се случува, сметам дека власта не е подготвена да го заштити својот народ. Војувањето во 2001 година, кога ние имавме класична војна, шест месеци се водеше, ние имавме многу помалку воени дејствија, а ова за 24 часа ние изгубивме осум драгоцени животи, со што сочувствува секој македонски граѓанин, вклучувајќи ме и мене, сметам дека тоа што се направи е чиста будалаштина и мислам дека на Република Македонија не ѝ требаше ваква ситуација“, вели тој.

Професор Мирјана Малеска вели дека политичарите можат да ги злоупотребат меѓуетничките односи за да предизвикаат немири, конфликт, незадоволство, бидејќи веќе имаме историја на етнички конфликт во Македонија. Таа додава дека се надева оти тоа нема да се случи, затоа што годинава за прв пат се забележува нова тенденција во ова општество.

„А тоа е граѓаните да се соберат околу определени граѓански вредности, слобода, слобода на печат, на изразување, независно судство, човекови права, малцински права, функционирање на правна држава, тоа досега во ваков обем не сум го забележала, не сум го видела, тоа е многу потребно во едно мултиетнички општество каде што објективно има поделби по должина не етничките линии, на пример јазик, религија, етницитет во целина итн.“, вели професор Малеска.

Taa вели дека беа неопходни линии кои ќе ги пресечат овие вертикални поделби и тоа конечно се случи.

„Она што го видовме на протестите, како граѓаните од албанска, турска, ромска националност зборуваат заедно со Македонците за потреба од подобра власт, отколку што е оваа“, вели Малеска.

Професор Назми Малиќи вели дека на мирните протести кои се случија во неделата за прв пат се покажа добар пример за меѓуетничка граѓанска сплотеност. Тој вели дека тоа е добар пример каде политичарите може да испратат порака за градење на еден мултиетнички однос кон државноста. Малиќи вели дека граѓаните на Куманово беа најдобар пример.

„Тие се обединија околу една порака дека живеат во заеднички град и дека конфликтите не водат кон добро и мислам дека нивните пораки и нивното здружување на самиoт ден на конфликтот даваат една искра дека граѓаните веќе не можат да бидат предмет за манипулација, туку се вистински граѓани“, вели Малиќи.

Малеска предупредува дека тоа не значи дека меѓуетничките односи сега не може да се злоупотребат од политичарите за да се предизвикаат немири.

„Тоа не значи дека не може да се злоупотреби власта за да се предизвикаат немири и како што гледате, веднаш се вмешуваат држави од страна, други политичари надвор од Македонија кои даваат вакви или такво мислење и со тоа се усложнува целата ситуација“, изјави Малеска.

Еврокомесарот Јоханес Хан неодамна порача дека случувањата во кумановско се сериозни, но не треба да го одвлекуваат вниманието од политичката криза. Па се наметнува прашањето дали меѓуетничките односи ќе бидат ново жариште во моменталната криза? Австрискиот амбасадор во Македонија, Томас Михаел Бајер, во неделното интервју на Радио Слободна Европа изјави дека случувањата не влијаат врз меѓуетничката стабилност во моментов.

„Не, сè уште. Се разбира тоа може секогаш да се случи, но првите реакции коишто ги добивме по инцидентот во Куманово и ова беа реакции од местото на настанот, имавме луѓе во Куманово за време на случувањата, зборувавме со многу луѓе, со ОБСЕ и со други набљудувачи и првата реакција беше јасна порака од населението дека што и да се случуваше во Куманово нема врска со меѓуетничките односи и мислам дека така треба да остане. Така што, не, не мислам дека ова е меѓуетнички проблем, туку е проблем на безбедноста, проблем на транспарентност, многу малку знаеме за позадината. Ние се надеваме дека наскоро ќе дознаеме повеќе, но случувањата не влијаат врз меѓуетничката стабилност во моментов“, рече тој.

Малеска истакнува дека политичарите често ги злоупотребуваат и добрите и лошите состојби со меѓуетничките односи, па успесите си ги препишуваат на себе. Потенцијалот за влошување на меѓуетничките односи до неодамна постоеше.

„Балканот денеска е постабилен отколку во 2001 година. Тоа што се случи во 2001, според мене, сега не може да се случи, бидејќи тогаш имаше етничка хомогенизација, значи Македонците застанаа зад македонските партии и лидери, Албанците зад албанските и тоа беше една длабока поделба, кога има едно високо ниво на хомогенизација, значи сè што е наше е добро и сè што е нивно е лошо, и обратно, а сега нема таква хомогенизација, оваа трагедија во Куманово не успеа да предизвика етничка хомогензација“, вели Малеска.

Малиќи вели дека им порачува на политичарите да ги напуштат досегашните националистички програми и квазипатриотизам, затоа што тоа е политика на поделби и на влошување на меѓуетничкиот соживот.

„Тие политики ќе останат во историјата. Ние сме мала држава, тука сè се знае и за добрите работи и за лошите. Дај боже политичарите да ги пишуваат како добри работите кои ги зближуваат граѓаните и што се за една посветла иднина на Македонија“, вели Малиќи.

Целосно помирување и конечно надминување на меѓуетничките несогласувања ќе може да се надминат само кога јавните функционери, без оглед на нивната етничка припадност, ќе се издигнат над своите партиски интереси и ќе престанат со националистичката пропаганда која единствено резултира со постигнување на краткорочни политички цели.

Меѓуетничките односи во изминативе 20-тина години беа константно променливи или народски кажано „топло-ладни“. Во зависност од дневно-политичките настани перцепцијата за меѓуетничките односи постојано се менуваше.

Мултиетничките прашања, проблемите и несогласувањата поврзани со нив многу често имаат и социјална димензија. Најлесно е незадоволството од сиромаштијата и бесперспективноста да се канализира преку меѓуетнички конфликти.

Она што загрижува е што домашните политички елити, односно претставниците на сите етнички заедници не го сфатија значењето на мултиетничноста и потребата за нејзино негување, туку ги злоупотребуваат меѓуетничките односи во зависност од политичките потреби. Од тие причини, се случи „ноќното“ поставување на споменикот на Цар Душан, неговото уривање, или пак настаните на скопското Кале кога едните дење градеа, а другите ноќе уриваа. Потоа следеа воведувањето на македонски јазик за Албанците во прво одделение, преименувањето на улици, училишта, петкратното убиство кај Смиљковци, десетиците тепачки по автобуси и во училишни дворови, па недолична маска на Вевчанскиот карневал во националистичката реторика на политичарите, Законот за бранители, амнестијата на Хашките случаи, нетрпеливост, настаните во Ѓорче Петров. Овие и редица други настани предизвикуваа тензии, протести и препукувања изминатите години.

Во 2011, десет години по вооружениот конфликт во Македонија, Македонскиот центар за меѓународна соработка, објави студија за квалитетот на меѓуетничките односи. Во анкетата која за нив ја спроведе Институтот за демократија од Скопје, се нотира дека 9,4 проценти од испитаниците, меѓуетничките односи во земјава ги сметаат за непријателски, 16,9 проценти сметаат дека постои меѓуетничка соработка, 33,2 проценти ги сметаат за воздржани, а за 18,4 проценти од испитаниците, тие се ривалски. Во таа анкета дури 78,4 отсто од граѓаните сметаат дека меѓуетничките односи се важни, но само 3,9 отсто од нив ги загрижува ова прашање. Граѓаните ги рангираат овие односи на шестото место по важност, по невработеноста, сиромаштијата, економијата, корупцијата, криминалот и евроатлантските интеграции.

Како по некое непишано правило, меѓуетничките тензии стапуваат на сцена кога има некоја политичка или економска криза, па така партиските препукувања, сиромаштијата, невработеноста, затаените евроатлански интеграции паѓаат на пониско место и сета јавност заспива и се буди со приказните за меѓуетничките односи.

Политичарите се покажаа како експертите за контролирани инциденти. Со денови тензиите се држат во фокусот на јавноста и тогаш кога се чини дека затегнатоста ја достигнала највисоката точка и дека работите ќе излезат од контрола, страстите се смируваат, сè до следниот пат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG