Достапни линкови

Шкотска ја отфрли независноста


Резултатите од вчерашниот референдум во Шкотска покажаа дека повеќето граѓани се за останување во Обединетото Кралство. На прашањето: „Дали Шкотска треба да биде независна држава“, 55 отсто од гласачите одговориле негативно, додека 45 отсто позитивно.

Одиме натаму како една нација, порача Алекс Салмонд, лидерот на Шкотската Национална партија која го покрена референдумот во денешниот говор во кој го призна поразот наведувајќи дека Шкотска решила барем засега да не се одвојува од Обединетото кралство.

„Нашиот референдум беше договорен и одобрен процес. Шкотска во оваа фаза реши да каже не на тоа да стане независна земја и јас ја прифаќам таа одлука“, изјави Салмонд, дидавајќи:

Нашиот референдум беше договорен и одобрен процес. Шкотска во оваа фаза реши да каже не на тоа да стане независна земја и јас ја прифаќам таа одлука.
Алекс Салмонд, лидерот на Шкотската Национална партија.

„Одѕив од 86 насто е еден од највисоките во демократскиот свет, било да станува збор за избори или за референдум, во историјата. Ова е триумф на демократскиот процес и за учеството во политиката“, рече тој.

Салмонд изјави дека очекува Лондон брзо да ги исполни своите ветувања за давање поголеми овластувања на Шкотска.

Претходно и неговиот заменик Никола Стургеон го призна поразот на референдумот, велејќи:

„Како и илјадниците други во земјава ги дадов душата и срцето во оваа кампања и сега имам чувство на разочараност бидејќи за малку не успеавме да обезбедиме поддршка за независноста“, изјави тој.

„Ве слушнавме“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон кој изразувајќи воодушевеност од шкотскиот референдум најави дека целосно ќе бидат исполнети ветувањата на владата за поголеми овластувања на Шкотска.

Како што реков за време на кампањата, ќе ми беше скршено срцето да видев како му доаѓа крајот на нашето Обединето Кралство. Знам дека тоа чувство го делеа луѓето не само во земјава, туку и во целиот свет, поради она што постигнавме заедно во минатото и што можеме да направиме заедно и во иднина.
Дејвид Камерон, премиер на Велика Британија.

„Како што реков за време на кампањата, ќе ми беше скршено срцето да видев како му доаѓа крајот на нашето Обединето Кралство. Знам дека тоа чувство го делеа луѓето не само во земјава, туку и во целиот свет, поради она што постигнавме заедно во минатото и што можеме да направиме заедно и во иднина“, рече тој.

Камерон додаде дека расправата за ова прашање е завршена за една генерација и му упати честитки на предводникот на кампањата против независноста на Шкотска Алистер Дарлинг кој изјави:

„Народот на Шкотска се изјасни. Одбравме единство наместо поделба и позитивни промени, наместо непотребно отцепување“, изјави Дарлинг.

Според официјалните резултати од пребројаните гласови во сите 32 округа, противниците на независноста освоиле 55,3 отсто, а оне што биле за незвисност 44,7 проценти од гласовите.

Тоа е за над еден милион и деветстотини гласови за страната која е за останување на Шкотска во Обединетото Кралство.

Изгледите за растурање на шестата најразвиена земја во светот и постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, предизвикаа загриженост во Соединетите Држави и Европа, особено во земјите како Шпанија или Италија кои се соочуваат со нивни сецесионистички движења.

Вашингтон стави јасно до знаење дека сака Обединетото Кралство, неговиот најголем сојузник во Европа, да остане една држава.

„Ризикот од огромно нарушување од шкотскиот референдум исчезна. Тоа е добро барем за догледно време. Но, не зе добро тоа што се уште има голем број кои се за отцепување од Обединетото Кралство“, вели економскиот аналитичар Роберт Вуд.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG