Достапни линкови

Студентите - иницијална сила за промени


Дали студентскиот марш покажува дека општеството е зрело за создавање на една критична маса која независно ќе се спротистави на лошите владини политики?

Одѕивот на студентскиот марш ги изненади и самите учесници и организатори. Студентите масовно и обединето го кренаа својот глас против најавената реформа во високото образование. Тие воедно најавија дека нема само да се спротивстават на идејата за екстерно тестирање на универзитетите, туку и натаму ќе се борат за сите проблеми кои ги мачат.

Кај нас сè уште нема развиена политичка култура за да ги присвојат тие барања и да ги направат политички одлуки. Затоа, таквата пракса претставува демобилизирачки фактор за развој на таква маса
Артан Садику, активист.

Дали студентскиот марш покажува дека општеството е зрело за создавање на една критична маса која независно ќе се спротистави на лошите владини политики? Програмскиот директор на Институтот за општествени и хуманистички науки и граѓански активист, Артан Садику, вели дека маршот е еден од серијата на можни настани кои ќе допринесат за развивање на општествена мобилизација за важни политичко општествени прашања. Тој не сака да избрзува со оценката дека ќе се развие сериозна критичка маса, поради фактот што кај нас има пракса на политичка ароганција.

Сега е тој импулс за студентите да прераснат во навистина она што треба да се, прво носители на општествениот прогрес, носители на општествените промени, онаа движечка сила којашто ќе биде предвесник на некои позитивни процеси што треба да се случат во нашето општество.
атјана Стојановска Иванова, универзитетски професор.

„Тоа се гледаше и во процесот со движењето АМАН, кога граѓаните се обесхрабруваат да учествуваат во такви форми на организирање и мобилизирање, токму поради фактот што кај нас сè уште нема развиена политичка култура за да ги присвојат тие барања и да ги направат политички одлуки. Затоа, таквата пракса претставува демобилизирачки фактор за развој на таква маса“, вели Садику.

Професор Татјана Стојановска Иванова вели дека маршот и дал имуплс на надеж дека студентите кои досега живееле во еден свој свет нема повеќе да ги прифаќаат промените кои се на нивна штета.

„Сега е тој импулс за студентите да прераснат во навистина она што треба да се, прво носители на општествениот прогрес, носители на општествените промени, онаа движечка сила којашто ќе биде предвесник на некои позитивни процеси што треба да се случат во нашето општество“, вели таа.

Според Садику, во Македонија повеќе постојат услови за отпор на владините политики, отколку критична маса која би можела преку комуникација со институциите да промени нешто. Со праксата на поединечните мобилизации и преку нивниот ефект без разлика на резултатот се дава можност за нивно понатамошно помножување.

„Множењето на таквите критични маси во општеството во повеќе општествени сектори може да издејствува сеопширно општествено мобилизирање и политичко ангажирање на граѓаните во Македонија и тогаш може да зборуваме за пракси кои заедно може да конвергираат и да реализираат дури и поголеми политички цели“, вели Садику.

Според Стојановска Иванова, маршот е само почеток, бидејќи младите без страв за прв пат проговоруваат јавно и без да се плашат од последиците. Според неа, тие всушност се авангарда и предвесник на прогресот и додава дека фасцинира тоа што на маршот не можеше да му се даде некаква политичка или етничка конотација, туку во прв план беше нивната кауза.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG