Достапни линкови

Зошто фиксен курс на денарот?


Зошто со години Народната банка и владата инсистираат на фиксен курс на денарот и покрај тоа што според законот за девизно работење, тој треба да се формира слободно. Според експертите, време е да се спроведе флексибилен курс на денарот, кој ќе помогне да се зголеми економскиот раст и извозот, а ќе привлече и повеќе странски инвеститори во земјава. Тие предлагаат низа мерки како да се изврши корекцијата на вредноста на нашата валута без да и се предизвика штета на домашната економија.

Курсот на девизниот пазар се формира слободно. Ова го налага законот за девизно работење кој во изминативе години не го почитуваат Народната банка и владата, бидејќи водат политика на фиксен курс на денарот во однос на еврото. Македонија има склучено пакт со еврото и години наназад европската влаута се продава по иста вредност. Па се поставува прашањето дали е време постепено да се воведе флексибилен курс и какви штети на стопанството му нанесува политиката на преценетиот денар.

Од балканските земји, Словенија пред да го воведе еврото имаше променлив курс на валутата, а различни модели на флексибилен девизен курс имаат и Албанија, Хрватска и Србија. За граѓаните, курсот на денарот треба да остане ист, но само ако не се менуваат цените.

„Нормално така нека остане исто, ако случајно падне, полошо за нас. Добро си е, само малку цените да паднат долу, тоа е битно, ама ќе биде подобро јас мислам.“

„Еврото стои, а цените астрономски.“

„Добар е и вака да остане, само не знам како ќе го сочуваме курсот.“

НБРМ и владата немаат храброст


Поранешниот гуверенер Љубе Трпески вели дека политиката на Народната банка и на владата е во насока да се зачува фиксниот курс на денарот, поради политички, а не економски причини.

„Нема храброст, ниту од страна на владата ниту од страна на НБРМ да се напушти таа стратегија, која во почетокот даде резултати во поглед на смирувањето на цените. Но, секоја релевантна наука во светот кажува дека ако подолго време се применува таа стратегија може да дава негативни резултати и по мене во Македонија дава негативни резултати.“

Економскиот аналитичар Ден Дончев вели дека основната цел на алатките со кои се раководи економијата на една земја, како што е курсот на денарот, треба да биде во функција на економскиот развој и просперитет. Според него, гледано во таа рамка се поставува прашањето дали стабилноста на курсот на денарот имала позитивен ефект во последните години.

„Одговорот тука е дека со просечна реална стапка на БДП од 2,5 отсто во последните 14 години, очигледно дека алатките со кои раководат владите, не само оваа, туку и претходните, не придонеле значајно за поголема стапка на економски раст, кој е единствен начин за подобар стандард на граѓаните.“

Дончев додава дека фиксниот курс на денарот се покажал како неуспешна алатка, бидејќи не е остварена висока стапка на економски раст, кој по десет-петнаесет години, како во другите земји во развој, треба да изнесува на годишно ниво над 7 или 8 отсто.

„Ако Македонија не успее тоа да го прави реално ние немаме начин да се надеваме да ги решиме огромните проблеми со кои е соочена нашата држава, тука мислам пред се на големата стапка на невработеност и сиромаштијата. Но, ниската стапка на економски раст покажува дека алатките со кои раководела државата не придонесуваат кон потребниот економски развој.“

Фиксниот курс - кочничар на развојот

Бизнисменот Зоре Темелковски вели дека Македонија спаѓа во земјите каде малите и средните претпријатија ја сочинуваат домашната економија и на кои им одговара фиксен курс на еден подолг временски период, но тој не смее да се задржи над 12 години.

Флуктуирачки курс - поголем извоз

„Сега е момент да се направи едно поместување на курсот на денарот, бидејќи малите и средни претпријатија во овие кризи дојде до прочистување на фирмите кои се бонитетни и успеаја да го поминат тој тежок период и да станат сериозни економски фактори во државата.“

Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори вели дека за македонските компании е подобро курсот на денарот да биде фиксен во однос на еврото, односно стапката на инфлација да биде на ниско ниво.

„Инфлацијата на малите и средни компании не им одговара никако. Во моментов, нашето стопанство е задолжено кон надвор околу две милијарди евра, тука е некаде бројката и секаква девалвација на денарот би го погодила стопанството силно.“

Како слабата валута може да биде во корист на економијата пример е Кина која не дозволува јуанот да стане силен, бидејќи со тоа се зголемува извозот на земјата. Кинеските производи се евтини и со тоа конкурентни на меѓународниот пазар. Кина поради таквата политика е една од најголемите извозници во светот. Вредноста на валутите беше и тема на разговор на состанокот во Сеул на земјите од групата Г-20 која ја сочинуваат најразвиените економии во светот, околу тоа дали токму Кина и САД со обезвреднување на нивните валути создаваат предност на трговскиот пазар.

Според Трпески, придобивките од фиксниот курс на денарот се тоа што е постигната стабилност на цените и во земјава има долги години наназад инфлација која е во рамките на просекот на европската монетарна унија. Меѓутоа негативно влијае врз развојот на извозот и ја зголемува зависноста од увозот.

„Тоа не може на долг рок да се одвива така или е штетно за Република Македонија. Ние како мала и отворена економија треба да го преструктуираме стопанството од увозно зависно да биде извосно ориентирано само на тој начин ќе можеме да постигнеме добри резултати на економски раст.“

Владимир Глигоров од Виенскиот економски институт вели дека кога курсот е фиксиран толку долго време тешко е тој режим да се смени, бидејќи може да предизвика поголеми штети и нестабилност на домашната економија.

Владимир Глигоров

„Првата причина заради која се фиксира курсот е да се обезбеди стабилност на цените. Тоа во главно е остварено во овој период, откако денарот е фиксиран. Тоа би требало да дисциплинира други елементи на стопанските власти, значи пред се фискалната политика, тоа во Македонија исто главно се постигна.“

Додека, пак, ризик ќе биде неспроведувањето на неопходните реформите за потикнување на економскиот раст, додава Глигоров.

„Тоа е негативен ефект на фиксниот курс, не доведе до некои реформи и како последица стапката на раст во просек е релативно ниска во однос на други земји.“

Фиксен курс - перцепција на стабилност

Единствената придобивка досега е „перцепцијата“ на стабилност која е креирана во јавноста, вели Дончев.

„Тука го користам зборот перцепција како клучен, бидејќи де факто ние немаме економска стабилност, ако гледаме стапка на невработеност 30 насто и стапка на сиромаштија 30 насто. Тогаш чуму стабилен курс на денарот ако нема пристојна плата и месечни примања?“

Една од негативните последици, според него, е зголемувањето на трговскиот дефицит на земјата, вели Дончев.

„Значи се зголеми увозот на добра и услуги многу повеќе од извозот. Една од причините е и курсот на денарот, значи македонските производи континуирано стануваат понеконкурентни во споредба со добрата и услуги кои можат да се увезат од странство.“

Ако курсот избега од контрола - катастрофа

Ако инфлацијата биде до шест отсто, тогаш ослободувањето на курсот на денарот би бил добар за извозно ориентираните компании, вели Чекреџи.

Промени во монетарната политика?

„Тоа би имало позитивен ефект особено за извозните гранки. Но, ако избега од контрола, а тоа лесно може да се случи во Македонија, тогаш сите гранки катастрофално ќе поминат.“

И Темелковски вели дека тоа ќе има одраз врз зголемувањето на извозот, особено кај земјоделските компании.

„Извозните компании кои се предодредија за наоѓање на нови пазари, особено во земјоделието ќе може да сметаат на акумулирање на поголем капитал, а со тоа ќе отворат и нови работни места и ќе отворат и дополнителни засадувања на култури.“

За Дончев, воведувањето на флексибилен курс на денарот треба да биде насочен кон зголемување на конкурентноста на македонските производи на пазарот.

„Целта на политиката на курсот на валутата на една држава, посебно на една мала и сиромашна држава како Република Македонија треба да биде во функција на економски раст и во функција на поддршка на домашните производители и намалување на зависноста од увозот.“

Ослободувањето на курсот на денарот би донел пофлексибилна монетарна политика и би се намалиле каматните стапки со што ќе се заживее економската активност во земјава, вели Трпески.

„Вака, ние водиме монетарна политика која ја води европската централна банка, а не сме членки на европската монетарна унија.“

Постепено до флуктуирачки курс?

Трпески предлага напуштањето на фиксниот курс на денарот во флексибилен да се направи во неколку фази.

„Во првите две години маргините на флуктуирање да бидат плус минус 5 отсто, во наредните две да бидат плус минус десет отсто и после петтата година да се дозволи флуктуирање од 15 отсто колку што бара ЕУ да се стабилизира курсот на валутата која станува членка на ЕУ.“

Според Темелковски, потребни се стимулативни мерки, а со придобивките од европските фондови ќе има можност за благ пораст на курсот на денарот.


„Бидејќи ќе имаме и други извори на средства. Во моментов средствата се врзани за банкарските кредити. И оваа релаксирачка политика која НБРМ постепено ја спроведува ќе даде можност за придвижување на курсот во нагорна линија на денарот кон еврото.“

Според Чекреџи, во моментов институциите немаат капацитет за да спроведат флексибилен курс на денарот и да го држат под контрола.

„Мислиме дека ќе избега од контрола и ќе предизвика огромни штети. Значи, ризикот е преголем за таква монетарна политика и мислам дека такви ризици не ни се потребни.“

Глигоров вели дека една од можностите е да се изврши девалвација на денарот, која досега се покажала како успешна мерка.

„Во тој случај потребни се мерки во фискалната политика да не дојде до забрзување на инфлацијата. Во овој момент стопанстсвото не е во експанзија, тоа е мал ризик.“

А друга да се смени режимот што би било подобро ако се размислува за напуштање на фиксниот курс, додава тој.

„Тогаш мора НБРМ да го смени системот на монетарна политика да се премине на инфлационо таргетирање и тоа подразбира и промени во фискалната политика и уште некои институционални промени.“

Пред неколку денови и Белорусија воведе флексибилен курс на нејзината валута. Белоруската централна банка соопшти дека со таквиот чекор е овозможена ефективна девалвација и комерцијалните банки ќе можат да тргуваат со белоруската валута по курс кој ќе се одредува на пазарот на валути. Флексибилниот курс ќе влијае на работата на банките, но за сега не се познати можните ефекти од оваа одлука во малопродажбата. Девалвацијата на белоруската валута беше препорака од Меѓународната заедница за намалување на негативните ефекти од светската економска криза во белоруската економија.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG