Достапни линкови

Мора да спречиме Босна да стане втора Либија


Претседателот на ЕК, Баросо, при последната посета на БиХ

Претседателот на ЕК, Баросо, при последната посета на БиХ

Под овој наслов, поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, лорд Педи Ешдаун, наведува дека застрашувачки одекнуваат сугестиите оти таа земја се движи кон распаѓање и конфликт. Затоа, како што додава во написот објавен во Тајмс, западната политика на кревање раце мора да заврши.

Ништо подобро не ја илустрира подложноста на Западот на дефицит на внимание, од хиперактивноста на своите спротивставени политики во однос на Либија и на Босна и Херцеговина. Максимална активност се применува за да се спречи Либија да стане уште една Босна, но пасивност, поради замор, поспаност и едноставно лоша проценка, е одговорот за Босна, која се враќа назад кон статусот на пропадната држава, а можеби и кон конфликт.
Босна, како што наведува лорд Ешдаун, во моментов е составена од два пододдела, наречени ентитети.

Милорад Додик, претседателот на српскиот ентитет во Босна зборува за референдум за отцепување од Босна, знаејќи многу добро дека со еден таков сличен референдум започна босанската војна во 1992 година. Додик не е националист, тој е опортунист кој го користи национализмот за политички цели. Но тогаш исто тоа беше вистината и за Слободан Милошевиќ.

И последиците од однесувањето на Додик се исти како оние во раните деведесетти години, односно зголемување на националистичката реторика и до разгорување на етничките тензии.

Брисел спие, а Вашингтон е расеан!

И така, малку по малку, како што Брисел спие, а Вашингтон е расеан, Босна лизга подлабоко и подлабоко во нефункциониланост, а можеби и во уште полошо. Оваа политика на кревање раце мора да заврши и повторно да се вклучат Европската унија и Соединетите Држави. Тие мора да сторат се што е потребно за да се спречи распаѓањето на Босна и да помогнат во изградбата на целосно функционална држава способна да влезе во Европската унија.

Претседателот на Република Српска Мирослав Додик

Меѓународната заедница глупаво си дозволи да верува дека ја завршила работата во Босна и вниманието го насочи на други делови од светот како Ирак и Авганистан. Има и такви кои шепотат дека Босна треба да се подели. Секако на мирен начин.

Одговорот на тоа е решително не.

Местото е преплавено со оружје и со ветерани кои се уште се во во добра кондиција да се борат, вели Пади Ешдаун додавајќи:

„Едноставно не можам да видам дека Бошњаците ќе дозволат да бидат заробени во мал џеб во централна Босна, изолирани, и уште еднаш изневерени од Европа. Тие не го дозволија тоа ни пред 20 години. Западот има толку многу инвестирано во убедувањето на повеќе од милион бегалци да се вратат во своите домови за повторно да гледаме егзодус во спротивна насока?“

Што тоа ќе каже за нашиот обид да им помогне на Либијците да создадат одржлива демократија на другата страна од Медитеранот, ако не можеме ни да ја консолидираме онаа во рамките на нашите сопствени граници во Европа?, прашува Педи Ешдаун на крајот од својот текст објавен во Тајмс.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG