Достапни линкови

СЈО никако да дојде до целта


Архивска фотографија - Обвинителката Катица Јанева на прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Архивска фотографија - Обвинителката Катица Јанева на прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Прва задача на наредната Влада треба да биде интервенција во судската власт со конкретни мерки, бидејќи политичката криза е резултат на правната криза во земјата, велат експертите.

Двете обвиненија на СЈО на подготвителните рочиштата во Кривичниот суд наидоа на препреки. За првото обвинение за уништувањето на документација поврзана со системите за следење на комуникациите со кои незаконски се прислушувало Судот му наложи СЈО да набави дозвола од УБК за употреба на доказите кои оттаму се набавени. За второто обвинение за насилството за време на протестите пред Општина Центар, Судот пак не го прифати барањето на СЈО за заштитен сведок и за користење на разговорите од таканаречените бомби. И двете рочишта поминаа во тензична атмосфера и обвинувања од судите дека обвинителите го нарушуваат редот и мирот и дека прават театар и циркус од судскиот процес.

Професорот на факултетот за правни науки на ФОН, Осман Кадриу, смета дека Судот од самиот почеток на формирањето на СЈО, па досега ја попречува работата на институцијата, сè со цел да не се расветлат сите кривично правни предмети кои произлегуваат од содржината на таканаречените политички бомби.

„И сега што останува. Право да ви кажам ако вака се продолжи нема да имаме резултати и предметите ќе бидат блокирани и Судот ќе биде блокиран со разни опструкции, збиднувања и дејствија кои ќе ги преземе или нема да ги преземе сè со цел да не се утврди материјалната вистина и да не се утврди дека има кривични дела“, посочува Кадриу.

И поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека се прават сите обиди со цел да се спречи СЈО да дојде до целта.

„Со ваквите одлуки продолжува опструкцијата на СЈО, меѓутоа мислам дека се ближи времето кога треба да сфатиме дека СЈО е орган кој што се бори за утврдување на вистината и кој што се бори за секој оној што сторил кривично дело да биде ист пред законот“, смета Трпеновски.

Кадриу додава дека прва задача на наредната Влада треба да и биде интервенција во судската власт со конкретни мерки, бидејќи политичката криза е резултат на правната криза во земјата.

„Со оваа поставеност на Кривичниот суд кај нас нема да се реши оваа правна криза, туку треба веднаш да се постапи со формирање на Специјален суд или Специјални кривични одделенија. Но, со услови и под претпоставка такви одделенија да има во трите инстанци и во Кривичниот суд, во Апелација и во Врховниот суд. Без да се формираат овие посебни таканаречени специјални одделенија нема да биде решена правната криза“, порачува Кадриу.

За документацијата поврзана со прислушувањето, меѓу кои обвинет е и поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски наредното рочиште е закажано за 17 јануари, а за Општина Центар, каде обвинет е лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, на 22 февруари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG