Достапни линкови

Дебела сенка во најавуваната жешка политичка есен


Политички дијалог, спорот за името, Самит на НАТО, Извештај на ЕК, задолженост... Опозицијата години наназад најавува жешка есен, но власта, сиве овие години, покажа дека добро плива на „жешко“.

Некаде меѓу две тупаници во Собрание, меѓу пораките од Брисел и Берлин, Самитот на НАТО, немањето политички дијалог, стратегијата на СДСМ, успесите на владата, меѓу државниот долг и оној на граѓаните кој власта реши да го отпише, меѓу потрагата по изворот на листерија и епидемијата на жолтица, тече животот во земјата.

Последиците ќе бидат политички во однос на нашите евроатлански аспирации. Не верувам дека ќе имаме инциденти од големи размери, затоа што политичката култура на македонскиот граѓанин, но во секој случај вокабуларот, реториката која ќе ја користат политичарите сигурно ќе биде многу по жешка.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Сè се врти во круг

Во потрагата по демократија, заглавени на евроинтегративниот пат, без политичка волја, но и без волја на граѓаните нешто да променат, наместо да негодуваат во себе, сè се врти во круг. Свежото и врнежливо лето го одбележаа беглите обиди политичарите да ги изгладат несогласувањата, пораките од странство да си ги решиме проблемите дома, повторувањето на приоритетите во кои сите се крстат, а никој не мрднува ни со мал прст да ги придвижи работите, како и рекордно високата задолженост. Сето тоа ни навестува дека и оваа година нема да има ништо од „жешката есен“, туку дека и понатаму ќе има политички игри и надмудрувања, делби меѓу народот, а и дека и понатаму ќе почекаме на консензус за важните прашања.

По очекуваната „корпа“ од НАТО, клучна улога на политичката сцена на есен ќе одигра и извештајот на Европската комисија, односно новата препорака или недостиг на препорака за одредување на датум за почеток на преговорите со Европската унија. Тука се и стандардните прашања како проблемот со името, економските индикатори кои не се баш сјајни, постојаната политичка криза, кревките меѓуетнички односи, зачинети со партиски прекупувања за тоа кој е виновникот, наместо да се бараат решенија. И како по обичај кај нас, тогаш кога нема веќе што друго се оди на избори, предвремени се разбира, оти кој ќе чека редовни.

Да ја извлечеме државата од бесперспективноста што не задушува сите нас, сите овие години на контролирано и манипулациско владеење. Да ја вратиме земјата на нормален колосек, каде што заслужува да биде, како дел од европското семејство и НАТО.
Зоран Заев, СДСМ.

Во услови кога многу работи се комбинираат, како Самитот на НАТО, извештајот на ЕУ и домашната политичка блокада на парламентот, нè очекува релативно интересна есен, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Тој додава дека на тоа голема улога ќе одигра однесувањето на опозицијата, односно дали ќе биде пасивна или ќе прибегне кон улична демократија.

„Последиците ќе бидат политички во однос на нашите евроатлански аспирации. Не верувам дека ќе имаме инциденти од големи размери, затоа што политичката култура на македонскиот граѓанин, е таква што не можеме да очекуваме и ако имаме улична демократија да биде компаративна со таа што се случуваше во Грција или во Босна, затоа што не сме имале такви индикатори и порано кога сме имале улична демократија, но во секој случај вокабуларот, реториката која ќе ја користат политичарите сигурно ќе биде многу по жешка“, вели Муслиу.

Мој впечаток е дека ќе ни треба дополнителна политичка волја, не само кај Македонија туку и кај другите држави. И најверојатно ќе ни треба дополнителен европски протагонист во обидот да се реши ова прашање. Ова е суштинско, затоа што ситуацијата би можела да се развие во лош правец ако не се дојде до некој напредок во врска со проблемот за името.
Федерика Могерини, ЕУ.

Клевети, навреди и казни

Опозицијата години наназад најавува работни лета, жешка есен, но од година в година сè повеќе и повеќе покажува немоќ на политичката сцена. Власта, пак, сиве овие години покажа дека добро плива на „жешко“.

Опозицискиот лидер пред десетина дена најави нова стратегија и коренити промени во функционирањето на партијата.

„Да ја извлечеме државата од бесперспективноста што нè задушува сите нас, сите овие години на контролирано и манипулациско владеење. Да ја вратиме земјата на нормален колосек, каде што заслужува да биде, како дел од европското семејство и НАТО“, рече Заев.

Но само што се фатија со работа, стигна за наплата реченото за време на избори. Заев сега ќе треба да му плати на премиерот 50 илјади евра за изречените клевети и навреди за случајот Македонска банка, експресно одлучи судот, потврдувајќи ја уште една ефикасноста на македонското судство.

Мислам дека и овде, во Берлин и во Брисел, веќе имаат јасно формирана слика дека стоењето во место по однос на решавањето на ова прашање во моментот најмногу доаѓа од причина што нашиот јужен сосед не е подготвен да разговара за изнаоѓање на решение.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Душевна болка дома, а притисоци од надвор

Додека ние дома се справуваме со душевна болка, странците дополнително ни скориваат јадови и бараат брзо решение на името.

Неделава новата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, предупреди дека доколку набрзо не се реши спорот за името, можно е да се наруши внатрешната состојба во земјава.

„Мој впечаток е дека ќе ни треба дополнителна политичка волја, не само кај Македонија туку и кај другите држави. И најверојатно ќе ни треба дополнителен европски протагонист во обидот да се реши ова прашање. Ова е суштинско, затоа што ситуацијата би можела да се развие во лош правец ако не се дојде до некој напредок во врска со проблемот за името“, изјави Могерини, повторувајќи дека, иако проширувањето е на агендата на италијанското претседателство со ЕУ, сепак се очекува решение во спорот за името, со цел Македонија да напредува во евроинтеграциите.

За да можеме да го решиме спорот за името, мораме прво да ја решиме политичката криза во Македонија, без тоа не можеме да се легитимираме како држава сериозна кандидатка за членство во ЕУ.
Бојан Маричиќ, Македонски Центар за европско образование.

Пред тоа слична порака испрати и германската канцеларка Ангела Меркел. Во врска со Македонија, на Самиот во Берлин беше нотирано дека спорот за името со Грција мора да се реши ургентно со подготвеност да се направи компромис од сите страни. Натаму се бара подобрување на владеењето како нов предизвик за демократиите на Балканот, се нагласува дека мора да и се овозможи на опозицијата да ја одигра својата улога во Парламентот, потоa се бара плурализам во медиумите, независни синдикати и економија ослободена од политичко влијание, нула толеранција за корупцијата и независност на судството.

Премиерот, пак, во пораките виде уште еден аргумент да посочи кон јужниот сосед.

„Мислам дека и овде, во Берлин и во Брисел, веќе имаат јасно формирана слика дека стоењето во место по однос на решавањето на ова прашање во моментот најмногу доаѓа од причина што нашиот јужен сосед не е подготвен да разговара за изнаоѓање на решение заради други проблем. Но, сепак, прашањето стои, проблемот стои, а проблемот ние најмногу го чувствуваме“, изјави Груевски.

НАТО ќе има самит во септември, ние сакаме напредок, а не разочарување. Ова се предвремени избори, но ако не се движиме и нема напредок, може да имаме вонредни избори. Предвремени и вонредни избори.
Али Ахмети, лидер на ДУИ.

Речиси истовремено и министерот за надворешни работи изрази песимизам за напредок кон ЕУ и НАТО во следните 12 месеци.

И аналитичарите се согласуваат дека не треба да се очекува напредок во евроинтегративниот пат во услови на бројни проблеми дома.

„За да можеме да го решиме спорот за името, мораме прво да ја решиме политичката криза во Македонија, без тоа не можеме да се легитимираме како држава сериозна кандидатка за членство во ЕУ, којашто е способна да ги решава проблемите коишто ги има и со соседите и на европската агенда“, вели Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование.

Тој додава дека целта на поддршката од ЕУ не е да остане статус-кво ситуација во земјата, туку да се решат проблемите.

Албанскиот дел од коалицијата нема некоја посебна желба да направи некој пореволуционерен пресврт, затоа се ќе се случи на вербална комуникација и одредени мали условувања, коишто во суштина нема да донесат ништо и коишто ќе продолжат во недоглед.
Нано Ружин, универзитетски проесор.

„Клучната порака беше дека веќе нема простор за оставање на проблемите под тепих“, вели Маричиќ.

ДУИ го омекнува ставот за вонредни избори

Иако за ДУИ, коалицискиот партнер во владата, зачленувањето во НАТО има врвен приоритет, сепак делегацијата на Македонија на Самитот на НАТО остана без функционер од партијата. А само пред половина година лидерот на ДУИ Али Ахмети порачуваше дека ако во септември нема позитивно поместување во НАТО-процесот можни се и нови избори. Но, сега лидерот на ДУИ го омекнува ставот за вонредни избори.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски присуствуваше на состанокот на министри за одбрана на НАТО самитот во Велс.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски присуствуваше на состанокот на министри за одбрана на НАТО самитот во Велс.

„НАТО ќе има самит во септември, ние сакаме напредок, а не разочарување. Ова се предвремени избори, но ако не се движиме и нема напредок, може да имаме вонредни избори. Предвремени и вонредни избори“, изјави тогаш Али Ахмети, лидер на ДУИ.

Јас во ова време не очекувам решавање на проблемите, очекувам продлабочување на политичката криза и можни избори до крајот на оваа или на почетокот на идната година.
Арсим Синани, политички аналитичар.

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин вели пораките кои доаѓаат од странство ги ставаат во една непријатна положба коалиционите партнери во земјата, но тој не очекува поместувања во коалицијата.

„Можни се одредени реакции, одредени формули на взаемно обвинувања меѓу коалиционите партнери, меѓутоа сепак мислам дека албанскиот дел од коалицијата нема некоја посебна желба да направи некој пореволуционерен пресврт, затоа се ќе се случи на вербална комуникација и одредени мали условувања, коишто во суштина нема да донесат ништо и коишто ќе продолжат во недоглед“, вели Нано Ружин.

Политичкиот аналитичар Арсим Синани вели дека од една страна актуелното политичко лидерство нема волја и капацитет да ги реши внатрешните проблеми, а од друга страна е незрело да се очекува дека некој од страна ќе дојде да ни ги реши.

„Јас во ова време не очекувам решавање на проблемите, очекувам продлабочување на политичката криза и можни избори до крајот на оваа или на почетокот на идната година“, вели тој.

Во Собранието ништо ново

Во Собранието, пак, ништо ново, од време на време по некоја тепачка, столчињата резервирани за опозицијата и понатаму празни, а власта остварува сè што ветила, па дури и повеќе од тоа. И додека граѓаните чекаат да ги посети некој од 5.000 тимови колку што СДСМ најави дека ќе пушти меѓу луѓето за да ја презентираат програмата на опозицијата, велат дека таа не допира до нив, оти нема како да допре, затоа што медиумите, освен за успесите на власта, не одвојуваат време за други работи.

Хајд Парк: Дали СДСМ може да успее со новата стратегија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

„За нивната стратегија мислам дека засега нема доволна посветеност од медиумите, некако сме преблокирани со тоа колку сè е прекрасно во Република Македонија, колку сè на прекрасно ниво, како цвета работата, како младите имаат одличен живот.“

СДСМ додека не седне да си ги реши внатрешните проблеми и да си најде ново раководство, нема да успее кај народот.
Анкетиран граѓанин.

„Не, не сум информиран, меѓутоа со тој кадар не верувам дека ќе успеат. Мене ми е баш жал за таа партија, меѓутоа тоа е тоа.“

„СДСМ додека не седне да си ги реши внатрешните проблеми и да си најде ново раководство, нема да успее кај народот“, велат анкетираните граѓани.

И аналитичари не се убедени дека стратегија на СДСМ за вонинституционално дејствување ќе даде конкретни резултати, барем не на краток рок.

„Кризата ќе се продлабочи, пред се парламентарната, институционалната, економската која веќе тропа на врата, односно тука е, широко политичка, дипломатска, како и сè поголема изолација на Македонија. Но, оваа политика на СДСМ во некоја иднина ќе вроди со плод“, вели професор Алајдин Демири.

Кризата ќе се продлабочи, пред се парламентарната, институционалната, економската која веќе тропа на врата, односно тука е, широкополитичка , дипломатска, како и се поголема изолација на Македонија. Но оваа политика на СДСМ во некоја иднина ќе вроди со плод.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Барокно министерство, задолжена држава

На економски план, пак, работите не стојат воопшто добро, иако владата се обидува да „ги разубавува“. Државниот долг надмина рекордни 3,3 милијарди евра, но за владата Македонија останува една од најмалку задолжените земји во Европа. Речиси истовремено владата предлага ребаланс на буџетот со кој ја проширува буџетска дупка и тврди дека тоа се прави за да се обезбедат повеќе пари за изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица, но од друга страна најголемото кратење со ребалансот е кај капиталните расходи. Парадоксите продолжуваат во сите сфери на економското живеење. Од една страна, владата се фали со раст на економијата, од друга страна граѓаните имаат помалку пари. Причините се во тоа што цените растат многу побрзо од платите, но и поради тоа што економскиот раст го чувствуваат само мал број граѓани. Имено, џини индексот на Светската банка, со кој се мери јазот меѓу богатите и сиромашните во една земја, покажува дека Македонија е земја со најголеми разлики меѓу богатите и сиромашните во Европа.

Истиот ден кога Министерството за финансии се всели во нова барокна зграда, беше соопштено дека задолженоста достигнала рекордни 3,3 милијарди евра, односно дека државниот долг надмина 40 отсто од БДП-то. До ова дојде откако Македонија се задолжи за дополнителни 500 милиони евра преку еврообврзницата. Иако претходно беше најавувано дека за годинава има пари и оти еврообврзницата ќе се троши догодина за враќање на стари кредити, Министерството за финансии пред два месеци соопшти дека од тие пари ќе се троши и годинава.

Тоа е исто како да прашате едно семејство колкав кредит може да си дозволи, а одливите да ви се поголеми од приливите. Како ќе го сервисираме ние тој долг? Тоа значи дека јас сум себичен татко, и не ми е гајле што после мене моите деца ќе бидат сиромашни и должници на банките.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

„Не се променило ништо, ниту Ставрески се променил, ниту вкупното однесување на Владата на Република Македонија, едноставно тој продолжува да лаже. Секоја година го пробиваат претходно усвоениот дефицит. Секоја година и конечно запишаниот дефицит во завршната сметка за Буџетот на Република Македонија што ја усвојува Собранието не е точен, туку е поголем. Тие едноставно го кријат дополнителниот дефицит во доспеаните неплатени обврски кон приватниот сектор“, вели поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев.

Поранешниот министер за економија Зоран Витанов, пак, вели дека владата досега покажа дека нема решенија за економската состојба.

Ако ги гледате реалните услови за живот на граѓаните и сиромаштијата којашто владее кај самите граѓани, очигледно е дека за голем дел од граѓаните во Република Македонија пропаста е блиску.
Марјанчо Николов, СДСМ.

„Ако ние сме пациент, сме одбрале лекар и тој осум години не лечи, а ние постојано ја зголемуваме дозата на лекарства, тоа значи дека не само што не не излекувал, туку болеста е во прогрес. Македонија изгина од незнаење, затоа што не можете вие да бидете бескрајно опортунист и бескрајно како ној да ја ставате главата во песок, додека знаете дека и вашата судбина тоне“, вели Витанов.

Тој посочува дека владата бара излез од проблемите со „гаснење на пожари“ преку големи задолжувања, а држава како Македонија не може да се дозволи никаков долг.

Не ќе јадеме само пиперки, понекогаш имаш желба и плескавица да каснеш.
Анкетиран граѓанин.

„Тоа е исто како да прашате едно семејство колкав кредит може да си дозволи, а одливите да ви се поголеми од приливите. Како ќе го сервисираме ние тој долг? Тоа значи дека јас сум себичен татко, и не ми е гајле што после мене моите деца ќе бидат сиромашни и должници на банките“, вели Витанов.

Од опозицискиот СДСМ велат дека економската пропаст на државата е блиску.

„Ако ги гледате реалните услови за живот на граѓаните и сиромаштијата којашто владее кај самите граѓани, очигледно е дека за голем дел од граѓаните во Република Македонија пропаста е блиску. Од друга страна, ако се земат во предвид последните укажувања на меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска Банка дека јавниот долг на Република Македонија се повеќе и повеќе се зголемува, а Владата упорно го крие износот, очигледна е патеката по којашто е тргната и самата држава што води кон евентуално оневозможување на извршување на финансиските функции на државата, не би сакал да кажам и кон банкрот“, изјави Марјанчо Николов од СДСМ.

За крај само информацијата дека податоците на Државниот закон за статистика покажуваат дека реалната плата во изминативе 5 години се намалила за 4,3 отсто, иако номинално пораснала за 6,5 отсто. Тоа значи дека работниците сега просечно земаат поголема плата од пред пет години, но со тие пари може да купат помалку производи. Во првата половина од 2009 година, просечната плата била 19.892 денари, а во првата половина од оваа година 21.195 денари, но со нив може да се купат производи како за 19 илјади денари пред пет години.

„Сите трошоци пораснаа, само платата остана иста.“

„Порано дали платата вредеше повеќе, не знам како беше, но многу повеќе се купуваше, а сега е од денеска за утре, да се помине денот.“

„Не ќе јадеме само пиперки, понекогаш имаш желба и плескавица да каснеш.“

„За сметки само, за ништо друго не останува. Кога ќе платиш сметки, ни за пола месец нема, денес ќе ја земеш, утре ја нема“, велат анкетираните граѓани.

Дополнителен проблем е и тоа што најголемиот дел од работниците може само да ја сонуваат просечната плата од 21 илјади денари. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека половина од вработените заработуваат помалку од 12 илјади денари, а над 80 отсто од вработените имаат плата помала од 20 илјади денари.

А во меѓувреме се гради, а кога се гради, за пари не се прашува, а и ако се праша, што фајде. Помина цела година по објавувањето на ревизијата на проектот Скопје 2014 што ја иницираше Општина Центар, но извештајот заглави во Обвинителство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG