Достапни линкови

Марковски - Моето творештво има катарзичка функција!


Стефан Марковски, поет
Стефан Марковски, поет

Писателот, поет и сценарист од најмладата генерација Стефан Марковски, за ракописот „Сиво сјаат вселените“, е годинашен добитник на наградата „Бели мугри“ за најдобра необјавена поетска збирка од автор до 35 години што ја доделува Јавната установа Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје. Промоцијата на збирката е планирано да се одржи на 22 декември во рамките на традиционалната поетска манифестација „Денови“ посветена на великанот на македонската книжевност.

Наградите постојат за да мотивираат, а се твори и да се развива сопственото творештво и затоа сум навистина пресреќен што сум имал прилика да бидам добитник на неколку награди како за проза, така и за поезија. Во тој контекст би сакал да продолжам да творам и да го развивам сопственото творештво. Самите награди имаат како афирмативна, така и мотивирачка функција и определба. Се надевам дека јас обете функции ќе ги усогласам во мојот пат како книжевник.

Ова ќе го забележи писателот, поет и сценарист Стефан Марковски, непосредно по добивањето на веста дека е годинешен добитник на наградата „Бели мугри“ за најдобра необјавена поетска збирка од автор до 35 години што ја доделува Јавната установа Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје.

По наградата „Петре М. Андреевски“ во 2009 година за романот „Еднонасочно“ и „Македонска книжевна авангарда“ што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација – Македонија презент од Скопје на почетокот од оваа година за книгата со раскази и драмски текст „Продавачот на ветар и магла и други приказни“, ова му е на Марковски уште една поголема и исклучително драга и значајна награда.

Згора на тоа, тој е и добитник на неколку домашни и странски признанија за есеи, меѓу кои и награда на GOI – Токио и УНЕСКО, оние на конкурсот „Блаже Конески“ при Филолошкиот факултет, за поезија и раскази и највисокото признание „Гран При“ на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар.

Но, наспроти признанијата и наградите, тој говорејќи за себе знае да каже дека мотивот за пишувањето е нешто што го има во себе постојано, неисцрпно и е дел од неговиот личен идентитет. Дека самото пишување за него е чин на самореализација, особено кога станува збор за поетското творештво.

„Јас додека пишувам поезија апсолутно го правам тоа на начин на кој сум исполнет. Во спротивно не го правам тоа. Моето творештво има катарзичка функција и преку таа катарза, јас, всушност, правејќи ред од хаосот го образложувам сопствениот идентитет и, на некој начин, комуницирам со самиот себе. Пишувањето за мене е комуникација со подлабоките слоеви на личноста“, истакнува Марковски.

Промоцијата на „Сиво сјаат вселените“ е планирано да се одржи на 22 декември во рамките на традиционалната поетска манифестација „Денови“ посветена на великанот на македонската книжевност Кочо Рацин, а интересно е и тоа што во оваа за него навистина плодна творечка година тој ја имаше и „In Nomine“ којашто излезе за книгоиздателството Македонска реч.

Во експликацијата за обете авторот вели дека тие реферираат на различни аспекти за него како човек и како творец. Вели дека во „In Nomine“ мотивите и темите реферираат повеќе на природата и природните појави, а дека во „Сиво сјаат вселените“ е направен некаков хибрид кон природата и кон урбаното. Кон цивилизацијата. Кон градот.

„Направив некаков меланж помеѓу тоа што е природно и тоа што е артифициелно, создадено од човекот. Како што е случај и со самата уметност, со самата поезија бидејќи еден дел е инспирација, еден дел е она што е во нас, она што е платонистички зададено и она што е научено. А во „Сиво сјаат вселените“, како што кажува и самиот наслов, во 23-те песни поделени во седум циклуси, имам еден дел со космички песни, песни кои се однесуваат на космосот, на појавите коишто ја опкружуваат нашата планета и на она што сме ние како цивилизација од друга страна“, вели тој.

И колку за потсетување, роден на 1 декември 1990 година во Гевгелија, Стефан Марковски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и е апсолвент на Институтот за Филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Згора на тоа тој е постдипломец на Факултетот за драмски уметности и автор е на повеќе книги од различни книжевни видови и жанрови.

Од таму, прашан која е идната постојка од неговиот творечки немир тој истакнува дека веќе пишува нов роман, чиј работен наслов е „Еретички писма“, но дека бавно прогресира со пишувањето оти е распнат помеѓу завршувањето на две-три сценарија и работата на неколку есеи. Вели дека се обидува да го распредели времето согласно можностите и условите и се надева дека ракописот за печат би бил готов некаде на крајот на наредната година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG