Достапни линкови

Хрватска, чекор поблиску до ЕУ


Хрватска вчера затвори уште две поглавја во преговорите со Европската унија. Овој потег го отвора патот за завршување на пристапните преговори до јуни годинава. Но, доаѓа и во време кога хрватската поддршка за членство во Унијата бележи големо опаѓање.

Хрватска се приближи до Европската унија со затворање на поглавјата за регионална политика и за земјоделство.

Сите од предвидените 35 поглавија се однесуваат на некое одредено подрачје во кое Хрватска мора да ги хармонизира нејзините закони со европските.

Остануваат уште пет поглавија, од кои за последното или „преостанати прашања“, не се преговара.

Загреб се надева дека ќе ги заврши до крајот на јуни годинава, иако станува збор за комплексни сфери како пазарната конкуренција, рибарството, основните човекови права и финансиите.

Шефот на унгарската дипломатија Јанош Мартоњи, како претседавач на Унијата, е уверен во тоа:

Хрватската премиерка Јадранка Косор

„Претседателството има за цел Хрватска да ги заклучи преговорите до крајот на јуни. Ова е многу амбициозна, но остварлива цел.“

Мартоњи посебно изрази задоволство од тоа што се затворени поглавјата за регионална политика и за земјоделство, бидејќи со нив се покрива речиси 70 отсто од буџетот на Унијата.

Хрватската премиерка Јадранка Косор, оценувајќи дека јуни е дофатлива цел, прецизира дека со овие поглавија Хрватска добива пристап кон сериозни средства на Унијата.
Со влегувањето во Европската унија на хрватското земјоделството ќе му бидат на располагање 373 милиони евра за директни плаќања и дополнителни 352 милиона евра за рурален развој.

„Со влегувањето во Европската унија, на хрватското земјоделството ќе му бидат на располагање 373 милиони евра за директни плаќања и дополнителни 352 милиона евра за рурален развој.“

Што се однесува до поглавјето „регионална политика“, предвидено е на Хрватска да и бидат дадени повеќе од две милијарди евра за првите две години од влезот во Унијата.

Пред извесно време, Европската комисија посочи на недостатоци во судските реформи и борбата против корупцијата во Хрватска и побара реформи во јавната администрација, како и транспарентно финансирање на политичките партии.


Комесарот за проширување Штефан Филе, ги пофали напорите на Загреб во реформа на судството, но одби да шпекулира за одредени датуми.

„Неколку пати јасно посочивме дека прашањето на тајмингот пред се е во рацете на нашите хрватски партнери.“

Сето ова доаѓа во време кога хрватската поддршка на членството во Унијата е на рекордно најниско ниво, само 23 отсто од Хрватите се за влез на земјата во ЕУ.

Анкетата е спроведена откако Хашкиот трибунал осуди двајца поранешни хрватски генерали Анте Готовина и Младен Маркач на повеќегодишни затворски казни за воени злосторства и за протерување на Србите од Хрватска во 1995 година.

Веднаш откако преговорите со Брисел ќе завршат се очекува Хрватска да одржи референдум за пристапување во Унијата.

Процесот на ратификација во парламентите на сите 27 земји членки, доколку не се појават некои проблеми, би требало да потрае околу две години.

Тоа значи дека Хрватска може да стане 28-ма членка на Унијата до 2014 година.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG