Достапни линкови

Растат само платите на административците


Илустрација.
Илустрација.

Експертите се со различни ставови зошто платите на оние кои заработуваат и за себе, но и за администрацијата, остануваат на толку ниско ниво.

Платите во јавниот сектор растат, а во приватниот остануваат исти. Експертите се со различни ставови зошто платите на оние кои заработуваат и за себе, но и за администрацијата, остануваат на толку ниско ниво. За едни, работниците имаат мали плати на сметка на големите профити на газдите, но други посочуваат на ниската продуктивност на вработените во приватните компании.

Се случува голема прераспределба на богатството во Македонија. Работниците осиромашуваат, бидејќи богатството од ниските и средните слоеви се трупа во рацете на мал број луѓе.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Универзитетскиот професор Здравко Савески вели дека на вработените во приватните фирми им се случува експлоатација на работното место. Работодавците од нив бараат повеќе работа за мала плата и на тој начин заработуваат екстра профит. Тој додава дека во јавната администрација ситуацијата е различна, каде на едно работно место се поставени двајца работници.

Таму каде што со пониска количина на труд се остваруваат повисоки резултати, се разбира дека платите се повисоки. Ние немаме конкурентна позиција во однос на земјите од Европската унија и затоа не можеме да се приближиме кон платите кои таму постојат.
Мирољуб Шукаров, универзитетски професор.

„Се случува голема прераспределба на богатството во Македонија. Работниците осиромашуваат, бидејќи богатството од ниските и средните слоеви се трупа во рацете на мал број луѓе. Често се случува еден работник да биде „убиен“ од работа, на работното место, и кога ќе се врати дома да биде претерано исцрпен, а сепак неговото семејство да не може да врзе крај со крај. Газдите ја користат ситуацијата со високата невработеност и ги притискаат работниците да не се бунат под опасност дека ќе го загубат работното место“, вели тој.

Според професор Савески, повисоки плати во приватните компании се возможни само доколку работниците се организираат во формирање на синдикати.

„Начинот како до повисоки плати е во борбата на македонските работници. Никој не вели дека е лесно формирањето на синдикати во претпријатијата, но тоа е нужно ако македонските работници сакаат да излезат од оваа ситуација на постојано осиромашување, иако се во работен однос“, вели Савески.

Професор Мирољуб Шукаров, кој е доктор по економија, вели дека причините за ниските плати ги гледа во неповолната економска структура на земјата, во ниската продуктивност на вработените и во недостатокот на инвестиции во реалниот сектор кои треба да создадат поголема продуктивност.

„Таму каде што со пониска количина на труд се остваруваат повисоки резултати, се разбира дека платите се повисоки. Ние немаме конкурентна позиција во однос на земјите од Европската унија и затоа не можеме да се приближиме кон платите кои таму постојат“, вели Шукаров.

За повисоки плати треба подобра стопанска структура, раст на реалниот сектот и поголемо внесување на конкуренција во Македонија, вели Шукаров:

„Повисоки плати може да се очекуваат доколку Македонија се отвори кон извоз, а тоа значи дека ќе се форсира и повисока софистицираност на трудот. Македонија треба колку што може повеќе да се отвори и повеќе да се внесе во меѓународната поделба на трудот“, вели Шукаров.

Деновиве министерот за финансии Зоран Ставрески најави зголемување на платите во јавната администрација за 5 отсто за што експертите сметаат дека нема да влијае на повисоки плати во приватните компании. Според нив, државата не треба финансиската енергија да ја внесува во државниот сектор, бидејќи, според нив, спротивно на економската логика е да се форсира нешто што не создава развој на економијата.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија се вработени над 687 илјади граѓани со просечната плата од 21 илјади денари. Пресметките на економистите се дека средната плата изнесува околу 16 илјади денари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG