Достапни линкови

Ваши коментари


Бројни коментари од нашите слушатели предизвикува замената на придавката „македонски“ во резолуцијата на ЕП.

„Добро утро, ви се обраќам со официјалниот јазик на БЈРМ!!! Зарем сте изненадени?“ Вака со иронија ја почнува својата порака Владимир Петровски од Скопје како реакција на нашиот текст насловен: „Грчка саботажа - наш пораз“ и како реакција, всушност, на одлуката на Европскиот парламент, под влијание на грчките европратеници придавката македонски пред јазикот, да се замени со официјален јазик на БЈРМ. Петровски реагира и на македонските официјални институции, кои, како што пишува во пораката, имаат голем проблем да ги сфатат пораките од ЕУ до земјава, а сега треба да почнат да ни цртаат за да сфатиме нешто малку.

И слушател потпишан со МНР го критикува комплетниот состав на Министерството, па пишува дека и не треба да се очекува друго кога Милошоски е игнориран и понижен од Груевски, а неговиот заменик Петров е потполно изгубен и без никаква допирна точка со дипломатијата. Тие се луѓе без трунка интегритет и кичма, продадени полтрони кои уништија куп луѓе, додава во својата порака потпишаниот со МНР.

Мајкл се согласува со овој слушател и додава дека македонските политичари не ги интересираат Македонија и Македонците и дека тие не и' служат на државата, туку таа им служи ним, а политичарите се огледало на народот! Има избори, па гласајте, ја завршува пораката Мајкл.

Очигледно претворањето на македонскиот во официјален јазик на БЈРМ што се случи во Европскиот парламент, инаку настан што, за волја на вистината, македонските официјални личности некако го минимизираа со млаки изјави дека тоа не било за изненадување, предизвика, се чини, повеќе реакции кај обичните луѓе, што покажува и бројот на пораките на нашата веб-страница.

Петре од Битола реагира против цитираниот поранешен шеф на дипломатијата и професор по меѓународно право, Денко Малески, па со големи букви пишува дека наши претци се и античките Македонци и Словените и мајмуните во зависност од фокусот на временската скала.

Инаку во анкетата на македонската редакција на Радио Слободна Европа на прашањето, за кого ќе гласате на изборите, нешто повеќе од 50 проценти посетители на веб-страницата се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а околу 25 проценти за СДСМ. 10 проценти не знаат за кого ќе го дадат својот глас.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG