Достапни линкови

Првообвинетите во „Монструм“ се уште надвор од обвинителната клупа


Судскиот процес „Монструм“ за петте убиства кај Смиљковското Езеро
Судскиот процес „Монструм“ за петте убиства кај Смиљковското Езеро

Процесот и понатаму се одвива без првообвинетите Алил Демири и Африм Ислаимовиќ за кои од судот тврдат дека до косовскот суд ги доставиле сите потребни документи.

Првообвинетите од судскиот процес „Монструм“ и по две години се уште не седнаа на обвинителна клупа. Без екстрадиција на првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, со трипати враќање на судскиот процес од почеток и низа перипетии, предметот влезе во завршна фаза.
Основен суд Скопје 1 – Скопје информира дека се работи за обемен предмет во кој на обвинетите им се ставаат на товар тешки кривични дела за кои е запретена висока казна, па затоа судот детално и исцрпно го води предметот.
Паула Божиновски, односи со јавноста во Основниот суд 1.


За петкратното убиство кај Смиљковско Езеро кое се случи на 12 април 2012 година обвинети се вкупно седуммина за тероризам. Петмина од нив помина речиси две години во притвор. Според обвинителниот акт, обвинетите сакале да влеат страв кај македонското население со цел загрозување на безбедноста на државата.

Советничката за односи со јавноста во Основниот суд 1 во Скопје Паула Божиновски вели дека во врска со екстрадицијата на првообвинетите, на барање на косовското министерството за правда Судот неодамна доставил докази за да се утврди основаното сомнение за делото тероризам.
Децата нема да се вратат, но барем нарачителите да се уапсат и да се разјасни случајот до крај, зошто не може вака некој да убие деца без амин на некого, сигурно тие имаат „дебел“ грб.
Горан Наќески, татко на едно од убиените момчиња.

„Основен суд Скопје 1 - Скопје на 14.02.2014 год. согласно Законот за меѓународна правна соработка во прилог ги достави следниве докази: две вештачење на микро траги на земја, вештачење на траги од биолошко потекло и уште две други вештачења, сите изготвени од Одделот за криминалистичка техника.“

При дополнителните проверки обвинителството утврдило дека првообвинетите се веќе осудени на една година затвор, едниот за затајување а вториот за недозволено држење оружје и условна казна за насилство.
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинети за пет убиства во Македонија на 12 април 2012 година.
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинети за пет убиства во Македонија на 12 април 2012 година.


Таткото на едно од убиените момчиња Горан Наќески вели дека не може да разбере зошто судскиот процес е толку спор, зошто никој не ги бара нарачателите и зошто во судот не е повикан сопственикот на таблиците кои беа пронајдени на автомобилот опел омега кој е поврзан со местото на злосторството. Тој во разговор за Канал 5 телевизија изјави дека не очекува екстрадиција на првообвинетите од Косово.

„Децата нема да се вратат, но барем нарачителите да се уапсат и да се разјасни случајот до крај, зошто не може вака некој да убие деца без амин на некого, сигурно тие имаат „дебел“ грб. Не очекуваме екстрадиција додека не се уапсат нарачителите, тие ја кочат екстрадицијата.“

Одбраната се надева дека исказите на заштитниот сведок се клучни за докажување на невиноста на обвинетите.

„Јас мислам дека тие негови искази ќе придонесат да докажеме дека токму овие обвинети немаат врска со ова кривично дело, бидејќи навистина постојат и разлики меѓу тие искази и мислам дека се работи за некоја конфузија и некои недоразбирања“, вели неодамна адвокатот Насер Рауфи.

Паула Божиновски додава дека предметот е во завршна фаза и наскоро ќе бидат закажани и завршните зборови.

„Основен суд Скопје 1 – Скопје информира дека се работи за обемен предмет во кој на обвинетите им се ставаат на товар тешки кривични дела за кои е запретена висока казна, па затоа судот детално и исцрпно го води предметот, во целост ги почитува правата на странките, а воедно се почитува и еднаквоста на оружјата.“

Мотивот за убиството според обвинението е радикален ислам, но се уште во јавноста се шпекулира дека зад сето ова стои обид да се завладее со езерскиот брег покрај обиколницата за економски профит.

По 35 рочишта одржани во изминативе речиси две години на кои беа сослушани најблиските на загинатите и сведоците на обвинителството и одбраната, беа презентирани материјални докази и вештачења, сепак родителите на убиените Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и Борче Стефковски не добија одговори на низа прашања поврзани со убиствата.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG