Достапни линкови

Дневен печат - Случувањата во земјата ги размрда странците


Архивска фотографија - Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија.
Архивска фотографија - Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија.

Реакциите на странците за случувањата во земјата во фокусот на дневниот печат. Весниците пренесуваат изјави на странски пратеници, ставови на амбасади и на претставници во Унијата за случајот со Прислушувањето.

Се чини дека Македонија и она што се случува во неа конечно ги размрда странците. Берлин порачува: „Вие сте на работ на катастрофа“, објави Утрински во информацијата дека германскиот Бундестаг зад затворени врати го разгледувал извештајот на своето МНР за овдешните случувања.

„Аферата „Прислушување“ ги мобилизира дипломатите - бараат враќање на опозицијата во парламентот.
Вечер.

Но секој медиум си објавува изјави од понекој пратеник, според уредувачката политика, се разбира: Дневник ја цитира Карин Шренц, пратеничка во германскиот Бундестаг, која порачува: „Заев да ги преиспита обвинувањата против Владата“, а Утрински, друг пратеник, Јосип Јуратовиќ, од истиот Бундестаг, кој вели дека: „Повикувањето на странските служби како одговорни за прислушувањето се евтини изговори“.

Вечер извлекува заклучок дека:„Аферата „Прислушување“ ги мобилизира дипломатите - бараат враќање на опозицијата во парламентот“ и дека: „И Германците потврдија - на Заев не може да му се верува“.

Доколку се следела дипломатската кореспонденција, тоа е кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.
Утрински весник.

Загриженост изразија и првите луѓе на ЕУ. Во сите печатени медиуми се наоѓаат вести за изјавите на Могерини и на Хан дека „Македонија останува на агендата на ЕУ“ и дека „Без решение на кризата, Македонија ќе ја загуби европската перспектива“. Утрински го цитира претставникот на Унијата во Македонија, амбасадорот Орав дека: „Сега е време политичарите да покажат дека се за интеграција во ЕУ“.

Весникот ја објавува и пораката од Шведската амбасада дека: „Доколку се следела дипломатската кореспонденција, тоа е кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Под наслов: „Бура реакции за политичките случувања“, Нова Македонија во сублимиран извештај објавува ставови по шестата „бомба“ на Заев на домашни лидери на помали партии и на странски политичари. Утрински ја објавува изјавата на министерката Јанкуловска дека „сè уште има легитимитет да ја извршува функцијата“ и дека прво „ќе чека институционална разрешница“ на случајот, а Вечер нејзиното тврдење дека „Безбедносниот систем не е пробиен“, а дека аудиоснимките биле нелегално набавени и креирани.

Слободен печат пишува: „Нови орудија за полицијата во деликатен политички момент - Власта го бара спасот во гумени куршуми, водени топови и ќотек“, информирајќи дека пратениците на владејачкото мнозинство го изгласаа законот кој на македонската полиција ѝ дава законска основа на користењето на овие средства против евентуални граѓански немири.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG