Достапни линкови

Партиите за одлуката на Иванов за „условен“ мандатар


Претседателот Ѓорге Иванов на средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети
Претседателот Ѓорге Иванов на средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети

Од ДУИ велат дека најважна им е Платформата на Албанците за тоа со кого партијата би фомирала влада, иако досега не добиле понуда. БЕСА и Алијансата на Албанците пак, со отворена поддршка за СДСМ.

ДУИ се уште не добила понуда, ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ за формирање влада, велат од партијата по вчерашните средби со претседателот Ѓорге Иванов, кој побара најпрвин да се обезбеди мнозинство, па потоа да се додели мандатот. Од ВМРО-ДПМНЕ молчат, а од СДСМ само соопштуваат дека во текот на наредниот период ќе ја информираат јавноста. ДУИ останува на ставот, кој е јасен и познат во јавноста, а тоа е дека се зависи од прифаќањето на точките од Платформата на Албанците, вели Рафиз Алити.

„За тие точки ние не преговараме. Напротив, мислиме дека тој што треба и сака да формира влада, секако дека тие точки ќе треба да бидат дел од идната владина платформа“, порачува Алити.

Според него, до партијата досега не стигнала понуда за започнување преговори за коалиција. Алити додава и дека е несериозно од страна на претседателот, еднаш да додели мандат на лидер на партија која ги добила изборите, а сега да важат други стандарди, односно да треба да се обезбеди мнозинство од 61 пратеник.

Зеќирија Ибраими од БЕСА вели дека партијата е подготвена да разговара со СДСМ.

„Ние сме рекле и порано дека ако постои иницијатива од господинот Заев да го добие мандатот од претседателот. Ние ќе ја поддржиме таа иницијатива без да го прејудицираме епилогот од понатамошната соработка“, истакнува Ибраими.

Генералниот секретар на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари истакнува дека имале контакти со сите политички партии откако ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада и за нив е важна реализацијата на Платформата на Албанците.

„Господинот Заев ако почне таква иницијатива значи, за собирање на потписи, ние сме тука да поддржиме една таква иницијатива. Се надевам дека ќе успее да собере 61 потпис со што ќе успее да биде следниот мандатар за формирање влада. Јас сум оптимист во овој правец“, вели Таравари.

Од СДСМ го повторуваат ставот кој вчера го соопшти лидерот на партијата Зоран Заев дека тој верува оти ќе обезбеди мнозинство и дека допрва следуваат преговорите. Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека Иванов го условил мандатот од две причини, да се прикаже како спасител на државата и да му помогне на ВМРО ДПМНЕ.

„Мислам дека со ова сака пак во игра и да го вклучи за составување на влада. Веројатно консултиран со Никола Груевски. Тој место да биде порационален во тоа што значи да се добие во време, и да се создава влада, како и обично ги комплицира работите“, вели Рамадани.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ги започнала преговорите за формирање влада, од партијата не добивме одговор.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG