Достапни линкови

Со антиалбанската реторика, ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за опозиција


Протести пред ДИК - Нема да дозволиме да ни се украде победата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Протести пред ДИК - Нема да дозолиме да ни се украде победата

Со антиалбанската реторика во тек на целата кампања, но и на протестите пред ДИК, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го потроши потенцијалот за коалиција со партија на Албанците.

Со антилабанската реторика од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ се затвора вратата за коалицирање со ДУИ, но и со која било албанска партија, велат аналитичарите откако поддржувачи и функционери на владејачката партија насобрани пред ДИК испратија заканувачки пораки и говор на омраза против Албанците, припадниците на опозицијата, но и кон странски амбасадори.

Реториката во која Албанците се виновни досега им беше профитабилна на ВМРО-ДПМЕ, но не и овој пат, вели аналитичарот Алајдин Демири. Тој вели дека Никола Груевски стана експерт за уништување на албанските партии.

„Овој пат благодарение на него се уништи ДУИ. Јас мислам дека таа реторика ќе му биде непрофитабилна затоа што многу лесно може да се случи ДУИ да не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, затоа што на ДУИ им е јасно дека ако коалицираат со нив тоа би било погреб на партијата“, вели Демири.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ тешко дека ќе најде коалиционен партнер кај Албанците.

„По сè изгледа дека нивна цел е да направат една подлабока криза, каде пак тие би излегле како спасители“, вели тој.

Со скандирањето на антиалбански пароли на протестот пред ДИК, ВМРО-ДПМНЕ потврди уште еднаш дека не се за конструктивна соработка со ДУИ во име на заштита на интересите на земјата, туку едноставно да ја искористат коалицијата за остварување на свои интереси, вели професор Темелко Ристески. Тоа, албанскиот електорат го препозна и затоа ДУИ освои најмалку пратенички места во историјата, додава тој. Протестот пред ДИК со кој диригираа луѓе од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и од другите партии кои се во коалиција со нив е лошо пресметан потег кој ќе им донесе голема штета, вели Ристески.

„Затоа што ако не и се овозможи на Државната изборна комисија да одлучува согласно со начелото на слободно уверување, ако се посомнева дека тие поради тој притисок не одлучувале согласно со тоа начело, тоа може да биде основа за поништување на одлуките од страна на Управниот суд“, вели Ристески.

Професорот вели дека попаметно ќе било доколку функционерите наместо да ја разгоруваат атмосферата, повикале на разум.

„Правна волја створена во услови на притисок, тука се работеше за силен притисок, силни закани, тука се спомнуваше смрт на функционер на СДСМ, се споменуваше Ноќ на ножеви, се споменуваше Ќосето, тоа не е добро, тоа е силен притисок врз членовите на ДИК и во такви услови не може нормално да се одлучува“, вели Ристески.

Од ДУИ за РСЕ претходно одговорија дека сè уште не размислуваат за тоа со која партија ќе коалицираат, туку дека најпрвин ќе ги почекаат конечните резултати од гласањето, па потоа ќе донесат одлука. А на прашањето како гледаат на антиалбанска реторика од страна на ВМРО-ДПМНЕ засега нема коментар.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера изјави дека Груевски знае дека не може да состави влада, на што Груевски одговори дека е фокусиран на формирање на новата Влада со цел реализација на изборната програма.

Груевски и за време на кампањата за изборите во 2014 повикуваше на стабилна влада од 63 пратеници, за да не може, како што велеше, да го уценуваат од ДУИ со барање да добијат една од трите раководни функции во државата. Но и покрај постојаните несогласувања, коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ трае од 2008 година. Пред секои избори изминатите години ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги засилуваат конфликтите, но после изборите страстите се смируваат со распределба на министерските места.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG