Достапни линкови

Студентите не смеат да мислат спротивно од власта


Излегува дека секој кој има некаков став кој се разликува од матрицата на власта, всушност е притискан или изманипулиран.

Студентите биле изманипулирани оти не се работело за екстерно тестирање, туку за државен испит, а опозицијата ги извадила на улица, оцени премиерот Груевски викендов, пет дена откако неколку илјади студенти протестираа против најавената реформа.

Ние сме децидно против каква било мерка државен испит, односно екстерно тестирање, сепак е терминолошка разликата. Кога станува збор за тестирање надвор од универзитетот може да го наречам екстерно, односно доколку тоа го врши државата - државен испит.
Владимир Делов, Студентски пленум.

Владимир Делов од Студентскиот пленум, неформална група што го организираше протестот, вели дека разликата меѓу државен испит и екстерно тестирање всушност е терминолошка.

„Ние сме децидно против каква било мерка државен испит, односно екстерно тестирање, сепак е терминолошка разликата. Кога станува збор за тестирање надвор од универзитетот може да го наречам екстерно, односно доколку тоа го врши државата -државен испит“, вели Делов.

Во контекст на протестите покрај тоа што Груевскуи тврдеше дека биле изманипулирани рече и дека на повеќе факултети имало притисок врз студентите да излезат на протест. Дали со ваквите ставови во јавноста се наметнува мислење дека секој кој има некаков став всушност е притискан или изманипулиран?

Станува збор за отсуство на демократска култура, затоа што во старт сите лоши работи се препишуваат на другата партија, значи нашата партија никогаш не манипулира, нашата партија секогаш е во право, само ние имаме монопол над вистината, тоа е сосема надвор од секаква демократска комуникација.
Климе Бабунски, комуниколог.

Според комуникологот Климе Бабунски во Македонија не постои сериозна демократска политичка комуникација туку таа се употребува за екскомуникација, односно како што вели, да се исклучат другите од неа.

„Станува збор за отсуство на демократска култура, затоа што во старт сите лоши работи се препишуваат на другата партија, значи нашата партија никогаш не манипулира, нашата партија секогаш е во право, само ние имаме монопол над вистината, тоа е сосема надвор од секаква демократска комуникација“,вели Бабунски и додава дека уште пострашно е што не постои комуникација меѓу студентите, министерот за образование и премиерот.

Викендов пак по изјавата на Груевски во јавноста се јавија и студенти кои велат дека ја поддржуваат идејата за државен испит оти сметаат дека квалитетот на високото образование ќе се зголеми со тоа што јасно ќе се знаело кој заслужил, а кој со знаење стекнал диплома.

„Не би го рекол како обид да се заземе нашиот простор, бидејќи јавно никој не излезе да каже како тие државни испити ќе го подобрат квалитетот на студирањето. Викендов, може да закличиме, дека видовме сѐ и сешто, меѓу другото и дека протестите се фингирани од страна на опозицијата, се оградуваме од какви било изјави од медиумит“, вели Делов.

Студентскиот пленум во денешната реакција по повод излагањето на премиерот наведува и дека се уморни од реториката со која се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегитимира. За жал, државните институции повторно покажаа дека не се подготвени да се справат со конструктивна критика и се обидуваат да ги делегитимираат активностите на пленумот, на начин кој не ѝ прилега на една политичка структура, се наведува во реакцијата на пленумот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG