Достапни линкови

Интервју - Руфи Османи


Десет години од егзистирањето на Охридскиот договор констатираме дека има многу работи кои одат во прилог на мајоризација на дел од граѓаните во Македонија, вели градоначалникот на Гостивар Руфи Османи во Неделното интервју на Радио Слободна Европа. Османи неодамна ја формираше партијата Национална демократска преродба со која ќе настапи на предвремените парламентарни избори.

Г-дине Османи со оглед на тоа дека постојат повеќе партии на Албанците во Македонија, неопходна ли е уште една?

Зошто да не. Таков е демократскиот систем, значи во демократија тоа е плурализам на програми, идеји, таму се соочуваат аргументи за остварените идеали и желби, за неуспехот на оваа битка... Мислам дека постои такво барање во албанскиот политички блок, зошто да не и за сите граѓани на Република Македонија. Ние тука ја најдовме нашата основа и во смисла на тие колективни аспирации кои сеуште не се реализирани, а исто така имаме и многу стремежи во економијата, социјала, образование, за подобар живот. Мислиме дека има потреба, тргнувајќи и од уште еден друг аргумент, а тоа е дека сите албански партии се многу затворени и дефинитивно имаат дефицит на демократски капацитет во нивните редови.

Гледате ли партија со која би нашле заеднички јазик иако велите дека сите албанските партии се стремат кон слични цели?
Зошто да не, јас мислам дека ние ќе мора да дефинираме кои се тие стратегиски цели, кои стратегиски цели на Албанците се компатибилни исто така со стратегиските цели на Македонците, мислам дека со еден конструктивен дијалог, дебата за сите тие т.н. проблематични теми, ставени во контекст на интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ, јас мислам дека можеме да успееме да дојдеме до еден договор кој би бил прифатлив за двете страни и со тоа тие рециклични кризи кои ни се појавуваат во 91, екстремно во 2001, па зошто да не и во 2011 година, да ги затвориме почитувајчќи ги стандардите и вредностите на ЕУ каде што сите ние се стремиме.

Гледате ли партија или опција со која би нашле заеднички јазик?

Апсолутно, ние понудивме можност да тоа се случи после изборите, откако ќе излеземе на фер и демократски избори, тогаш да седнеме, согласно резултатите и да склучиме еден албански пакт, наспроти македонскиот пакт, во смисла на македонско-албанско партнерство, за сите тие тековни несогласувања, но кои можеме преку еден демократски дијалог низ институциите на системот, да ги надминеме.

Води ли ваквата идеја за обединување на албанските партии во еден блок, за нивно окрупнување, кон меѓуетнички јаз?

Напротив, јас мислам дека таа негативна перцепција ќе мора да престане. Објективно постои незадоволство кај Албанците, постои со нивниот политички и правен статус и мислам дека со нашата идеја за институционална федерализација или нетериторијална федерализација ние во спротивно со аспирациите на македонскиот народ да има своја национална држава, таа национална држава би била истовремено и на албанскиот народ кој живее во Македонија, исто така заедно со елементи на консензуална демократија не само за елементи на националниот идентитет, туку особено и за стратегиските одлуки кои се однесуваат на развојот на земјата, за регионалните паритети и за поголема автономија на локално ниво, јас мислам дека овие работи по моделите на мултиетничките држави во ЕУ, можат да се имплементираат и во Македонија во еден разумен временски период.

И кога се навраќаме на Гостиварските настани вие велите дека не му простувате на СДСМ, односно неговиот лидер, а ќе седнете сега на заедничка маса со ДПА која тогаш беше ваша матична партија. Од оваа дистанца сега, кој би ви бил партнер од македонскиот блок?

Нашите ставови се дека ние ќе држиме неутрален став кон македонските
Руфи Османи во разговор со нашиот новинар Мирјана Спасовска
политчки партии, ќе ја почитување волјата на македонските гласачи и во зависност од нашата релевантност на овие избори, во зависност од резултатите во македонскиот политички блок ние сме отворени да разговораме за нашата програма, за нашите аспирации и да најдеме една усогласеност во динамична смисла и во таа насока ние не исклучуваме ниту една партија на Македонците, независно од тој условно кажано, историјат што јас лично го имам, од моето претходно искуство. Едноставно демократијата е тоа, ќе мора да се почитува волјата на гласачите, односно народите кои живеат во Македонија.

За вас приоритет се меѓуетничките теми, зошто е тоа така?

Напротив јас мислам дека на овие избори ќе се направи една европска коалиција во која ќе биде пред се агендата за интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ, економските, социјалните, правните реформи, а зошто да не и тие меѓуетнички реформи, таа меѓуетничка стабилизација, што дефинитивно го нема добиено тој историски одговор преку Охридскиот договор, независно од пропагандата која доаѓа од внатре или од надвор. Едноставно после десет години егзистирање на тој Договор сите ние констатираме дека има многу работи кои одат во прилог на мајоризација на дел од граѓаните и народите во Македонија. Значи ние размислуваме дека една комбинација на економски развој, на борба против криминалот, корупцијата и стабилизирање на овие меѓуетнички односи со еден договор кој би бил прифатлив и за двете страни, тоа би била нашата понуда на овие нови парламентарни избори.

Вие се залагате за нов договор меѓу Македонците и Албанците, што е спротивно од одна што се залага ДУИ која има и најмногу гласови. Постои ли разидување во албанскиот политички блок на оваа тема?

Да сигурно дека постои. Со самиот чин што оваа политичка партија не ја прифати нашата понуда да ние направиме постизборна коалиција откако ќе ги измериме силите политички, значи дека нашите перцепции за статусот на Абанците во Македонија е различен и ценат дека Охридскиот договор е крајна стремеж на Албанците, додека ние мислиме дека тоа не е така, а тоа може да се аргументира со многу анализа, тоа мож да се анализира со постојниот закон на албанскиот јазик, со консензуалната демократија, со локалната автономија, со партиципацијата на Албанците не само во институциите и во капиталните инвестции, сето ова води кон заклучок дека имаме потреба уште еднаш да се преиспитаме за нашите меѓусебни односи и сето тоа да биде во стремеж на стабилизирање на земјата, понатамошен просперитет и конечно дефинирање на овие односи бидејќи никој неможе да гарантира денеска дека Охридскиот договор би бил прифатлив и за идните генерации на Албанците имајќи ги во предвид сите овие недостатоци кои се очигледни и кои се констатирани и од внатрешни и од надворешни чинители.

Тогаш гледате ли окрупнување на албанскиот политички блок со ДУИ или без ДУИ во тој блок?
Едноставно одговорот на ова прашање ќе го добиеме после изборите. Досегашните ставови на поголемите албански политички партии, ДУИ, ДПА и нашата политичка партија одат во насока да ги одмерите силите на изборите, а потоа во зависност од резултатот ќе видиме кои би биле можните коалиции.

Ако сите албански политички партии се стремат кон слична цел тогаш зошто е потребно формирање на нова партија?

Едноставно јас веќе кажав дека тоа се правилата на демократијата, кај нас
постои различност во интерпретирање на нештата, особено кој колку вреди во смисла на политички мандати, ако денес би предложиле една предизборна коалиција сигурно круцијално прашање би било на база на кои резултати ние би ги распределиле мандатите. Имајќи предвид дека ние не сме усогласени во нашите становишта јас предлагам да сето тоа се случи по изборите откако ќе дознаеме кој колку вреди политички и мислам дека со тоа ние добиваме демократски легитимитет кој е многу битен, едностано перцепциите на граѓаните се менуваат од време на време и затоа имаме и циклуси на избори.

Г-дине Османи зошто ви требаше повеќе време за да се појавите повторно во политиката?

Едноставно јас ценев дека моето десет годишно апстинирање од политиката е адекватен период за моето професионално докажување. Граѓаните на Гостивар пред две години побараа јас да се кандидирам како независен кандидат и ми ја дадоа довербата, и врз база на тој резултат и резултатите што јас ги постигнав во овие две години, општина Гостивар е меѓу најуспешните општини во Македонија, значи добив поттик и легитимитет да овој мој проект го издигнам на национално ниво и откако ќе се случат изборите тогаш ќе видиме дали ќе го имаме тој резултат што го преферираме или едностано ќе го имаме резултатот по мерка на гласачите.

Дали со заземањето на вашата градоначалничка функција всушност се зголемија и вашите политички амбиции?
Па апсолутно да, со тоа јас добив легитимитет да продолжам понатаму, да се случеше спротивно на локалните избори можеби денеска и немаше да разговораме за овие теми на кои разговараме.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG