Достапни линкови

Нема простор за фалба за економскиот раст


Груевски се пофали дека Македонија остварила најдобар економски раст во Европа, но економистите велат дека нема простор за фалба.

Премиерот Никола Груевски за време на отчетот по повод 100 дена од работењето на владата истакна дека Македонија остварила најдобар економски раст во Европа во првите шест месеци, но дел од економистите велат дека нема простор за фалба. Според Груевски, во првиот квартал беше забележан раст од 3,5 проценти, а во вториот од 4,3 отсто.

Растот на економијата е движен од високите капитални инвестиции од буџетот, растот на економијата е движен и од извозот на фирмите-директни странски инвестиции.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов вели дека економскиот раст е бруто раст на целокупната индустрија, меѓутоа во Македонија тоа се четири до пет капацитети кои го придвижуваат тој раст.

„Тоа се пред се рудници и железарници, ФЕНИ, извозот на суровини и полуфабрикати и градежништвото, меѓутоа тие пари од економскиот раст завршуваат кај седум-осум поединци со име и презиме, а економскиот раст во глобала земено е просек. Е сега, ако седум-осум поединци економски растат и се богатат на сметка на два милиони, мислам дека тоа е економски срам, а не успех на која било влада“, вели Витанов.

Затоа што ние не треба да храниме трутови, туку треба да храниме држава, народ, односно не да храниме, туку да обезбедиме услови тие сами да си заработат.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија.

Груевски порача дека и покрај предизвиците на економски и стратешки план во Европа, во Македонија бил постигнат највисок економски резултат. Мерките кои ги преземале, според него, ја постигнале целта и обезбедиле работа во градежништвото и други дваесет индустриски гранки, додека странските директни инвестициите бележат раст од 12,1 отсто во првата половина споредбено со истиот период во минатата.

„Растот на економијата е движен од високите капитални инвестиции од буџетот, растот на економијата е движен и од извозот на фирмите-директни странски инвестиции во технолошките индустриски развојни зони и надвор од нив, во индустриските зони“, рече Груевски.

Според Витанов, ако секоја макроекономска мерка на крајот нема подобрување на животниот стандард на граѓаните, тогаш таа е неуспешна. Показател за вистинската состојба на македонската економија, е просечната плата, додава тој.

„Затоа што ние не треба да храниме трутови, туку треба да храниме држава, народ, односно не да храниме, туку да обезбедиме услови тие сами да си заработат. Просечната плата е јасно огледало, оти БДП-то е искривено огледало за реалната слика, а просечната македонска плата е реално огледало за македонската социјална и економска слика, така што ова е показателот што ни покажува каква е економијата, а не БДП-то“, вели Витанов.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната плата во Македонија изнесува 21.350 денари. Владата за наредната година најави економски раст од 4 отсто. Според експертите, на Македонија ѝ е потребен раст на БДП од 8 до 9 проценти за да се приближи до стандардот на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG