Достапни линкови

Џез-великанот Гојковиќ ќе „свингува“ со Македонска филхармонија


Душан Гојковиќ.
Душан Гојковиќ.

„Душко Гојковиќ квартет“ е насловен концертот на кој еден од најпознатите џез трубачи во светот – Душан Гојковиќ, со своите соработници Ренато Кико на пијано, Мартин Џаконовски на бас и Владимир Костадиновиќ на тапани, ќе свири со Македонската филхармонија. Перформансот ќе се одржи овој четврток, на 15 декември, во 20 часот, во Домот на АРМ, а со оркестарот ќе диригира маестро Борјан Цанев.

„Џезот е слобода, затоа што е индивидуална работа. Секој го свири на свој начин и мора да најде личен звук. Како што во една пригода ми рече Мајлс Дејвис во „Брдленд“: Не е важно што свириш, туку како свириш‘.. Џез-публиката и џез-музичарите се како една фамилија. Одиш во Париз или во Токио, среќаваш луѓе од други нации, луѓе кои говорат на различни јазици, но низ музиката веднаш се воспоставува контакт и тие знаат за што зборуваш. Во џезот нема граници. Тој ги соединува народите!“

Ова во едно од своите бројни интервјуа го има кажано трубачот, композиторот и аранжер Душан Гојковиќ, дефинитивно еден од најпознатите балкански музичари во светот и инструменталистот кој поодамна е познат по својата брилијантна техника, топлиот звук и прекрасните мелодии. А, токму тој, по нешто повеќе од две децении од настапот на Скопскиот џез фестивал и публикувањето на заедничкиот албум со квинтетот на Џани Басо - „The Nights Of Skopje“ ( SJF 1995), еве го повторно во Македонија. Овојпат доаѓа да музицира со Македонската филхармонија и на тој начин да ја стори овдешната промоција на еден од своите последни проекти – албумот насловен „Dusko Gojkovic With Strings“.

Албумот е всушност првично објавен како „Dusko Goykovich with Strings: The Brandernurg Concert“ ( ENJA) и на него се документирани концертните снимки на Гојковиќ аранжирани од брилијантниот британски саксофонист и аранжер Питер Кинг. За гудачи и џез-квинтет албумот излезе во 2013 година, а една година подоцна во соседна Србија се појави „Latin Haze“, носачот на звук снимен со Биг-Бендот на РТС, на кој на обвивката стои и името на нашиот Мартин Џаконовски.

Но, тоа се само ронки од богатата дискографија на великанот, кој во последно време, сем со македонскиот контрабасист, милува да музицира и со Ренато Кико на пијано и Владимир Костадиновиќ на тапани, музичарите кои засебно имаат исклучително успешни кариери и кои ќе го придружуваат на перформансот со Македонската филхармонија.

А, кога веќе посегаме по фактографијата нека биде издвоено и ова. Роден 1931 година во Јајце, Душко Гојковиќ најпрвин студирал на Музичката академија во Белград, а потоа и на универзитетот „Беркли“ во Бостон (САД). Започнал да снима во средината на 1950-те и на некој начин, неговиот лик и делото се огледало на голем период од историјата на џез-музиката. По петгодишното членување во Биг-Бендот на Радио Белград ( каде патем другарувале и се „натсвирувале“ со легендарниот македонски џез трубач, починатиот Гоце Димитровски), решил да ја гради кариерата во Германија, а потоа и насекаде во светот.

Во текот на својата плодна кариера соработувал и снимал со гигантите како Дизи Гилеспи, Гери Малиган, Стен Гец, Сони Ролинс, Ли Кониц, Чет Бејкер, Џони Грифин... Зад себе, како солист и предводник на состав има бројни турнеи и настапи на врвните џез-фестивали во Европа и во САД, а неговото име може да се најде на редица клучни објави на големите мајстори на џезот.

Првата плоча ја снимил во 1956 година во Германија кога настапувал на прочуениот Џез-фестивал во Франкфурт. Истата година почнал да свири во џез-клубот „Студио 15“ кога се случила и првата средба со легендарниот Мајлс Дејвис. Додека Гојковиќ солирал, на вратата се појавил Дејвис и се качил на бината заедно со Перси Хит, неговиот басист. Подоцна, Гојковиќ ќе рече: „Бев пресреќен, сакав да седнам и да слушам, но тој ме повика да свирам со него. Ниту денес не можам да ја опишам возбудата“.
Од друга страна, како водач на состав започнал да снима во 1966 кога во таковината за релативно краток временски период ги снима, денес класичните, „Belgrade Blues“ и „Swinging Macedonia“. И, потем следува една долга исклучителна серија на објави за да од проследувачите биде бележан и како исклучително оригинален композитор кој бил инспириран од балканскиот фолклор. Впрочем, посегањето по музиките и ритмите на ова наше поднебје придонело многу во изградбата на неговата репутација во светот.

Критиката тогаш, а и денес, потенцира дека „Гојковиќ е музичар со огромна енергија, врвен импровизатор и лиричар што пораснал на традицијата на мејнстрим џезот и би-бапот“.

А, кога сме веќе кај енергијата, витален и во годините кога мнозина само би си ја грицкале „пензијата“ и шеретски би прикажувале за „старите добри времиња“, Душко Гојковиќ и на крајот од својата осма деценија од животот, помеѓу два концерта на две различни глобални дестинации, за себе знае да каже:

„Јас сум џез-музичар. Никогаш во животот не сум правел компромиси. Мојот живот се џезот и музиката. И денес вежбам секој ден. И денес секоја средба со публиката е посебна инспирација како и во времето кога почнував во 1950-тите. Во прашање се енергијата, концентрацијата и секако, самодисциплината.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG