Достапни линкови

Политичката криза грми, парите бегаат


Политичката криза чие решение, судејќи според изјавите на политичарите не е на повидок, како и разнишаната доверба во институциите негативно ќе се одрази на состојбите во економијата.

Економијата бара стабилни институции коишто функционираат и предвидливи услови за работа. Економската стабилност во земјава е зависна од политичкиот амбиент, велат аналитичарите.

Се покажа дека системот е урнат, не може кај што нема систем да има капител, капиталот е плашлив елен, таму кај што шушка тој не доаѓа, а тука не да шушка, туку грми громогласно.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

​Политичката криза чие решение, судејќи според изјавите на политичарите не е на повидок, како и разнишаната доверба во институциите негативно ќе се одрази на состојбите во економијата, предвидуваат тие. Ако на тоа се додадат и честите избори, чести измени на закони и регулативи, па разните давачки и постојани инспекции, сето тоа дополнително им предизвикуваат проблеми на компаниите. Па така на компаниите не им се остава слобода да имплементираат нови идеи за инвестирање и за развој на бизнисот.

Дали влијае оваа криза во стопанството, влијае, посебно на производствените компании кои директно се соочуваат со оваа криза. Тие ќе можат да произведат толку колку што пазарот ќе биде спремен и способен да апсорбира. А секако, во секоја криза луѓето повеќе се „стискаат“, не се спремни да трошат колку што би трошеле во мирни денови.
Арбен Халили, економист.

Каде што нема стабилен систем, нема ни стабилен капитал, вели економскиот аналитичар Зоран Витанов.

„Се покажа дека нема кој да ја штити слободата и капиталот на граѓаните, се покажа дека системот е урнат, не може кај што нема систем да има капител, капиталот е плашлив елен, таму кај што шушка тој не доаѓа, а тука не да шушка, туку грми громогласно“, вели тој.

Ако сакаме добра економија, судството мора да ни виде светиња, а тоа е урнато и комплетно девалвирано, вели Витанов.

„Се објавуваат прислушувани разговори на министер за внатрешни работи, на министер за финансии, на јавен обвинител, на судии, гледаме како јавни личности ургираат кај судии, е сега замислете некој којшто треба да инвестира во оваа држава кадешто гарант на слободата е гарант на заштитата на приватната сопственост, гарант на заштита на капиталот, е гарант на слободата, сега се прашувам дали уште на пресудите пишува во име на народот или во име на тој и тој, оти гледаме како се носеле пресуди. Е кажете ми кој паметен човек сега ќе инвестира во Македонија, кога нема судство што ќе му го гарантира имотот, туку мора да биде приклонет кој некој што лобира кај судиите и кај обвинителот за да му се заштити капиталот“, вели Витанов.

Секоја политичка криза директно влијае на стопанството, оти создава чувство на нестабилност, вели економистот Арбен Халили. И тој се согласува дека на компаниите повеќе од потребно им е институциите да функционираат, за да можат да имаат доверба во нив.

„Дали влијае оваа криза во стопанството, влијае, посебно на производствените компании кои директно се соочуваат со оваа криза. Тие ќе можат да произведат толку колку што пазарот ќе биде спремен и способен да апсорбира. А секако, во секоја криза луѓето повеќе се „стискаат“, не се спремни да трошат колку што би трошеле во мирни денови, бидејќи секоја нејаснотија те тера, сакал или не, за некои потешки денови кои би можеле да дојдат“, вели Халили.

Затоа, додава тој, земјата треба да се фокусира на развој на стопанството и да ги избегнува можните политички недоразбирања, оти ако се продолжи по тој пат, не може да се надеваме на добри економски денови.

„Затоа се надевам дека ќе успее да се најде некој соодветен компромис и дека здравиот разум ќе преовлада и дека ќе му се овозможи на стопанството да ги постигне своите зацртани цели на почетокот на годината“, вели Халили.

И Витанов апелира до власта и опозицијата да седнат да се договорат и да видат кој е националниот интерес, оти, како што вели, со губењето на судството, се губи слободата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG