Достапни линкови

Илинденка Петрушева: Филмот е сон


„Само сонот е стварност“ е насловена најновата книга на филмскиот критичар, филмолог и истражувач на филмската историја Илинденка Петрушева, чија промоција е планирано да се одржи утревечер на 27 јануари, во 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Станува збор за ретка и исклучителна филмолошка објава во која е понудена богата тематска палета за седмата уметност што неодамна ја публикуваше книгоиздателството Македоника литера.

Илинденка Петрушева е филмски критичар, филмолог и истражувач на филмската историја. Родена 1944 година, се школувала во Скопје и во Загреб. Во почетокот на 1970-те започнала да се занимава со филмска критика, објавувајќи филмски рецензии, осврти, коментари и есеи во „Филм-фокус“, „Вечер“, „Културен живот“, „Денес“, „Македонија денес“, „Премин“ и во други домашни и странски списанија.

Насловот за оваа книга практично е превземен од стих на хрватскиот поет Тин Ујевиќ „Само сонот е стварност“ и најмногу му одговара на природата на филмот.
Илинденка Петрушева, филмолог.

Четири години подоцна е еден од основачите на Кинотеката на Македонија, а во 1979 година е и еден од иницијаторите за формирање на Кинотеката на Хрватска. Активен учесник е во востановувањето на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и долгогодишен главен и одговорен уредник на списанието „Кинопис“.

Таа е автор на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (Кинотека на Македонија, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (Киносојуз на Македонија, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005) и „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011).

Многу ми беше интересна таа прва декада после Втората светска војна. Како кинематографијата го добивала тој идеолошки предзнак, таа идеолошка боја.
Илинденка Петрушева, филмолог.

Од таму, нималку не чуди, кога во пресрет на промоцијата на својата нова објава „Само сонот е стварност“, што како издание на Македоника литера се појави деновиве, Петрушева забележува дека она што ги врзува последните неколку наслови е сознанието дека филмот е сон.

„Насловот за оваа книга практично е превземен од стих на хрватскиот поет Тин Ујевиќ „Само сонот е стварност“ и најмногу му одговара на природата на филмот. Тоа го образложувам во прологот на книгата каде што пишувам што е сонот и стварноста со манипулацијата врз гледачите. Тоа е филм. И затоа во насловите се провлекува тој сон“, вели Петрушева.

Поднасловена, пак, „Од бележникот на еден филмолог", „Само сонот е стварност“ е структурирана во шест целини со филмолошки студии, есеи и филмски рецензии. Во неа читателите можат да дознаат нешто повеќе за јапонскиот, рускиот, чешкиот, шпанскиот филм... За авторите Фасбиндер, Саура, Тарковски, за Сабо, за филмовите што кај нас, во одреден период, биле на кино-репертоарот и го привлекувале вниманието на љубителите на филмот.

Но пред сè, да научат и нешто повеќе за македонската кинематографија. Што се случило во далечната 1897 година, што снимиле Французите во филмските студија во Венсан, близу Париз, во далечната 1903 година, што правел снимателот Нобл во Македонија во 1903 и 1904 година. Што снимале домашните и странските филмаџии во Македонија од 1903 до 1954 година, каква била фасцинацијата кај нас од кино-прикажувањето, како започнала организираната македонска кинематографија по Втората светска војна...

Авторката појаснува дека во текот на целиот свој професионален живот „го истражувала минатото на македонската кинематографија и дека имајќи ги на ум и сознанијата од потрагите на своите колеги, во методолошката обработка на книгата, сакала да направи едно заокружување на таквите сознанија. Дополнува дека на истражувањата им нема крај, дека постојано на виделина излегуваат и нови работи, но дека нејзе ѝ било битно да престави некои значајни моменти од развојот на нашата кинематографија – од 1987 кога биле првите проекции до 1954 година.

„Многу ми беше интересна таа прва декада после Втората светска војна. Како кинематографијата го добивала тој идеолошки предзнак, таа идеолошка боја. Тука имајте предвид дека била пресудната 1948 и како се прекршуваат тие општествени струења врз кинематографијата. И затоа застанав до 1954 година“, вели Петрушева.

Говорејќи за објавата таа ќе рече дека книгата е „замислена како сендвич“. Вели дека прологот е посветен на сонот и стварноста, зашто е филмот тоа - сон и стварност, е епилогот дека говори за филмското време и филмскиот простор. Истакнува дека тоа се нови текстови, а потоа дека следува таа третина со историографскиот дел, за да конечно како последен есеј биде понудена разработката за односот помеѓу филмот и музиката.

„Долго време се мачев околу тој текст за филмот и музиката бидејќи требаше да погледам доста работи, да видам партитури. Мене провокација за тој есеј ми беа учествата на познати композитори како Мајкл Нејман, Филип Глас и еден режисер како Карлос Саура кои што имаат еден феноменален однос кон таа синтеза на филмот со музиката. Мое лично мислење е дека музиката и филмот се едно единствено. Затоа во случајов не зборувам за Енио Мориконе, тоа е музика парафраза која го следи дејствието. Уште од многу одамна, од времето кога се појавил звучниот филм Удовкин рекол „јас ги сфаќам звукот и музиката како контрапункт на сликата“ и мене ете тоа ми беше најголемиот предизвик“, вели таа.

Петрушева дополнува дека за промоцијата на книгата во кино „Фросина“, всушност, сакала да направи микс од некои секвенци на филмовите „Танго“ и „Фадо“ на Саура, но кога во приказната влетал Столе Попов со музиката од филмот „Дае“ и со извонредниот видео-спот за песната „Скопје“ на групата Леб и сол и кога видела дека ќе има потешкотии околу неговото обезбедување за прикажување, најдефетистички се откажала од идејата. Затоа се решила за една поинаква промоција во која ќе посегне по музичките документарци што ги има обезбедено за прикажување МакеДокс и по филмот „Searching for Sugar Маn“ (добитник на Oscar и BAFTA за најдобар документарец, победник на Sundance и добитник на уште 37 други награди), кој ќе биде прикажан веднаш по претставувањето на книгата од промотерите Зоја Бузалковска и Оливер Белопета, а е дел од програмата на зимскиот дел од фестивалот.

„Тоа е еден феноменален документарец и мислам дека така на најубав начин ќе се заокружи целата приказна. Згора на тоа, момциве и девојките од МакеДокс, едноставно сугерираа по проекцијата да се дружиме со музиката на ненадминатиот Сихто Родригез. Сакам да се оттргнеме од тие стереотипи, да се читаат делови од книгата, па не знам што потоа. Да биде малку поспонтано. Да се опуштиме за момент во ова време на милион грижи. Сепак филмот е луда работа. И сон. И голема манипулација“, вели Петрушева.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG