Достапни линкови

Неконтролирано и неодговорно трошење


Премиерот Никола Груевски вети покачување плати, пензии, социјална помош и други погодности. Задолжувањето ќе продолжи да се зголемува, ама еден ден ќе мора да се плати, вели поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев.

Македонија нема пари за остварување на економските ветувања на премиерот Никола Груевски, кој земјата само ќе ја однесе во поголеми долгови, велат експертите. Груевски на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во салата Борис Трајковски најави нови вработувања, покачување на пензиите, платите во јавниот сектор и социјалната помош, како и изградба на нови патишта и таблети за учениците во средните и основните училишта, како и за студентите од ранливите семејства.

Продолжува тоа неконтролирано, неодговорно расипување на јавните пари на Македонија. Продолжува продлабочувањето на кризата во Република Македонија. Продолжува создавањето на финансиска нестабилност што на крајот мора да биде платено. Тие немаат пари за ова што повторно на истиот начин, со истите популистички мотиви го вети премиерот.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека тоа говори дека нема никаква промена во пристапот на Груевски и владата во водењето на економската политика, која прави долгови на сите страни, која не одбира приоритети и не води сметка за што се трошат парите.

„Продолжува тоа неконтролирано, неодговорно расипување на јавните пари на Македонија. Продолжува продлабочувањето на кризата во Република Македонија. Продолжува создавањето на финансиска нестабилност што на крајот мора да биде платено. Тие немаат пари за ова што повторно на истиот начин, со истите популистички мотиви го вети премиерот“, вели Гошев.

Груевски пред насобраната толпа тогаш порача дека вистината е во делата поради кои граѓаните ги гласаат во изминатите девет години на изборите.

Да се бориш за Македонија значи дека цела Европа намалува плати, пензии или социјална помош, а ти, не само што не ги намалуваш, туку и ги зголемуваш онолку колку што си ветил пред да знаеш дека воопшто ќе надојдат две едно по друго кризи во светот и Европа и притоа да ја задржиш земјата меѓу 5-6 најниско задолжени држави во Европа.
Никола Груевски, премиер.

„Да се бориш за Македонија значи дека цела Европа намалува плати, пензии или социјална помош, а ти, не само што не ги намалуваш, туку и ги зголемуваш онолку колку што си ветил пред да знаеш дека воопшто ќе надојдат две едно по друго кризи во светот и Европа и притоа да ја задржиш земјата меѓу 5-6 најниско задолжени држави во Европа“, рече Груевски.

Според Гошев, се работи за политика која продолжува со политичка корупција на гласачкото тело и зголемување на долгот на земјата.

„Од тоа што зборуваат можат делумно да направат, но тоа значи дека тоа ќе биде направено на товар на натамошно зголемување на долговите. Од оној разговор на министерот за финансии до својата колешка цела јавност слушна кому не должиме, од една страна има ѕидање на долговите кон приватниот сектор внатре во Република Македонија, од друга страна тој продолжува со некакви популистички проекти за да може да задржи колку што може од наклонетоста на избирачкото тело“, вели Гошев.

Каква е состојбата во Македонија, според Гошев, говори фактот колку невработени и сиромашни има во земјата, како и тоа колку се ниски платите и минималната плата која е за едно евро повисока само од Косово. Сето тоа, како што вели тој, ги тера граѓаните да се иселуваат од земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG