Достапни линкови

Чуден некој ребаланс


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Владата најавува дека со ребалансот ќе има 17 милиони евра повеќе за автопатот Демир Капија-Смоквица, а во исто време најголемо кратење од 21 милиони евра има кај капиталните расходи. За опозицијата, тоа е небулоза.

Владата најавува дека со ребалансот ќе се обезбедат повеќе пари за автопатот Демир Капија-Смоквица, а во исто време најголемо кратење има кај расходите за капитални инвестиции.

Измените и дополнувањата на буџетот за 2014 година главно се однесуваат на обезбедување дополнителни средства за изградба на делницата Демир-Капија-Смоквица од Коридорот 10, согласно интензивираната градба на овој коридор.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Откако за првите седум месеци од годинава владата потроши речиси 85 отсто од буџетскиот дефицит планиран за целата година, со ребаланс одлучи да ја продлабочи буџетската дупка за уште скоро 22 милиони евра, што треба да се надополнат од задолжување.

Во првите седум месеци од годината, владата направи буџетски дефицит од 251 милиони евра од предвидените 297 милиони за целата година. Со ребалансот се предвидува, таа бројка да се зголеми на скоро 319 милиони евра, односно да се потрошат толку пари што нема да бидат прибрани од даноци и други давачки. Со тоа, буџетскиот дефицит се зголемува од 3,5 на 3,9 отсто од БДП-то. Со предлогот за ребаланс, приходите се кратат за скоро 44 милиони евра, а расходите за околу 22 милиони евра.

За да ја замачка таа работа, односно за на некој начин да не излезе со ова признание, Ставрески вели дека ќе има зголемување од 17 милиони евра за Коридорот 10, а во вкупната маса, самите капитални расходи се намалуваат и тоа е само една од многуте небулози коишто се појавуваат во целиот ребаланс.
Кире Наумов, СДСМ.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, пред собраниската комисија за финансирање и буџет, рече дека со ребалансот се предвидуваат 17 милиони евра повеќе за автопатот Демир Капија-Смоквица. Според него, и покрај зголемувањето на буџетскиот дефицит од 3,5 на 3,9 отсто од БДП-то, Македонија ќе остане меѓу земјите со најниска задолженост.

„Измените и дополнувањата на буџетот за 2014 година главно се однесуваат на обезбедување дополнителни средства за изградба на делницата Демир-Капија-Смоквица од Коридорот 10, согласно интензивираната градба на овој коридор, реалокација на средства меѓу буџетските корисници во рамки на обезбедената маса на плати и обезбедување на извесен износ на дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и за надминување на последиците од елементарни непогоди во општините“, рече Ставрески.

Според владата, се зголемува и проекцијата за економски раст за годинава од 3,2 на 3,5-3,7 отсто од БДП-то.

Најголемо кратење во приходите се предвидува кај даночните приходи и придонеси за околу 40 милиони евра и кај капиталните приходи за 18 милиони евра, додека се предвидува зголемување на приходите од донации за 19 милиони евра. Најголемо кратење, пак, е предвидено кај капиталните расходи и тоа од 21 милиони евра.

Кире Наумов од опозицискиот СДСМ вели дека власта се фали со економски раст, а не може да ги оствари планираните приходи.

„За да ја замачка таа работа, односно за на некој начин да не излезе со ова признание, Ставрески вели дека ќе има зголемување од 17 милиони евра за Коридорот 10, а во вкупната маса, самите капитални расходи се намалуваат и тоа е само една од многуте небулози коишто се појавуваат во целиот ребаланс“, вели Наумов.

Тој потсетува дека владата ни претходните години не реализирала повеќе од 70-80 отсто од најавените капитални инвестиции. Според него, буџетскиот дефицит ќе се продлабочи уште повеќе од она што го предвидува владата со ребалансот.

Опозицијата и дел од економските аналитичари често пати предупредуваат дека владата си „ги пушта нозете повеќе од чергата“ и оти со ваква политика задолжувањето ќе се зголемува, но власта постојано повторува дека буџетот е во добра кондиција и оти Македонија е меѓу најниско задолжените држави во Европа.

По случувањата од 24 декември, со измени во собранискиот деловник комисиските расправи се ограничени на 10 дена. Потоа предлог-ребалансот ќе биде вратен во Владата и со вградените прифатени измени ќе биде повторно доставен до Собранието. На предложениот ребаланс поднесени се 236 амандмани.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG