Достапни линкови

Неделен печат


Печат, весници...
Печат, весници...

Начинот на донесување на Изборниот закон, „прочистениот“ избирачки список, финансирањето на партиите - дел од темите во неделениците.


Глобус - Избори без консензус отвораат простор за насилство

Начинот на кој беше донесен новиот Изборен закон - без опозицијата во услови на немање никаков политички дијалог го провоцира Глобус да објави делови од дебатата во Скопје, организирана од невладината Цивил, на која учествуваа повеќе други невладини организации и аналитичари и политичари, за тоа какви избори не' очекуваат. „Избори без консензус отвораат простор за насилство“ - неделникот ја става поентата од дискусиите во наслов, за да наведе дека отсуството на дијалог е видливо и од бојкотот на претставниците на власта на оваа дебата. Притоа се искажани повеќе мислења, главно за прашањата како да се подигне нивото на политичката култура, да се надминат поделбите и да се овозможи политичко помирување, при што поентите на учесниците би можеле да се сведат на тоа дека досега се нема случено да се оди на избори без релаксирани односи помеѓу главните политички ривали, дека имаме голо, недемократско владеење кое не е мониторирано од никого, а најмалку од Парламентот, дека Груевски во однос на условите за изборите се однесувал царистички, во стилот давам-не давам и дека избори под услови само на власта секогаш предизвикуваат сомнеж во точноста на исходот.

Фокус - Колку помалку народ во државава, толку повеќе гласачи на изборите?

Зголемувањето на бројот на гласачите во наводно прочистениот изборен список го поттикнува Фокус да оди со иронично прашање-наслов на својот најнов едиторијал: „Колку помалку народ во државава, толку повеќе гласачи на изборите?“. Заврши времето, пишува авторот, кога ’само у Београду‘, не умираа. Конечно, бесмртноста стигна и во Македонија. Благодарение на Груевски и веселото му друштво, бројот на гласачите во земјава станува се' поголем. Но тоа е така, иронизира Фокус, оти комуњарите не сфаќале дека списокот е жива материја, па така во него живеат и 34 стогодишни старци во скопска Гази Баба. Веројатно од инает, затоа што решиле да живеат се' додека не им се реализираат барем едни предизборни ветувања, па макар тоа траело уште еден век!, завршува неделникот.

Форум - Изборна жетва

Од сега па до 5 јуни ќе не заболат главите од темата избори. И Форум се занимава со неа, поточно со делот на новиот Изборен законик за финансирањето на изборната кампања и медиумското рекламирање - во анализата насловена со „Изборна жетва“. Неделникот тврди дека и на овие избори ќе има неконтролирано трошење пари и влијанија меѓу партиите и бизнис моќниците и обновување на старо-новите ’предбрачни, медиумско-политички договори‘, затоа што и во новите правила се малку прифатени сугестиите на ОБСЕ и искуствата од други земји. Авторот на анализата наведува дека две точки од новиот Закон се особено дискутабилни: можноста фирмите да можат да донираат на партиите 5 отсто од своите вкупни приходи, наместо досегашните лимитирани 20 илјади евра, и неограничениот лимит за донации од медиумите, во форма на попусти за платеното политичко рекламирање. Епа, нека ни е на здравје со полни телевизиски програми со партиски реклами, кои и досега не беа малку!
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG