Достапни линкови

ЗНМ речиси собра пари за казната на Фокус


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Здружението на новинари на Македонија покрена солидарна акција за собирање пари, откако судот пресуди дека новинари од Фокус треба да му платат обестштетување на директорот на УБК Сашо Мијалков за текстови објавени во сега веќе згаснатиот дневен весник Фокус. Најголемиот дел од парите се веќе собрани, соопшти претседателот ЗНМ, Насер Селмани.

Акцијата на Здружението на новинари за собирање пари со кои неделникот Фокус ќе му ја исплати казната на директорот на УБК Сашо Мијалков е успешна, објави денеска претседателот на ЗНМ Насер Селмани. За помалку од десет дена, колку што трае акцијата, на нивната жиро сметка се собрани поголемиот дел од потребните девет илјади евра, прецизира тој.

Стануваме сè посвесни дека не смееме да дозволиме да се задушува слободата на печатот, затоа што без слобода на изразување не можеме да бидеме слободни граѓани.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

„Стануваме сè посвесни дека не смееме да дозволиме да се задушува слободата на печатот, затоа што без слобода на изразување не можеме да бидеме слободни граѓани“, рече Селмани, кој побара да се донира и во следниве неколку дена.

Архивска фотографија: Претседателот на ЗНМ Насер Селмани.
Архивска фотографија: Претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

„Останува уште малку да ја достигнеме сумата од 9 илјади евра. До понеделник имате можност да ни се придружите во акцијата и да ја заокружиме сумата и со тоа заеднички да прославиме една од најуспешните акции за солидарност меѓу новинарите во Македонија“, рече Селмани.

Ако тоа колегите сметаат дека е нешто нормално и секојдневно, навистина е жално за професионалните стандарди. Едноставно, добар дел од граѓаните не ни знаат дека сме казнети, добар дел кои се информираат само од одредени телевизии и не знаат дека здружението покренало една ваква акција.
Јадранка Костова, главен и одговорен уредник на Фокус.

Според одлуката на Основниот суд Скопје 2, „Фокус“ треба да плати околу 9.000 евра за обесштетување и судски трошоци. Мијалков тужбата против овој медиум ја поднесе поради два објавени текста во сега веќе згаснатиот дневен весник Фокус во кои беа наведени и изјавите на поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка, Игор Илиевски.

Одлуката на првостепениот суд минатиот месец ја потврди и Апелациониот суд, наведувајќи дека „досудените износи претставуваат справедлив паричен надоместок за повредата на личните права на тужителот и соодветствуваат на карактерот и природата на навредата“.

Главната уредничка на Фокус, Јадранка Костова, вели дека во меѓувреме до редакцијата дошле многу пораки за поддршка и изрази задоволство што се собрале толку пари, иако, како што вели, голем дел од медиумите воопшто не објавиле вест дека Фокус е казнет и дека Здружението организира солидарна акција.

„Ако тоа колегите сметаат дека е нешто нормално и секојдневно, навистина е жално за професионалните стандарди. Едноставно, добар дел од граѓаните не ни знаат дека сме казнети, добар дел кои се информираат само од одредени телевизии и не знаат дека здружението покренало една ваква акција. На сите за поддршката уште еднаш големо благодарам“, рече Костова, која додаде дека тужителот сè уште не им ги доставил жиро-сметките на кои треба да ги уплатат парите.

Мијалков, пак, како што беше претходно објавено, парите од оштетата ќе ги донирал во Домот за деца без родители 11 октомври во Скопје.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG