Достапни линкови

Маршот не ја разубеди власта


Министерот за образование Адеми останува на ставот дека државен испит ќе има и покрај масовните протести на студентите.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми не се откажува од воведувањето на државниот испит на универзитетите и покрај вчерашниот масовен марш на студентите. Од опозицијата, пак, велат дека не ни очекувале поинаква одлука од власта.

Тоа што го кажавме и претходно, значи кога ќе излеземе до конкретен предлог, ќе ги повикаме сите да се вклучат во дебата и во тој период да дадат нивни размислувања, сè со цел да изнајдеме заедничко решение.
Абдилаќим Адеми, министер за образование и наука

Претставници на студентскиот пленум на вчерашниот марш доставија барање до владата за повлекување на предлогот за воведување на државниот испит на универзитетите. Во него, како што соопштија на шест страни се содржани и аргументите зошто мерката не е прифатлива, која пред се се коси со автономијата на универзитетите. Уште еднаш повторија и дека се за реформи во високото образование и дека студентите мора да бидат вклучени во нивното осмислување.

Адеми по денешната посета на тетовското основно училиште „Миѓени“ уште еднаш го повтори истиот став дека се уште нема конкретен предлог за државниот испит.

Имајќи предвид дека Никола Груевски во изминатиот период цело време води политики на суета и детско инатење, не очекуваме дека ќе има какво било промени независно од огромниот одѕив на студентите на вчерашниот студентски марш.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Тоа што го кажавме и претходно, значи кога ќе излеземе до конкретен предлог, ќе ги повикаме сите да се вклучат во дебата и во тој период да дадат нивни размислувања, сè со цел да изнајдеме заедничко решение и решение кое во иднина ќе биде имплементирано токму од засегнатите страни“, изјави Адеми.

Според Адеми предлогот до ректорот го доставил по енгово барање, но бидејќи не бил усвоен не можел да го сподели со јавноста. Од истата причина Адеми досега не ги примил студентите на разговор.

„Досега не сум одржал никаков состанок околу државниот испит, затоа што се уште не сме го презентирале јавно, во моментот кога ќе го презентираме сите ќе бидат вклучени во дебатата, вклучително и студентите.“

Од опозициската СДСМ и претходно соопштија дека кога би биле на власт би го укинале екстерното тестирање во основното и средното образование, како и на универзитетите доколку биде воведе државниот испит. Портпаролот на партијата Петре Шилегов вели дека не очекуваат оти премиерот Никола Груевски ќе се откаже од идејата, бидејќи води политика на инает и суета, а не на рационално донесување на одлуки, кои мора да бидат спроведени без приговор.

„Имајќи предвид како беше пренесено за студентските протести од страна на провладините медиуми и имајќи предвид дека Никола Груевски во изминатиот период цело време води политики на суета и детско инатење, не очекуваме дека ќе има какво било промени независно од огромниот одѕив на студентите на вчерашниот студентски марш.“

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG