Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници, печат...
Весници, магазини, неделници, печат...

Владиното трошење на парите од народната каса, фрлањето лопати без резултати - дел од темите во неделните печатени изданија.

„Еден пријател ме среќава деновиве, револтиран од тоа што на новите црвени скопски автобуси пишува ’Донација од Владата на РМ‘. Кој уште го купува ова? - ми вели пријателот. Има ли некој што паѓа на овие трикови? Па, нели знаат дека автобусите се купени со наши пари? Како може да биде донација нешто што сум го платил? - гласно прашува пријателот. Во меѓувреме еден друг Фејсбук-пријател редовно потсетува дека не гради Владата туку народот, затоа што се' што се гради, се гради со народни пари. И уште додава дека не купува автобуси Владата туку народот, бидејќи, повторно, тие се платени со буџетски, народни пари. Муабетот ми е, не е така недоветен народот како што мислат политичарите“.

Ова, почитувани, е дел од колумната на најновиот број на Форум насловена „Во име на народот“.

Со истата поента - од името на народот - е и уводникот на Фокус, во која што се поставува наградно прашање за следбениците на пастирот, како што пишува авторот. Каде отидоа трите милијарди евра од буџетот на Македонија? На почетокот, пишува Фокус, лопатарската политика на Груевци даваше резултати кај неукиот дел од народот. За разлика од Бранковци, овие се шинуваа од лопати фрлање. Но, денес, после пет години, и слепците прогледаа, па поставуваат логично прашање: што, всушност, изградија и колку тоа не' чини? Дали вредеше три милијарди евра? Да, толку е потежок петгодишниот буџет на Груевски од буџетот на последната влада на СДСМ. Која не градеше многу, ама затоа, во нашите џебови имавме три милијарди евра повеќе! - извикува на крајот авторот на уводникот во Фокус.

„Од диктатура до демократија“ е насловена една од колумните во Глобус, во која авторот нагласува дека сега задача на опозицијата е: создавање широк општествен опозициски фронт, но со принципи и стратегија за да знае не само да го собори забеганиов режим, туку да знае земјава да ја извлече од сегашниов ужас - тоа е шанса да се придобијат нерешителните граѓани на претстојните предвремени избори. Како прво, треба да се расчисти со зулумите на преродбата, тоа што СДСМ пропушти да го направи во периодот 2002-2006. Второ, да се постигне компромис со Грција за брз влез во НАТО и ЕУ, трето, суштинска демократизација на Македонија, во која клучен столб треба да биде департизацијата, т.е. претворање на државата во професионален сервис во служба на разбудените и компетитивни граѓани. Оти, сериозните проблеми во земјава ќе траат со години, па треба да се создаде слободен простор во кој слободни, храбри и креативни луѓе на подолг рок и на подобро ќе ја менуваат земјата и трајно ќе ги оневозможат сатрапите кои во моментов владеат со Македонија - заклучува авторот на колумната во Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG