Достапни линкови

Ваши коментари – Извештај, ебола и сообраќајни казни


Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, лажната тревога за ебола во земјава и високите сообраќајни казни се најкоментирани теми од нашите читатели.

Извештајот што го доби земјава за напредокот на патот кон ЕУ, се чини многу реално го сфаќаат многу наши посетители на веб-страницата, па во коментарот од Правда стои дека „засилена политизација и растечки недостатоци во независноста на судството е забелешка од ЕК која јасно покажува дека власта диктира висок степен на режимско владеење, а ’контролата на медиумите‘ е втората успешна алатка на овој, цитирам, фашистички режим да врши влијание во создавањето јавна свест, односно несвест“.

Засилена политизација и растечки недостатоци во независноста на судството е забелешка од ЕК која јасно покажува дека власта диктира висок степен на режимско владеење.
Коментар од читател.

Перо, пак, во контекст на екстерното оценување во училиштата, напишал дека „така, паднавме на екстерно, по не знам кој пат, со лоша оценка. Е, сега, кој ќе биде казнет? Дали нашите ни мили продавачи на убав живот ќе земаат барем една година 20 отсто помала плата, иако казната за ова се знае што е. Народот е инспекторот“.

Здравствените власти постојано ги лажат граѓаните со појава на разни вирусни болести за да се оправдаат набавените вакцини.
Коментар од читател.

Во врска со лажната тревога дали има ебола во земјава предизвикана од сензационалистичкото информирање на некои телевизии, некои коментари на нашата Фејсбук страница покажуваат колку граѓаните не им веруваат на институциите на државата: Владимир Чецков смета дека здравствените власти постојано ги лажат граѓаните со појава на разни вирусни болести за да се оправдаат набавените вакцини, а Мирко Георгиевски вели: „Овие и министерот немаат врска, брука невидена!“ На Фиданчо Петров сево ова му личи на играна серија. „Прва епизода“, вели, „Јустиција, втора - ебола, трета и сè така додека не помине октомври и не се заборават некои работи“.

Во врска со фалбите од страна на првите луѓе на Владата за економскиот раст во земјава, Фејсбук страницата на Радио Слободна Евеопа е полна со коментари и полемики. Весна Фулспид Иванова напишала: „Грујо пак лаже, сите во неговата банда лажат!“ Виктор Анета Димитриевска кратко забележала: „Црн хумор“, а Маринко Бачко Несторовски го вели следново: „А на граница гужва... чекаат Норвежани виза за гурбет во МК“. Но Зоки Лоу и Небојша Спасиќ сметаат дека луѓето што пишуваат вака трескале зелени и требало да се засрамат.

Инаку, на нашето прашање во Хајд Паркот што мислат граѓаните за новите огромни сообраќајни казни, речиси сите што испратиле коментари сметаат дека да, казни треба да има, зашто има премногу несовесни и неуки возачи, но дека сепак се премногу високи за наши услови. „Не може најмалиот прекршок да биде казнет со 50 евра, што е 25 отсто од просечната плата“, напишал, на пример, Стеван Наумовски од Гевгелија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG