Достапни линкови

Два паралелни состаноци за Либија


Бунтовник држи ракета за која тврди дека ја испукале вооружените лојалисти на лидерот Муамар Гадафи

Бунтовник држи ракета за која тврди дека ја испукале вооружените лојалисти на лидерот Муамар Гадафи

Првиот човек на Обединетите нации Бан Ки Мун побара политичко решение за кризата во Либија и прекин на огнот. Генералниот секретар на светската организација го даде апелот на состанокот во организација на Арапската лига, на кој се дискутира за состојбата во северноафриканската земја. Меѓу присутните се и шефот за надворешни работи на Европската унија Кетрин Ештон, претседателот на Африканската унија Жан Пинг и првиот човек на Организацијата на исламски заедници Екмеледин Ишаноглу. Тема на разговор, како што соопшти претставник на Африканската унија, e „имплементација на меѓународен механизам за примирје“. Во меѓувреме, во Берлин се одржува министерски состанок на претставници на 28 земји членки на НАТО. Генералниот секретар на Алијансата Андрес Фог Расмусен најави продолжување на интервенциите во северноафриканската земја, се` додека силите на лидерот Муамар гадафи ги напаѓаат цивилите. Британија и Франција бараат интензивирање на напорите за спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност, додека Германија и Турција се против поморските и воздушните напади. Американскиот државен секретар Хилари Клинтон повтори дека Гадафи треба да се повлече.

Состаноците се одржуваат еден ден по средбата на Меѓународната контакт група во Катар, каде беше договорено обезбедување на финансиска помош за либијските бунтовници.
XS
SM
MD
LG