Достапни линкови

Ременски - Имаме докази дека има граѓани со повеќе матични броеви


Ременски - Имаме докази дека има граѓани со повеќе матични броеви
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:36 0:00

Ременски - Имаме докази дека има граѓани со повеќе матични броеви

Имаме случаи кога еден граѓанин има повеќе матични броеви, имаме документација за три матични броеви на еден граѓанин. Тоа е доволен предизвик за истражувачкото новинарство да ги открие, вели потпретседателката на СДСМ Фросина Ременски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Ременски, поминаа речиси два месеци откако СДСМ започна со објавување на таканаречените бомби, а работите на терен како да не се сменија многу. Како вие гледате на тоа?

Ако зборуваме дали се промениле работите на терен, можеме да зборуваме од два аспекта. Од аспект на реакција на јавноста во однос на материјалите што ги објавуваме неделите наназад и во однос на нашите редовни партиски активности на нашите општински организации низ цела Република Македонија и тука можам да зборувам од два аспекта. Нашите редовни теренски активности се интензивираат во насока и на запознавање на граѓаните за содржината на материјалите што ги објавуваме и со нудење на многу повеќе од она што е само материјал кој што го објавуваме, туку реално информирање за нашите активности коишто како политичка партија ги имаме проектирано многу поодамна. Во делот на она, ако мислите ништо не се случува или кај граѓаните не се пројавува одредена реакција во делот на сознанијата коишто ги слушаат од разговорите што ги објавуваме, јас не би се согласила со вашата констатација дека не се случува ништо, бидејќи тоа е можеби резултат на немање на медиумско покривање на настани или, пак, барање на одговори од граѓаните дали нешто е променето во нивната перцепција за владеење на власта поради сево ова што ние го објавуваме. Јас повеќе би кажала дека граѓаните многу добро се информираат, дури и тие што мислиме дека ги слушаат само провладините медиуми имаат желба да слушнат за ова што опозицијата го објавува со недели наназад и нема да го цитирам Груевски кога на обраќањето во Борис Трајковски кажа дека нашите граѓани се паметни, свесни и умни граѓани, но не во насока дека не ги слушаат материјалите што ги објавуваме, туку најодговорно тврдам дека нашите материјали и интересот за слушање на материјалите што ги објавуваме е многу поголем од она што е реално сознание и став во јавноста.

На барањата на СДСМ за оставка, владата одговори негативно. Кои се вашите следни чекори освен објавување на таканаречените бомби?

Ние искрено и не очекувавме владата или функционери од Владата да одговорат позитивно на нашите барања за оставки, затоа што ние многу одамна знаеме, а заклучи и македонската јавност, дека степенот на политичка и морална одговорност на носителите на власта е многу ниска, скоро и да ја нема. И во минатото се случуваа многу настани кои доколку би се случиле во некоја од земјите во ЕУ или надвор од Европа ќе имплицираа одговорност и оставка на министри и носители на функции, додека кај нас гледате дека министер за внатрешни работи излегува со изјава дека главниот штаб е во Министерството за внатрешни работи, дека оттаму се контролира целокупниот изборен процес, имате многу други случаи на изборно насилство и попречување на регуларниот тек на изборите, вршење притисок на граѓаните за неслободно изразување на нивната волја, на избори и тука нема никаква одговорност. Ние реално не очекуваме Груевски да излезе и да даде оставка пред граѓаните, затоа што неговиот морален политички кредибилитет е нарушен и тој е нелегитимен владетел во овој случај. Меѓутоа, со пораката дека ние не даваме оставка, тој се обиде директно да влијае врз институциите кои во овој случај треба да покажат висок степен на независност и непристрасност во одлучувањето во процесите коишто ги најавуваме и ние, но ги отпочна и власта во овој случај. И тоа не на начин којшто се пропишува согласно законските процедури за кривична постапка, туку со една политичка кампања, кога премиерот излегува од говорница и најавува судска постапка која ќе биде транспарентна и така натаму мешајќи се директно во институциите на системот. Можеби не е за очекување дека една политичка разврска со оставка на владата би го решила прашањето, меѓутоа сè повеќе доаѓаат сигналите и загриженоста на меѓународната заедница, во случајот со објавените разговори, содржината на објавените разговори, но и многу други елементи кои се прекршуваат а се дел од меѓународно-правни документи коишто Македонија ги има ратификувано и сето тоа имплицира еден притисок, не само кон власта, туку и кон опозицијата во делот на охрабрување да ги изнесеме сите аргументи коишто ги имаме, а се однесуваат на злоупотреба и криминал на носителите на јавни функции во овој случај на власта, меѓутоа и во делот на упатување на сериозни пораки власта сериозно да размисли дали ќе продолжи со ова темпо на однесување по сите сознанија кои ги изнесуваме. Кога велам Македонија не е остров, мислам на тоа дека ниту опозицијата, ниту власта, ниту само граѓаните одлучуваат што ќе се случува со Македонија. Затоа оваа порака е упатена повеќе до власта да размисли до кога ќе врши притисок кон институциите коишто реално се единствен излез во моментот или светла точка би биле доколку се појават и се охрабрат носители на функции во судската власта коишто ќе поведат една независна и објективна постапка во која ќе се утврди одговорноста на актерите во неа.

Каква помош ви понуди меѓународната заедница за разрешување на политичката криза?

Меѓународната заедница, ако ја гледаме преку Европската унија како сојуз, преку пораките на НАТО, преку пораките на ОН и сите овие организации и институции коишто реално се задолжени за следење на социо-економските и политичко-безбедносните состојби во Република Македонија, веќе подолго време се информирани за состојбите во Македонија, бидејќи и самите ги пишуваат извештаите за состојбите во земјава. Ние како раководство редовно остваруваме комуникации со претставници на дипломатските претставништва на странските држави во Македонија и тие реално се запознаени и со содржината на комуникациите во коишто и тие се наоѓаат. И тие веќе упатуваат еден сериозен сигнал за прекршување на виенската конвенција којашто Македонија ја има ратификувано и се има обврзано за нејзина имплементација. Самото тоа по себе е дипломатски меѓународен скандал којшто во основа ќе имплицира одговорност кон власта и кон овој случај овластените следачи на комуникацијата, не кон некакви си фамозни странски служби, туку реално кон носителите на институциите задолжени и надлежни за следење на комуникациите коишто во овој случај сериозно ги злоупотребиле. Она што дополнително треба да биде разбрано од страна на власта е пораката од меѓународната заедница дека целиот процес треба да се води во два колосека. Едно е водењето на политичкиот дијалог којшто беше нотиран како застој пред две години и друго е правната разрешница на состојбата за којашто упатуваат на независни постапки од судската власта која е трета власт во Македонија. И сето ова укажува на свесноста на овие два паралелни процеси коишто не смеат да се мешаат, а гледаме една друга реторика од страна на Груевски во овој случај, кога со политичка кампања најавува сложен правен процес. Значи сложните правни процеси не можат да се водат со политичка кампања којашто директно ќе штети и на политичкиот дијалог и на политичката состојба и ќе влијае на имиџот на Македонија во меѓународната заедница. Со последната изјава на претставникот на ОН за Македонија, ние како република сме и официјално сместени во онаа категорија и дефиниција на слаби држави во коишто се истакнува немањето на институции, високата стапка на корупција и криминал во владејачките структури, нефунционалноста на правната држава и владеењето на правото и немањето на независност на институциите.

Околу политичкиот дијалог дел од медиумите објавија дека кон крајот на месецов СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе испратат свои претставници во Брисел на средба со олеснувачите.

Додека не ги знаеме олеснувачите, додека не ја примиме пораката од Европската унија, не би го коментирала прашањето.

Дали и на кој начин може да биде санкциониран криминалот на државните функционери за коишто слушнавме во дел од објавените разговори, се разбира доколку се докаже автентичноста на разговорите?

Автентичноста досега никој не ја спореше. Едно е приказната што ја промовира власта дека тоа се монтирани разговори извадени од контекст, коишто не се автентични, но кај ниеден од актерите во разговорите коишто беа објавени не наидовме на демант дека не се препознава во разговорот или дека не го водел разговорот што индиректно ја потврдува автентичноста на разговорот. Шепата што ја има ставено врз судската власт, која во овој случај треба независно и објективно да ги цени доказите, е гарант на власта дека сè што ќе посака власта така ќе излезе во судскиот процес и затоа толку жестоко се алудира на докажување на автентичноста на суд. Ако знаеме претходно како се водеа судските постапки, нормално во таква постапка, автентичноста ќе се доведе под прашање. Кога зборуваме за одговорноста на функционерите кои индицираат дека сториле кривични дела од разговорите кои што ги објавуваме, СДСМ после секоја прес-конференција, врз основа на разговорите, поднесува повеќе од десет кривични пријави против лицата кои учествувале во разговорите и за коишто постојат индиции дека прекршиле одредени закони, не сториле нешто, а морале да го сторат или ја злоупотребиле позицијата од којашто интервенираат за одредени случувања. Во таа насока ние ги приложуваме и снимките коишто ги нудиме на судот како доказ врз основа на веќе донесена пресуда од Европскиот суд во Стразбур во коишто има вакви постапки, а знаете дека пресудите од Европскиот суд за човекови права се извор на правото и обврска на судовите да ги земат предвид кога судат во случаи во националните судови. Но, доколку и еве не ги земат како докази, тие содржат сериозни индиции за сторен криминал на високи функционери во власта. Доколку сме имале институции коишто можеле и сакале и биле должни да ги санкционираат функционерите при утврдување на минимум пречекорување на нивните овластувања, ние досега тоа ќе сме го имале. И еве ви го одговорот на прашањето зошто луѓето вработени во службите на опозицијата и ги доставиле материјалите. Токму затоа што биле свесни за прекршување на законот од страна на јавните функционери, а не виделе никаква разрешница или реакција на институциите коишто се задолжени да го следат, процесуират и аргументираат ова за коешто ние денеска зборуваме.

Власта обвинува дека опозицијата објавува креирани и монтирани разговори, но не слушнавме дали до вас стигна пријава за клевета?

Нема такво нешто, ниту од луѓето коишто се дел од разговорите. Ајде малку да се пошегуваме, дали сметате дека е можно да биде искреиран таков разговор, дали можете да му влезете во умот на соговорникот, односно на лицето за коешто наводно се монтира, да му знаете што сака да каже за да му ги измонтирате зборовите. Мислам, надвор од секакво логично и здраворазумско образложение е тврдењето на власта. Разговорите се автентични, и гласовите и учесниците и тематиката за којашто зборуваат.

Што мислите, зошто власта не го апси Заев, бидејќи тој е осомничен за соработка со странски служби, објавува прислушувани разговори со што всушност го продолжува кривичното дело за коешто се сомничи?

Значи власта нема докази за пуч, против ниту еден во акцијата Пуч. Друг елемент којшто оди во прилог за ова што го велите дека власта не го апси, доколку постоеја докази за сериозни дејствија против државата во овој случај, верувајте дека власта во ниту еден случај немаше да го остави лидерот на опозицијата на слобода. На нив им требаше приказна. Вие гледате како се случуваа сите нешта, целата постапка Пуч почна со една политичка прес-конференција, којашто требаше да најави судска разрешница или судско-обвинителско постапување кон лидерот на опозицијата. Во ниту еден случај сложено правно прашање не може да се води со политичка кампања. Значи од самиот старт беа дадени насоки на провладините медиуми, во која насока да ја водат медиумската пропаганда и манипулација во случајот Пуч, а тоа е странски служби, алудирајќи на јужниот сосед, што е исто така е сериозен меѓународен преседан и сè она што ним им одговараше во прилог за вештачко и манипулативно креирање на јавното мислење, особено кај нивното членство. Меѓутоа, како поминува времето, граѓаните сè повеќе се уверени дека тука не станува збор за пуч, туку за оневозможување да излезе вистината, односно сознанијата за вакви злоупотреби и криминални дејствија од страна на носители на власта.

СДСМ обвинува дека се печатат лажни лични карти. Како е можно да се прави тоа ако секој граѓанин има единствен матичен број?

Тоа вие мислите дека еден граѓанин има единствен матичен број. Нашите сознанија не велат така.

Што велат вашите сознанија?

Нашите сознанија велат дека имаме случаи кога еден граѓанин има повеќе матични броеви, имаме документација за три матични броеви на еден граѓанин. Тоа е доволен предизвик за истражувачкото новинарство да ги открие. Фокус ја отвори приказната со лабораторија на пасоши, сè уште обвинителството ја вештачи автентичноста на снимката меѓутоа сè уште нема одговор на тие прашања.

Тогаш како ги толкувате предлог законските измени за лични карти и живеалишта?

Токму во насока на овозможување на едно лице да пријави повеќе живеалишта, односно можност да пријави живеалиште дури кога не е негова сопственост или престојувалиште, како можност претставувам некои евидентирани податоци да се избришат, а некои да се вметнат.

Како ја оценувате моменталната состојба со безбедносните служби во Македонија после сите случувања во изминатава година?

Како човек кој што предава на Факултетот за безбедност и ја раководи катедрата за полициски науки, анализирајќи ги материјалите коишто ги имаме и врз основа на водењето на оперативната акција Пуч, ние многу одамна немаме институции кои ќе се грижат за безбедноста на сите граѓани во Република Македонија. Можам слободно и најодговорно да кажам дека ние имаме политичка и тајна и јавна полиција.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG