Достапни линкови

Унковски - Луѓето се будат од хипнозата


Унковски - Луѓето се будат од хипнозата
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:26 0:00

Унковски - Луѓето се будат од хипнозата

Се води една поголема акција што не ја разбирам во моментот до крај, којашто полека го меле овој систем, нема да може одма бидејќи е многу поткрепен со пари и со злоупотреба на разни други државни органи, меѓутоа полека, полека, мислам дека луѓето ги отвораат очите и гледаат дека животот не им е поубав затоа што има ваков или онаков споменик, вели режисерот Слободан Унковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре Унковски, на Македонија ѝ се случија масовни студентски протести, коишто власта веднаш ги окарактеризира како партизирани. Вие ги поддржавте студентите, бевте со нив низ улиците. Како го разбирате обидот на власта секое кревање на гласот да се врами во категоријата „партизирана“?

Она што го гледате во светот е одраз на вашиот поглед на светот. Не можете да препознаете други работи освен она како што вие се однесувате или како што вие ги редите работите, така што ако целиот нивен свет е партизиран, партиски, ако тоа е нивниот идеал и модел на владеење, тогаш само тоа можат да го видат. Ако нешто се случи, мора да го стават во такви рамки и на тој начин да пробаат да го компромитираат. Студентските, и можете да кажете за разни други протести, дека се вакви или такви, меѓутоа за студентските навистина тоа не можете да го кажете, бидејќи тие, не само што настапуваат без никакви партиски обележја, туку настапуваат со автентична енергија и со состав кој импресионира и кој никако не е партиски по сите елементи. Бев таму, видов, бев да ги поддржам не заради екстерното, туку бев да ги поддржам да го изразат своето мислење, затоа што мислам дека е многу важно во Македонија да дојдеме во фаза сите да ги го кажат своето мислење без страв, без колебање, без задршка и да не биде мислењето дадено од некого, туку да биде автентично генерирано. Кога власта кажува дека е партиски обоено, таа мора да си даде себе си објаснување, зошто инаку другата варијанта би била да сфати дека не ја сакаат, дека не им се допаѓа, дека не им се допаѓа тоа што го прават, а мислам дека Универзитетот и образованието тоа го суредија до максимални граница.

Значи до кога партијата ќе биде пред интересите на граѓаните? До кога политиката ќе биде поважна од политиката и спортот, а квантитетот ќе му пркоси на квалитетот?

Затоа студентскиот марш и Студентскиот пленум е значаен, бидејќи го пука големиот балон на една надуена ситуација. Ја покажува суштината дека кралот е гол, го открива тоа и го покажува непостоењето на каква било идеологија, апсолутно ова што се прави не е идеологија на ВМРО, на пример. Тоа е идеологија која се базира на пари, на раководење со пари и на влијание и на ширење на власт, базирано на разни идеи кои сигурно не се државни. На таа линија мислам дека е врзан и целиот тој корпус на прашања со управување, со контрола на сè, од спортски клуб до универзитет, со сите области на животот. Тоа ги покажува манијакалните состојби на оние што ја водат државата, значи тоа не е веќе нормална состојба, зашто има мерка на потребата да се контролира, не, сè мора да се контролира до крај, сè мора да биде под контрола, сè мора да се решава од едно место и тоа станува неподносливо. Некои тоа го почувствуваа пред осум години, некои тоа го почувствуваа денес, некои ќе го почувствуваат понатаму, меѓутоа факт е дека од таа една комплетна контрола веќе го снемува воздухот за дишење, а камоли за какво било одлучување и затоа студентскиот марш, односно кршењето на прозорот за да влезе воздух е значајно и отвора една нова надеж во менување на состојбите, не околу екстерното или државниот испит, туку околу состојбите и демократијата во Македонија, и во тоа е, според мене, најзначајното движење што го прави, а притоа навистина сум импресиониран од тоа како ги избегнуваат сите стапици на каква било политизација. Се разбира нивната акција е политичка, меѓутоа не подлегнуваат и апсолутно не се слагам дека се под чија било контрола.

Имате ли од друга страна впечаток дека девизата секој против секого или онаа хобсовата „човек на човека му е волк“ се премногу одомаќинети во македонското општество?

Тоа се генерира, тоа не е нешто што мора да биде типично, не е нешто што кога било било толку доминантно, значи тоа сега се генерира и на тој начин, ваков еден систем мора да се храни и да живее со непријатели, значи ако ги нема ќе ги измисли. Поголемиот број на непријатели прави поголема храна за структурите и популистичките структури секогаш бараат непријател, бараат друг што е виновен, бараат громобран кадешто треба да се насочи таа цела енергија и тоа се прави. И она што е за мене многу интересно во цела таа ситуација е што постојано власта генерира нови и нови луѓе коишто доаѓаат на разни позиции во државата коишто се сè помлади и помлади и коишто се сè повеќе и повеќе заслепени и сè повеќе и повеќе послушни извршители на акциите. Ме потсетува многу ситуацијата, една паралела ќе извлечам, на ситуацијата во Берлин 1945 година, кога веќе немало која војска да се изведе, туку се ваделе деца, жени, сè што може да се проба да се одбранат последните позиции. Вие сега имате во разни институции каде доаѓаат сè помлади и помлади луѓе коишто се сè посурови во тоа што го прават и тоа ја меле државата и мислам дека тоа остава траги не само на луѓето кои го поднесуваат тој товар, туку драматично ги дестабилизираат сите односи во државата и тоа има едни далекурочни последици.

Професоре, гледате ли логично оправдување за оние кои од страв да не ја изгубат материјалната егзистенција по патот ја губат својата душа и основните човекови вредности?

Овие што ги знам во културата, не ги знам сите, што се најголеми гласноговорници на неприкосновеноста на власта, за секој од нив стои некој меркантилски интерес, некоја сметка. Тоа рибарење на човечки души што постојано било врзано со идеологија, сега е врзано со пари, зад секоја од тие акции стојат пари, помали, поголеми, или некои уцени што не ги знаеме точно, меѓутоа тоа е една таква разработена дистрибуција на задачи и на хранење на тоа едно канцерозно тело што ја зафатило Македонија, тоа е импресивно и на наша сметка, затоа што ние ги даваме тие пари. Тоа е парадокс, Македонија ги дава парите за да се уништи, да се растури сè што е македонско, сè што е демократско, сè што мисли поинаку. Не сум против која било партија, не сум ни против ВМРО-ДПМНЕ, ниту против СДСМ, нека си постојат колку што ги бива, како што ги бива, меѓутоа има нешто што е над тоа и тоа студентите го потенцираат, има нешто што е поважно од тоа, а тоа е постоењето на оваа држава, постоењето на оваа нација која ќе се доведе во прашање како што се тресат нејзините темели сега, како што се тресат темелите на идентитетот итн., и повторно ќе речам не е добро да одиме кај Александар Македонски не затоа што немам потреба да имаме крал, можеме да имаме еден антички крал, меѓутоа мислам дека не ни е таму јазикот, не ни е таму традицијата, не ни е таму ништо и замените за денеска да живееме во минато не се добри и нема да не одведат никаде. Денеска имаме проблеми, прочитав – ајде да провериме во еден автобус колку луѓето имаат пари по џебови, ќе видиме дека од 50 патника, 35 до 40 немаат повеќе од 100, 200 денари, тоа е суштината, ова другото не е суштина. Панорамското тркало, па тоа се неописливи глупости, тоа е страшно за Македонија, за Скопје, не знам скопјани што чекаат, па 18 милиони да се дадат за тоа, а гледате каков е студентскиот дом.

Го споменавте популизмот. Постојат ли начини, постојат ли средства како да ѝ се спротивставиме на лажната слобода и на тој растечки популизам кој што добива несогледливи размери?

Секогаш е прашање дали треба да се оди на некои радикални мерки или треба да се бараат некакви демократски методи. Не можат да се применат ни радикалните мерки, ако не се развијат претходно, ако не се разобличи таа власт, ако не се отворат нејзините механизми, ако не се отворат нејзините вистински намери, мислам дека треба да се направи сè за да се промени состојбата, затоа што станува веќе предоцна и не знам дали ќе има време, затоа што не е прашање дали Македонија ќе опстои како држава, таа ќе се држи во својата надворешна лушпа може уште некое време, меѓутоа ако се разнебитат сите внатрешни структури, нема да може да преживее понатаму, независно што ќе ја задржи таа своја надворешна лушпа. И на таа линија, многу е комплексен процесот на лечење. Од она што го гледам сега, што се случува со студентите и од некои други акции што се водат, гледам дека се води една поголема акција што не ја разбирам во моментот до крај, којашто полека го меле овој систем, нема да може одма бидејќи многу е поткрепен со пари, со злоупотреба на разни други органи, државни, меѓутоа полека, полека, мислам дека се отвора една друга димензија и луѓето сфаќаат, независно од тој популистички занес што ги тера во една хипноза, полека ги отвораат очите и полека гледаат каде се и што се и гледаат кај живеат и дека не им е животот поубав затоа што има ваков или онаков споменик.

Велите луѓето полека се будат и гледаат. Знаеме ли во суштина кои сме и што сакаме, јасно ли ви е вам дали сме за евроинтеграции или ни е добро таму каде што сме и колку што сме?

Македонија не го знае одговорот на прашањето која е. Македонија го заборави тој одговор, ѝ беше одземен, ѝ беше уништен, ѝ беше всушност затворена устата да каже што било. Наместо тоа се нудеа други одговори коишто беа за дневни употреби, од денес до утре. Од еден концепт којшто ни е надуен и базиран на некаков задоцнет националистички занес. Ние мора да се вратиме и да видиме кои сме и што сме и какви сме. Без јасни одговори не можеме понатаму. Европските интеграции и прифаќањето на граѓаните за или против е секогаш прашање на државна политика меѓу другото, не е тоа прашање само на граѓаните така им текнало, па ќе се определуваат, значи ако државата постојано ја компромитира на некој начин улогата на Европската заедница, ако ја доведува во прашање, ако не соработува, ако не ги применува препораките на таа заедница, ако нема слобода на медиуми, ако нема слобода на образование, ако нема општо слобода на сите други што не се членови на таа партија и не ги извршуваат работите, тогаш тој евроскептицизам се разбира се шири, меѓутоа мислам дека тоа се менува брзо, едноставно со еден поинаков пристап.

Ако методите на власта се нагласено популистички, како тогаш го оценувате дејствувањето на опозицијата, дали тоа е пасивно, уплашено, рамнодушно?

Не гледам еден јасен концепт на кај оди, не се уверливи нивните соопштенија за решавање на состојбите, од друга страна ја имаат одговорноста да ги изнесат доказите за коишто тврдат дека ги имаат, макар после тоа престанеле да постојат. Тоа ако го заврши СДСМ, да ги отвори тие проблеми, понатаму или ќе преживее или ќе биде уништен, меѓутоа тоа мора да го направи. Не е по ништо специјално атрактивна опозицијата моментално. Не е доволно убедлива. Меѓутоа во овој момент важно е да падне режимот и во тоа смисла мислам дека не треба да се бавиме многу со опозицијата, со квалитетот, туку просто да ги направиме сите напори да се смени оваа погубна политика. Што ќе правиме после тоа не е така едноставно и не е лесно за прогнозирање, меѓутоа од друга страна постојано верувам дека ќе се најдат некои нови сили и ќе направат исчекор во нешто што не сме го виделе досега.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG