Достапни линкови

НАТО - „Унифициран заштитник“ над Либија


НАТО соопшти дека ги презеде воздушните операции над Либија. Бунтовниците нема да се вооружуваат, изјави генералниот секретар на Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен изјави дека Алијансата не ги подржува предлозите на САД и Британија за вооружување на либијските бунтовници. Расмусен, при своето обраќање во Стокхолм, повтори дека мандатот на НАТО е да ги заштити цивилите од нападите на силите лојални на лидерот Моамар Гадафи.

Андрес Фог Расмусен денеска во Стокхолм

„Што се однесува до НАТО, ние во целост ќе ја имплементираме резолуцијата на Обединетите нации во која се предвидува охрабрување на ембарго на оружје, а тоа подразбира стопирање на протокот на оружје во Либија. Алијансата во целост ќе ја подржува таа одредба на резолуцијата. Ние сме таму за да го заштитиме либијскиот народ а не да го наоружуваме“, рече Расмусен.

Инаку, денеска северноатланската алијанса ја презема контролата на нападите над северноафриканската земја и продолжи со предвидените активности, кои во оваа фаза се водат под називот „Унифициран заштитник“. Мисијата значи воспоставување зона на забранети летови, ембарго за оружје за Либија и заштита на цивилите од нападите на трупите на Гадафи.

Проверка на информациите за цивилни жртви


Пред обрраќањето на генералниот секретар, НАТО соопшти дека ги истражува извештаите за цивилни жртви во воздушните напади во главниот град во западниот дел на Либија. Претходно Џовани Иноцензо Мартинели, претставник на Ватикан во либискиот главен град изјави дека најмалку 40 цивили загинале во воздушните напади на западните сили. Претставник на Алијансата денеска потврди дека за сега нема информации за потврда на ваквите изјави.

Либиските власти однесоа странски репортери до местата каде тврдеа дека имало цивилни жртви од воздушните напади на меѓународната коалиција, но немаше видливи докази за нивните тврдења.

Нови судири

Либиските бунтовници денеска беа нападнати во областа меѓу градовите Брега и Аџдабија. Лојалистите на Гадафи со тешка артилерија и тенкови им се спротиставија на приврзаниците на опозицијата кои се обидоа повторно да го запоседнат градот Мисрата, населено место кое до неодамна беше под бунтовничка власт.

Режимот на Гадафи „се распаѓа одвнатре“

Либискиот министер за надворешни работи Муса Куса се наоѓа во Британија, бидејќи повеќе не сакал да работи под режимот на либискиот лидер Моамер Гадафи. Британското министерство за надворешни работи соопшти дека тој вчера пристигнал во земјата, при што со часови разговарал со властите. Неговата одлука доаѓа по повлекувањето на бунтовниците од засолништата покрај источниот брег, бидејќи војската на Гадафи напредува.

Вилјам Хејг денеска на прес конференцијата во Лондон

Пребегнувањето на либискиот министер за надворешни работи во Британија покажува дека режимот на лидерот Моамар Гадафи се распаѓа одвнатре, изјави британскиот секретар за надворешни работи. Вилјам Хејг дополни дека неговиот колега Муса Куса изјавил оти ќе отстапи од функцијата.

„Разговараме со него за ова и ќе соопштиме детали. Ги охрабруваме и другите околу Гадафи да го напуштат и да придонесат кон подобра политичка иднина за Либија“, изјави Хејг.

На Куса не му бил понуден имунитет од британското меѓународно обвинителство.
XS
SM
MD
LG