Достапни линкови

Рутинска посета во неповолна атмосфера


Медијаторот во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц.
Медијаторот во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц.

Посетата на медијаторот Метју Нимиц во Скопје нема да донесе некаков исчекор во преговарачкиот процес, очекуваат познавачите.

Повеќето експерти се едногласни дека посетата на медијаторот Метју Нимиц во Скопје најавена за 28 и 29 јули нема да донесе некаков исчекор во преговарачкиот процес. Атмосферата во која доаѓа не ја оценуваат како поволна и велат дека неговата посета во регионот е резултат на зголемениот интерес на Германија да се реши проблемот.

Сè се врти околу она што досега било на маса, значи не треба да се очекува некакво изненадување, нешто ново.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

„Неговата претходна посета на Берлин која беше неочекувана, и која не се вклопува во досегашниот мозаик на неговото ангажирање и последните изјави кои ги даде Меркел веќе јасно покажуваат дека таа ја презема играта и дека сегашната посета на Нимиц е во функција на нејзиниот интерес за случајот“, изјави поранешниот дипломат Ристо Никовски.

Тој потсетува на неодамнешната изјава на германската канцеларка Анѓела Меркел дека размислувала за сите можни комбинации за името и дека не постои ништо повеќе што може да се измисли. Според Никовски најверојатно Нимиц повторно ќе ги отвори истите веќе предложени решенија.

Не очекувам дека посетите на Нимиц можат да влеат некоја надеж дека конечно може да отпочне некој позитивен тренд во Република Македонија. Неговите доаѓања се една рутина која тој треба да ја направи.
Насер Зибери, политички аналитичар.

„Сè се врти околу она што досега било на маса, значи не треба да се очекува некакво изненадување, нешто ново, туку напротив, тоа што до сега го верглаше Нимиц, не би требало да се оди на следна фаза каде ќе се обидат тоа да го стават во некаква функција“, вели Никовски.

Потсетувајќи и на неодамнешната изјава на премиерот Никола Груевски во која потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во какви било иницијативи и идеи во кои ќе се оспори или доведе во прашање македонскиот идентитет, јазик или нација, експертите заклучуваат дека простор за евентуален компромис во моментот не постои.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери укажува на тоа дека земјава има големи внатрешни проблеми, а спорот за името не е единственото нерешено прашање.

Токму затоа вели дека моментот во кој доаѓа Нимиц не е поволен за оптимизам дека преговорите би се интензивирале или дека неговата посета ќе значи некаков напредок во преговарачкиот процес.

„Не очекувам дека посетите на Нимиц можат да влеат некоја надеж дека конечно може да отпочне некој позитивен тренд во Република Македонија. Неговите доаѓања се една рутина која тој треба да ја направи“, вели Зибери.

Во соопштението од Обединетите Нации се вели дека Нимиц доаѓа во регионот со цел да се интензивираат разговорите под покровителство на ОН, насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името.

Во меѓувреме, медиумите ја пренесуваат и изјавата на Нимиц во која тој вели дека „очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина, наредната недела“.

Доаѓањето на посредникот се совпаѓа со поставувањето на новиот македонски преговарач Васко Наумовски на оваа функција, на кој ова ќе му биде прва средба со медијаторот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG