Достапни линкови

logo-print

Обама во Фејсбук! Фејсбук со Обама?


Американскиот претседател Барак Обама ја започна неговата кампања за претседателските избори идната година. Тоа, според посматрачите, се гледа со неговата посета на седиштето на популарниот Фејсбук каде што одговораше на прашања на корисниците на оваа интернет социјална мрежа. Главно за огромниот американски буџетски дефицит.

Претседателот на Соединетите Држави, на настанот што беше директно емитуван на интернет од главната канцеларија на Фејсбук во Пало Алто во Силиконската Долина во Калифорнија, се појави заедно со 26-годишниот основач Марк Цукерберг.

Обама притоа главно се задржа на неговите планови да помогне во заздравувањето на американската економија и во намалувањето на американскиот буџетски дефицит од 1,4 трилиони долари.

„Онаму каде што сè уште чувствувам огромна итност е доведувањето на нашиот дефицит под контрола и тоа на урамнотежен начин. Чувствувам дека тоа треба да се случи додека јас сум претседател. Не сакам тоа да му го оставиме на следниот претседател“, изјави Обама.

Официјални претставници на неговата Демократска партија објавија дека поврзувањето со гласачите преку Фејсбук и другите интернет-страници е од голема важност доколку Обама сака да остане во Белата куќа и по две илјади и дванаесетата година.
Онаму каде што сè уште чувствувам огромна итност е доведувањето на нашиот дефицит под контрола и тоа на урамнотежен начин. Чувствувам дека тоа треба да се случи додека јас сум претседател. Не сакам тоа да му го оставиме на следниот
претседател.


По Фејсбук, Обама, како што е предвидено, ќе биде домаќин на неколку собири во Сан Франциско на кои се очекува да добие финансиска поддршка за неговата изборна кампања.

А токму зауздувањето на буџетските трошоци и заздравувањето на економијата ќе бидат главен дел од таа кампања. Пред посетата на Фејсбук, Обама за ова говореше и во Комјунити колеџот на Северна Вирџинија каде што вети.

„Нема да се откажам додека не ги најдам сите пари кои биле фрлени или непотребно потрошени. Во моментов немаме доволно пари за фрлање.“

Притоа Обама прецизира дека намалувањето на буџетскиот долг ќе се одвива преку кратење на трошоците и повиски даноци за богатите луѓе.


„Ние можеме да го реформираме даночниот код, така што тој ќе биде фер и едноставен, односно износот на данокот што го плаќате нема да зависи од тоа дали можете да најмите сметководител или не. Ние исто така ќе ставиме крај на намалувањето на даноците за најбогатите Американци“, изјави Обама.

Во меѓувреме, вредноста на американскиот долар го достигна најниското ниво спрема еврото во изминативе 15 месеци, односно за едно евро се добиваа долар и 45 центи.

Тоа се објаснува со фактот што американските инвеститори почнале да бараат засолниште во еврото, бидејќи оптимизмот на финансиерите во Соединетите Држави опаѓа.

Тие го избегнуваат американскиот долар кој и натаму е сигурна, но не и многу профитна валута како еврото.

Оваа валута од почетокот на месецот се бара повеќе, затоа што Европската централна банка, во борба против инфлацијата, ги зголеми каматните стапки.

За разлика од неа, Американската централна банка води великодушна монетарна политика со каматна стапка скоро на нулата и со уфрлање пари за поддршка на заздравувањето на стопанството.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG