Достапни линкови

По 20 години во Македонија се одржа хокеј натпревар. Амбицијата на федерацијата е да се направи квалитетен клуб – репрезентација

По дводецениска пауза, во неделата во Македонија се одигра натпревар во хокеј на мраз. За волја на вистината пријателскиот меч меѓу Македонија и хокејари од Бугарија се играше на вештачка подлога на новоотвореното игралиште пред салата „Борис Трајковски“. Сепак и тоа беше доволно за старт на проектот за возобновување на македонскиот хокеј. Тој проект беше најавен пред 10 години со формирањето на Хокеарската федерација на Македонија, но од икс причини, дури сега се создадоа услови за конкретни активности. Најголеми заслуги за тоа има групата ентузијасти предводени од претседателот на Федерацијата, Никола Тасев, кому адут за оптимизам дека имаме потенцијал за развој на овој спорт му влева постојаното зголемување на бројката на заинтересирани за тренинзи на лизгалиштето на Кале.

„На првиот тренинг на школото дојдоа 4, на вториот 7 луѓе, кога дојдовме до десет луѓе бевме пресреќни. Дојдовме до бројка од 30-тина лица кои тренираат“, изјави Тасев.

Покрај него, во моментов најангажирани се тренерот Томе Андоновски и тројцата тренери од Русија кои работат со хокеарите. Нивна заедничка цел е создавање силен хокеј тим.

„Да направиме клуб репрезентација, еден јак клуб кој ќе игра во регионална лига и ќе биде репрезентација во исто време“, додаде Тасев.

Според него, во националниот тим ќе бидат ангажирани и професионалци од САД и Канада, кои потекнуваат од Македонија. Но, под услов веќе да имаат државјанство, бидејќи во спротивно, според правилото на Светската федерација, пред да станат репрезентативци ќе мора две години да настапуваат во нашето првенство. Затоа за нас сега најзначаен е стартот на македонската лига, што треба да се случи кон средината на април и тоа со натпревари меѓу 4 екипи.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG