Достапни линкови

Американскa помош за курдите во Кобани


Американскa воена помош за курдите во Кобани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

Американски воена помош за курдите во Кобани

Американската Централна команда соопшти дека американските сили извршиле неколку летови во близина на опколениот сириски град Кобани со цел да ги снабдат Курдите кои го бранат градот од милитантите на Исламската држава. Во Кобани во изминативе два дена имало жестоки битки меѓу Курдите и милитантите.

Во соопштението на американската Централна команда се наведува дека помошта се состоела од оружје, муниција и медицински материјал кој бил обезбеден од курдските власти во Ирак.

Веднаш по акцијата портпаролот на курдските сили, Полат Кан, на Твитер потврди дека Курдите добиле, како што наведува, големо количество оружје и муниција и оти наскоро можело да има добри вести од Кобани.

Ова е прва таква акција по неколкунеделните воздушни напади на американските сили и сојузниците врз позиции на милитантите на Исламската држва во близина на Кобани кој се наоѓа крај границата со Турција.

Ние ја разбираме турската загриженост од курдските групи. Но длабоко веруваме дека Соединетите држави и Турција се соочуваат со заеднички непријател и затоа е неопходно да дејствуваме брзо.
неименуван претставник на Белата куќа.

Тоа, според оценките на Централната команда, им помогнало на курдските бранители кои во изминативе два дена воделе жестоки битки со милитантите.

Опсерваторијата за човекови права со седиште во Британија, а која има мрежа на информатори внатре во Сирија, соопшти дека милитантите кои скоро еден месец го држат под опсада градот Кобани, претрпеле големи загуби.

Американската војска соопшти дека имало охрабрувачки сигнали во битката за Кобани, но предупреди дека градот се уште би можело да падне во рацете на милитантите.

Белата куќа во неделата објави дека претседателот Барак Обама телефонски разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, при што се заложиле за посилна соработка против милитантите на Исламската држава во Сирија.

Од друга страна, Ердоган за турската новинската агенција Анадолу отфрли секаков вид воено снабдување за курдските борци во Кобани.

Ердоган изјави дека главната партија на курдите во Сирија, била терористичка организација како и партијата на курдските бунтовници во Турција.

„Ние ја разбираме турската загриженост од курдските групи. Но длабоко веруваме дека Соединетите држави и Турција се соочуваат со заеднички непријател и затоа е неопходно да дејствуваме брзо“, изјави претставник на Белата куќа.

Во меѓувреме, меѓународната коалиција ги продолжува воздушните напади против милитантите на Исламската држава во Ирак. Таму пристигнале и воени советници.

Ирачката војска, според последните информации, успела да ја врати контролата врз неколку региони што било резултат од големата контраофанзива против џихадистите во која биле убиени, како што наведува Багдад, десетици терористи.

Се прецизира дека ирачките сили го контролираат и главниот пат меѓу северните градови Тикрит и Баиџи.

Милитантната група Исламска држава освои големи делови од Ирак и Сирија во блиц акцијата во јуни годинава.

Инаку, австралискиот министер за надворешни работи Џулија Бишоп во неделата во Багдад изјави дека со ирачката влада бил постигнат договор за разместување на 200 припадници на специјалните сили кои би требало да им помагаат на ирачките војници.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG