Достапни линкови

Интервју - Мирослав Стојановски


Доколку финансиски не се поддржани реформските процеси, не само во Армијата, туку и во која било друга институција, тие ќе бидат забавени или ќе бидат загрозени, изјави началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Мирослав Стојановски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.





Г-дине Стојановски, Македонија веќе неколку години чека за влез во НАТО, во меѓувреме намален е и буџетот на Армијата. Дали со тоа страдаат и реформите во војската коишто треба да се спроведуваат според НАТО стандардите?

Јас би рекол дека страдаат е малку груб збор. Секако дека тоа има влијание, но тоа не е причина Армијата да не ги исполни обврските кои ги има од партнерскиот однос со НАТО. Би сакал да потсетам дека АРМ согласно Уставот има свои надлежности и обврски, дека АРМ е атрибут на независноста и суверенитетот на Македонија и не е никаква тајна дека Армијата во изминатиот периот е успешна институција, но тоа незначи дека во неа не треба да се инвестира. Во секој случај буџетот влијае на процесот на модернизација и осовременување, можам слободно да кажам дека последните години тој е успорен и без оглед на тоа која политичка партија се наоѓа на власт, ќе си земам за слобода тоа и да го кажам, потребно е да се посвети поголемо влијание на одбраната, од причини што е одбраната е пред се гарант на безбедноста и суверенитетот на една држава.

Велите ,,страдање" е тежок збор, споменавте дека намалениот буџет влијае врз модернизацијата. Како сето тоа влијае врз војничкиот стандард?

Кога се работи за извршување на задачите што ги има Армијата на Република Македонија, тоа има свое влијание, но не во толкава мерка да не ги извршуваме квалитетно поставените наменски задачи. Морам да кажам дека персоналот на Армијата е движечката сила во реформските процеси и од тие причини мора да ги има неопходните услови, каде што значајно место секако зазема и стандардот за живот и работа како во воените објекти, така и надвор од нив, и од тие причини заслужуваат поголемо внимание затоа што тие се и заслужни за постигнатите резултати.

Во јавноста се појавија шпекулации дека намалениот буџет на Армијата влијае врз извршувањето на редовните обврски, како што е на пример редовно плаќање на струјата. Точно ли е тоа?

Па мислам дека за разлика од другите институции, Министерството за одбрана на време ги подмирува сметките за она што значи комунални услуги и сето останато, ако мислите на тоа... Меѓутоа јас ќе се навратам на тоа дека Армијата извршува голем број на задачи, редовни и вонредни, коишто пред се наменски, значи поврзани со нашата професија, од друга страна АРМ во однос на сите други владини институции дава асистенција и помош и на владините институции, на локалната самоуправа, на здруженија на граѓани, на невладини организации, меѓутоа мора да повторам дека не се поставува прашањето на редовно извршување на задачите. Имаат влијание сите овие надворешни фактори што ги споменавте, меѓутоа не во голема мерка.

Дали Армијата е во втор план во однос на МВР имајќи ги во предвид пониските плати на војниците и помалиот буџет на АРМ во однос на МВР?

Видете јас не би го коментирал тоа од таа гледна точка, дека една институција добива повеќе од другата, факт е дека и двете институции имаа своја улога во безбедносниот, а Армијата и во одбранбениот сектор и дека е потребно системот да посвети внимание и на едната и на другата институција бидејќи и двете се многу тесно поврзани, посебно кога се работи за некакви специфични ситиуации во кои и двете институции би биле ангажирани. Оттаму ние на нашите редовни реферирања укажуваме на тоа какво влијание би можело да има намалувањето на буџетот, посебно кога се работи за развој на Армијата на среднорочен и долгорочен план и доколку не се посвети внимание на ова може да се случи во наредниот период да настанат и одредени проблеми.

Какви проблеми?

Па проблеми во смисла дека Армијата е навистина специфична институција, специфична во смисла дека е еден од носечките столбови кога се работи за реформските процеси. Нашето приближување кон НАТО пред се и во многу зависи од реформите во одбранбениот сектор. Доколку финансиски не се подржани реформските процеси не само во Армијата, и во било која друга институција, тие ќе бидат успорени или ќе бидат загрозени. Искрено се надевам врз основа на проекциите кои се направени за растот на БДП во наредниот период, дека тоа нема да се случи и дека буџетот за Армијата во наредниот период ќе расте и ќе се врати на оние позиции кои ги имавме пред многу години.


Како се одразува врз АРМ тоа што Македонија не е членка на НАТО?

Јас морам да кажам и да бидам искрен, бидејќи и јас сум дел од тој процес, дека можеби полека е забележителен замор и едно незадоволство кај припадниците на Армијата заради тоа што од еден непринципиелен однос од нашиот јужен сосед поврзан со познатиот проблем со името, она што ние се изборивме да го добиме како заслужена награда за сите напори кои се вложени во процесот на приближување кон НАТО - сеуште не сме полноправна членка на НАТО, меѓутоа ние немаме многу време да се занимаваме со тој замор и разочараност од причини што носиме голема одговорност, од причини што сме дел од реформските процеси не само во Македонија туку и во НАТО, и оттаму многу ќе зависи нашето идно членство во Алијансата од тоа што Армијата ќе го преземе во делот на исполнување на преземените обврски.

Дали Македонија успеа политички да го валоризира учеството во мисиите во светот?

Со што го валоризиравме со суштина ние тој партнерски однос со НАТО, пред се преку нашето учество во мисии покажавме дека Македонија е препознаен и сериозен партнер. Тоа препознаен се гледа врз основа на односот што земјите членки на НАТО го имаат во однос на нашето учество пред се во мисии надвор од Македонија, значи се работи за мисии со висок ризик каде што припадниците на Армијата секојдневно се изложени на опасности по нивните животи и здравје. Нашето учество во мисиите воопшто не е симболично, до овој момент вклучувајќи ги контингентите кои ги имаме распоредено во три мисии надвор од Македонија незаборавајќи ја и мисијата во Македонија, повеќе од една третина од вкупната бројна сосотјба на припадниците на Армијата, земале учество во мисии надвор од Македонија. Нашите војници се конкурентни, ако може да се искористи еден таков економски или спортски термин, меѓутоа навистина се конкурентни според она што го имаат како знаење, како вештини и она што го покажале на терен, дека по ништо не заостануваат од другите Армии од земјите членки на НАТО.

До каде е идејата за заедничка Балканска мисија во Авганистан. Како тоа ќе се реализира и како би се финансирала?

Значи, Република Хрватска го иницираше ова како проект, школото е веќе воспоставено во Авганистан, се покажа голем интерес од земјите во регионот бидејќи се работи за мултинационален состав да учествуваат и конкретно во рамките на тоа школо. Кај нас во Република Македонија постои политичка волја да припадниците на Армијата земат учество во тоа школо на воена полиција, во Армијата се направени конкретни проценки и Армијата има можности и капацитети да испрати свој персонал во таа мисија, во секој случај ова ќе биде пред се потврда за добрата регионална соработка помеѓу државите и ќе биде уште еден нов пример за формирање на комбинирани состави од причини што е многу полесно за секоја држава кога се делат капацитетите и се формираат поголеми состави на тој начин и трошоците за учество во мисија се помали во однос на индивидувалното учество на државите во вакви инцијативи.

Вие станавте почесен член на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт. Дали може да се случи генерал потполковник Мирослав Стојановски да стане врховен командант. Имате ли политички амбиции на пример да станете претседателски кандидат?

Добро, ќе бидам искрен малку не чудно туку изненадувачко прашање, бидејќи и во минатото кога сум бил припадник и на друга Армија никогаш не сум размилсувал за тоа дека ќе се одлучам за политички ангажман од причини што припадноста на Армијата не подразбира такво нешто и се залагам со сите сили заедно со своите соработници, Армијата да остане деполитизирана институција каде што пред се главна препорака ќе биде квалитетот на персоналот и нивниот професионализам, така што во овој момент воопшто не размислувам за такво нешто. Сеуште има незавршени работи во Армијата и се надевам дека и после моето заминување од оваа должност ќе бидам во можност да помогнам на сите оние кои се заинтересирани за една таква помош за реформските процеси успешно да продолжат. Од самиот почеток сум вклучен во партнерската програма и Република Македонија благодарејќи на таа соработка со Националната гарда на Вермонт во Армијата на Македонија, доби навистина добар партнер, партнер кој придонесе во изминативе години Македонија да биде навистина поуспешна, поголема, помоќна.. кога зборувам за помоќна немислам на бројот на војници и опремата која ја имаме, туку во смисла на тоа дека е многу поискусна отколку на почетоците во 90-тите години и круна на нашата заедничка соработка е нашето заедничко учество во Авганистан каде што нашите припадници девет месеци беа заедно со Националната гарда на Вермонт.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG