Достапни линкови

Спорот за името, ирационален


На одбележувањето на 18-годишнината од преговорите за спорот за името, за домашните експерти, ирационалноста на спорот е главна пречка за негово решавање.

Спорот за името е ирационален и тоа е главна причина што и по 18 години нема решение, велат експертите со кои разговаравме.
На денешен ден, пред точно 18 години, Македонија и Грција во Њујорк започнаа преговори за надминување на несогласувањата за името и за тоа кое знаме ќе може да биде истакнато пред седиштето на ОН. Четири дена претходно Македонија стана членка на ОН под привремената референца - поранешна југословенска Република Македонија.
Ирационалноста на спорот е главната пречка за да се дојде до решение.

Професор Стево Пендаровски вели дека спорот тешко се решава затоа што е ирационален и во преговорите има многу емоции.

„Се расправате за име на едниот од нас двајцата. Значи, ако е рационален, знаете кои аргументи ги вложувате и што би добиле за возврат. Овде се расправеме за работа за која во светот не се расправа и практично не знаете како да го почнете ни како да го водите тој процес на преговори за самите вас, за тоа што сте. Значи во суштина, ирационалноста на спорот е главната пречка за да се дојде до решение.“

Ќе најдат ли решение?

Професор Димитар Мирчев вели дека, наспроти почетните очекувања дека спорот ќе се реши за брзо време, испадна дека не е така. Тежина на спорот за името меѓу Македонија и Грција му даваат идентитетските прашања, вели Мирчев.

„На почеток се разговараше само околу името на државата, меѓутоа подоцна се вклучија и други прашања кои не беа предвидени со резолуциите и на Советот за безбедност и на Генералното собрание на ОН, пред се идентитетските прашања и за јазикот, културата, историјата, брендовите итн, постапката дали менување на Устав, референдум и слично, така што сега има една листа на прашања за која многу тешко може да се разговара, барем од наша страна.“
На почеток се разговараше само околу името на државата, меѓутоа подоцна се вклучија и други прашања кои не беа предвидени со резолуциите и на Советот за безбедност и на Генералното собрание на ОН, пред се идентитетските прашања и за јазикот, културата, историјата, брендовите итн, постапката дали менување на Устав, референдум и слично, така што сега има една листа на прашања за која многу тешко може да се разговара барем од наша страна.

Тој вели дека сега е созреан моментот за наоѓање компромис за ова прашање.

„Кристализирани се ставовите на двете страни, за да може да се започне со затворање на тие прашања и конечно со компромис за името.“

Мирчев вели дека најголеми можности за разрешување на спорот имало пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, но Грција ги одби предлозите на посредникот на ОН Метју Нимиц.
Пендаровски, пак, вели дека билатералните односи меѓу Македонија и Грција, во изминативе 18 години, биле најдобри веднаш по потпишувањето на Времената спогодба во 1995 година, и околу 2000 година кога Грците засилено инвестираа во Македонија. Сепак, не можам да видам момент во кој Македонија и Грција биле блиску до решение за името, вели Пендаровски.

„На ниво на поединци, на ниво на нечии емисари, во нечии глави, можеби и кај странски преговарачи можеби постоеле размислувања - сега е моментот бидејќи ставовите се блиски, меѓутоа тоа што ќе се испреговара во четири очи мора да се одобри на многу повисоко ниво и минимум да се ратификува во двата парламента, а до такво ниво ние никогаш не сме биле блиску.“

Во 1995 година, Македонија и Грција ја потпишаа Времената спогодба и земјава, под привремената референца, почна да се зачленува во меѓународните организации... се до Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG